16 Април, 2024
0.0370

Животот е битка во која злото е дрско, силно и победнички настроено

Објавено во: Колумни 24 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Ова не е свет на мир, убавина и непристрасна рационалност, туку како што напишал Хенри Џејмс - "животот е битка во кое злото е дрско и силно, убавината е волшебна, но ретка, добрината е предодредена да се толкува како слабост, лудоста предодредена да пркоси, но злобата излегува како победник и просечните се на одлични, разумните на без значајни места во општеството, а човештвото во принцип е несреќно. Сепак, светот каков што е не е ограничена илузија, не е фантазија, не е лош кошмар по кој се будиме и не можеме да го заборавиме, ниту да го негираме, уште помалку да го укинеме или прекинеме".

Зарем ова не е потврда на онаа на Јов - "дали човековиот живот на земјата не претставува војување?!".

Дизраели сето тоа го сублимира во една реченица - "политичкиот живот мора да го прифатите таков каков сте го затекнале". *1
Има ли некој што денес не може да се препознае во ставовите на Џејмс, на Јов или на Дизраели?! Не верувам, но верувам дека има многумина што не сакаат дури ни себе си да си го признаат тоа спознание.

Се прашувате ли колку сме слободни...сте размислувале ли за понизноста кон работодавецот од страв да не го загубите работното место и да ризикувате на крајот од месецот да не однесете дома триста евра од кои ќе треба да ги платите сите сметки, да имате за храна, за облека?! А ќе ви стигнат ли?! Европска ни е работната недела, но не и платата за истиот или приближно истиот труд.

Каде ви е приватноста, кога имате паметен телефон и секој во секое време може да ве лоцира каде сте, да ги види сите ваши фотографии, кој што напишал за вас, што вие сте кажале, да ги оставиме овие со големите уши што многу повеќе ги интересираат туѓите животи за сопствени цели - уцени, рекет, берзантски тргувања и слично?!
Дали можете да си дозволите да го школувате вашето дете, да му понудите шанса да го заземе своето место под пазарното ни сонце на умови за да се позиционира на вистинското место, не заради тоа што некој од неговите се претплатил на тоа место, не заради тоа што партијата или некој близок моќник од разни побуди незаслужено му го подарил, туку затоа што во рамноправен натпревар со другите тој го заслужил?!
Дали можете да си дозволите бојлерот во секое време да ви има топла вода, да зготвите или машината за перење алишта да ја пуштате во кое било време или можеби чекате ефтина тарифа на струја за тоа да го сторите?!

Дали сте отишле на одмор во хотел барем десетина дена да се опуштите и живеете живот како од филмовите или секоја година со автобус или возило, наполнето со домати, пиперки, сирење и сувомеснати производи одите на одмор од кој финансиските трауми ги чувствувате наредните неколку месеци?!

Дали редовно посетувате лекар, знаејќи при тоа дека и покрај вашиот термин ќе морате да ги чекате оние прекуредните, а и покрај тоа што цел живот плаќате здравствено осигурување, ќе мора да ја платите интервенцијата?! Кога последен пат сте биле на стоматолог, а забалото од дамна ви е преполовено, но немате пари ниту за мостови, а камо ли за имплантанти?!

Греете една или две простории на дрва затоа што е скапо да го загревате целиот дом (ако го имате) на струја или на парно?! Да, знаете дека еколошки парното греење и она на струја е чисто и здраво, но сознанието не вреди многу во распределбата на оние триста евра кои се земаат на крајот од месецот а се викаат плата, награда за трудот.
Дали случајно немате кредит за кој едвај успевате да обезбедите средства да го платите месечниот ануитет или можеби немате искуство со некој нотар или извршител?!
Колку луѓе познавате од вашето опкружување што сето горе не е нивна секојдневна борба?! Тие што ги знаете, и тие водат битка, но нивната цел е поинаква од таа вашата. Додека најголемиот број луѓе бие битка со цел да го преживеат денот, целта на другите е работите да останат непроменети.

Вака изгледа нашата реална слобода драги мои избрани, именувани, поставени и преплатени! Тој и таков е животот на нашите граѓани кои од немај каде останале во земјава, секојневно слушајќи кој колку легално украл од државните пари низ разни форми на патни трошоци, службени патувања, членување во комисии, работни тела, управни и надзорни одбори. За каква и за чија тоа слобода говорите?!
Затоа уште еднаш прашањето од почетокот, дали граѓаните се чувствуваат слободни, дали се среќни и опуштено уживате во благодетите на сопствената приватност, или водат секојдневна битка за да преживеат, да изградат принципи на почит кон општествените вредности и да ги изведат своите деца на вистинскиот пат во овој неправеден свет?! Свет во кој животот се сведува на надеж дека во утрешната битка можеби ќе бидеме поуспешни, но ноќта не само што е црна, туку го носи и разочарувањето дека ништо не се сменило со изминатиот ден, дека мозокот катаден до вриење се преперува со политика од едни и од други, а се плакни со ефтини турски серии, со чемер и јад, во стилот на народната - молчи, претходните беа полоши, а бога ми има и бетер!

Е драги мои, се додека има и бетер, некаде на друго место многу подобро и поквалитетно се живее. Политиката е тука да ги држи луѓето под контрола, да ги етикетира како наши и ваши, да им го замаглува видот за самите себе да се убедат дека јаремот што го носат и не е така страшен, затоа што скраја било, има и бетер, затоа што постојано бетерот го покажуваат, а никако да покажат и да тргнат и да поведат кон повисоките цели, стандарди и достигнувања.

Исправете се, погледнете се во огледало, погледнете ги вашите блиски, партнерот, партнерката, своите деца, зачекорете со крената глава кон сопствената слобода, таа е во вас и мора да се изборите за неа тука, на родната грутка и сега, без одлагање, затоа што тоа им го должиме на генерациите што доаѓаат после нас, а тие мора да знаат и кои се и што се, мора да научат дека слободата е обврска, а не право кое ним им го должиме.

*1 Saul Alinski - "Rules for Radicals", цитат

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?