17 Ноември, 2019
0.0312

Зошто „радар не го фаќа“ новиот акционер во „Макошпед“?

Објавено во: Економија 10 Септември, 2018

Инвеститор за 110.700 евра купи 38.000 акции во „Макошпед“ во една блок трансакција. Тоа е околу 4,8 отсто од акционерската главнива и ако веќе немал претходно акции во оваа компанија името на новиот акционер за јавноста ќе остане тајна. Зошто купил? Можеби затоа што „Макошпед“ на полугодие има профит од 90.000 евра и затоа што е најголем акционер во „Фершпед“ кој годинава има многу подобар резултат од лани?

Деновиве во блок трансакција на берзата беа истргувани 38.000 акции со право на глас во шпедитерската компанија „Макошпед“ по цена од 180 денари за акција. Инвеститор плати околу 110.700 евра за 4,8 отсто од акциите со право на глас. Многу е веројатно дека новиот сопственик ќе остане непознат за јавноста затоа што купената количина акции е под 5 отсто од сите акции што пак е услов нов акционер да биде впишан во јавниот регистар на акционери кои поседуваат најмалку 5 отсто од акциите, согласно со позитивната законска регулатива што ја регулира оваа област.

Слична ситуација имаше и во февруари годинава кога во две блок трансакции беа истргувани 3,9 отсто од акциите во истата компанија – „Макошпед“. Тогаш за нив беа платени околу 115.000 евра. Повеќе на следниот линк https://faktor.mk/-shto-treba-da-znaesh-pa-da-vlozish-115000-evra-za-grst-akcii-vo-makoshped

Ако се претпостави дека трансакциите за трансфер на сопственост во февруари и сега немаат меѓусебна поврзаност, но сопствениците на акции ќе имаат исти ставови за одредени прашања кои ги засегаат акционерите тогаш може да се најде логично оправдување за купувањата акции.

Каква е распределбата на силите?

Во акционерската структура на „Макошпед“ сега има три големи акционери. Најголем е скопската компанија „Ултимус“ која поседува 23,89 отсто од акциите, па следува „Мепком“ со 19 отсто и трета е скопската угостителска фирма „Уготур“ со 15,11 отсто од акциите. „Макошпед“ во сопствен откуп има 10 отсто од акциите. Тие се без право на глас и без право на дивиденда. 

Што е „тајното оружје“ на „Макошпед“?

„Макошпед“ е релативно мал субјект на пазарот со шпедитерски услуги во земјава. За да се сфати најдобро значењето на „Макошпед“ во одредениот контекст т.е. во шпедитерскиот бизнис важно е следното: „Макошпед“ е најголем поединечен акционер во „Фершпед“ – најголемата шпедитерска компанија во Македонија. Ова значи дека кој има контрола врз „Макошпед“ значајно учествува односно се прашува и при носењето на важни акционерски одлуки во „Фершпед“. Според официјалните податоци „Макопшпед“ има 12,9 отсто од акциите со право на глас во „Фершпед“. Синовите на Штерјо Наков поранешниот долгогодишен прв човек на „Фершпед“ се следни на листата акционери: Драган Наков има 11,83 отсто од акциите, а Сашо Наков поседува 11,04 отсто. Кондиторската компанија „Европа“ има 8,17 отсто, а фирмата „Супер Х Трејд“ контролира 6,76 отсто од акциите. Во сопствен откуп „Фершпед“ поседува 9,99 отсто од акциите кои во овие услови се без право на глас и без право на дивиденда.

Значајно за „Макошпед“ е и тоа што има голема дискрепанца меѓу пазарната цена на акција и нејзината книговодствена вредност. Поточно книговодствената вредност е за речиси 5 пати поголема од нејзината последна пазарна цена.

Како работеше „Макошпед“ во првите шест месеци?

Компанијата во првите шест месеци годинава работи значајно подобро од тоа што го работеше во истиот период лани. Очигледно дека големата промена во менаџментот дава резултат од аспект на податоците во финансиските извештаи. Приходот од продажба пораснал за 22 отсто односно 100.000 евра во споредба со лани и надмина 555.000 евра. Компанијата во овој период успеала за нијанса да ги намали оперативните расходи во споредба со истиот период лани. Тие изнесуваат помалку од 520.000 евра. Оперативната добивка за пола година е околу 45.000 евра. Лани компанијата за првото полугодие имаше оперативна загуба од 70.000 евра. Резултатот е неспоредливо подобар годинава.

Компанијата има позитивен сооднос на финансиските приходи и финансиските расходи и тоа дополнително ја зголемува добивката за 45.000 евра. На полугодие нето добивката е околу 90.000 евра.


Р.Ф .

Можеби ќе ве интересира

За ВМРО-ДПМНЕ покачувањето на минималецот е популистичка мерка

За ВМРО-ДПМНЕ покачувањето на минималецот е популистичка мерка

ГУВЕРНЕРКАТА ГО СЛУША ВУЧИЌ: Србија ги зголеми резервите со злато

ГУВЕРНЕРКАТА ГО СЛУША ВУЧИЌ: Србија ги зголеми резервите со злато

Се спогодија Макпетрол и Владата: Спорот за ГА-МА ќе се реши вонсудски

Се спогодија Макпетрол и Владата: Спорот за ГА-МА ќе се реши вонсудски

Брзи кредити ама, по однапред договорени правила: Сите податоци се на увид на клиентот

Брзи кредити ама, по однапред договорени правила: Сите податоци се на увид на клиентот

ГАЗДИТЕ ДА НЕ СИ ИГРААТ - за минималната плата ќе има и казни

ГАЗДИТЕ ДА НЕ СИ ИГРААТ - за минималната плата ќе има и казни

Како ОКТА направи добивка од 2,6 милиони евра во првите девет месеци

Како ОКТА направи добивка од 2,6 милиони евра во првите девет месеци

МАЛМЕД: Возилата беа вон употреба, затоа ги продаваме

МАЛМЕД: Возилата беа вон употреба, затоа ги продаваме

ОКТА со раст на приходите од продажба во третиот квартал

ОКТА со раст на приходите од продажба во третиот квартал

УТРИНСКИ ФОКУС: Во буџетот има пари и за „рамковните“ вработени

УТРИНСКИ ФОКУС: Во буџетот има пари и за „рамковните“ вработени