Зошто Советот на Европа крена раце од набљудување на изборите во Албанија?
Објавено во: Балкан 26 Јуни, 2019
Советот на Европа ја откажа својата набљудувачка мисија за изборите кои за неколку дена се одржуваат во Албанија.
Тие преземаат ваков потег поради можна опасност од безбедносен аспект, како и поради нејасностите во врска со организирањето на изборите.
Станува збор за мисија на набљудувачи што требаше да ги следи изборите на 30 јуни, на кои опозицијата не учествува, а претседателот Илир Мета потпиша уредба за нивно одложување.
„Одлуката е донесена од страна на Конгресот на регионални и локални власти на Советот на Европа, во согласност со правилата, поради постојаната несигурност во врска со организирањето на локалните избори во Албанија на 30 јуни и поради можните безбедносни ризици во одредени области", информираат со соопштение.
На гласачките ливчиња има вкупно 97 кандидати за градоначалник, вклучително и 11 жени.
Опозицијата е надвор од Парламентот, а Владата е решена да спроведе избори, иако во 35 од 61 општина во трка за градоначалник се само кандидати на коалицијата предводена од владејачката Социјалистичка партија.
На гласачките места ќе има 12.000 полицајци.Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша изјави дека откажувањето на Набљудувачката мисија на Советот на Европа претставува „јасно дистанцирање од еднопартиските фарса избори што сака да ги спроведе премиерот Еди Рама“.
фото Курир.рс