21 Февруари, 2018
0.5119
    ALK 7801.99    -1.64%     BESK 10275    -3%     GRNT 810    -0.06%     KMB 3389.73    -0.22%     MERM 800    -20%     MPT 29500.63    0%     OKTA 3620    0.56%     RMDEN16 94.9    0.11%     RZUS 139    3.73%     SBT 2041    -2.86%     STB 940.85    0.03%     STIL 139.03    -4.1%     TETE 2286.67    2.27%     TKVS 3110    2.98%     TNB 13581.59    -0.42%     TPLF 1649.9    1.35%     TTK 947    -2.97%     UNI 2050    0%

Зошто Русија се потсмева со извештајот „Јатаците на Путин“ ?

Објавено во: Колумни 02 Февруари, 2018

Пред еден месец на овој простор беше најавено дека американската политика кон Русија има нова цел. Тоа е претседателот Владимир Путин. И дека ќе удираат по „јатаците“ на Путин. И тоа преку нови санкции  кои треба да стапат на сила во февруари. А исто така дека тие би биле предизборен поздрав за Путин, на изборите кои треба да се одржат кој ќе излезе на претседателските избори што ќе се одржат во март годинава. Стануваше  збор за мерки од „Закон за спротивставување на противниците на САД со санкции“ или погрубо речено „..за борба со непријателот на САД...“ Овој Закон беше донесен речиси едногласно во Конгресот и Сенатот на САД.

 И навистина во вторникот на 29 јануари Министерството за финансии на САД го објави така наречениот „Кремљовски извештај“ во кој се наброени имињата на луѓе блиски до претседателот на Русија Владимир Путин. Чиновници и бизнисмени против кои можат да бидат воведени санкции. Во списокот има 96 руски олигарси кои „тежат“ над една милијарда долари или според некои проценки вкупно над 500 милијарди долари. Освен нив во списокот има 114 функционери, меѓу кои цела влада на чело со премиерот Димитриј Медведев, па дури и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу , па раководители од претседателовата администрација и раководители на државни компании. Извештајот има и доверлив дел кој не е објавен, а во кој наводно се содржат и мерки за санкции.

И наместо потегот на американското министерство за финансии да биде сфатен како сериозна закана за поединци за кои составувачите на списокот сметале дека се блиски на Путин, тој во Русија, барем јавно, беше предмет на потсмев. Во прв ред од нејаснотиите како е направен списокот. Во него на пример сите вклучени бизнисмени се препишани од списокот на руското издание на Forbes за руски милијардери во 2017 година. Луѓето од администрацијата како да се бирани од прирачникот „Кој е кој во Русија“ или пак, од телефонскиот именик на владата или на претседателовата администрација. Наместо во него да бидат внесени сите „јатаци“ на Путин, тој со бројноста толку е разводенет што  прашање е и дали ќе ја исполни целта. Настрана што во него има милијардери кои се оштетени од руската власт или веќе обанкротени. Или пак кои веќе се под американски санкции. Шеги се правеа и од оние кои не беа вклучени во списокот. А Путин дури изјави:„Слушај, навредливо...“ Како да беше престиж да си во списокот.

По опубликувањето на извештајот се јави и еден експерт кој учествувал во неговата подготовка која траела неколку месеци. Андрес Ослунд од Атлантскиот совет специјалист за Источна Европа изјави дека извештајот е заменет во последен момент. Според него во првата варијанта документот требал да ги содржи имињата на претприемачите и олигарсите,  кои својот имот го заработиле по незаконски пат – со помош на врските со Кремљ. Но во последната минута, некој висок функционер ја фрлил целата работа на експертите и во него ги ставил имињата на сите 210 луѓе од владата, администрацијата на претседтелот и олигарсите. 

Ослунд, кому очигледно не му е сеедно што се случило со извештајот, бидејќи и тој бил дел од него, вели: „ Правејќи го тоа функционерот ги стави на потсмев владините експерти, кои подготвија друг извештај, го направи летоска усвоениот закон за санкции неефективен и ги исмејува целосно санкциите против Русија...Ако овие извадоци од телефонскиот именик на Кремљ имаат некакви последици, тоа ќе биде обединување на руската елита зад Путин, додека авторите на законот (за борба со непријателите на САД) се стремеа да ја разделат таа елита и да им предложат можност на влијателните Руси да живеат безбедно на Запад. Многу бизнисмени од списокот на  Forbes се државјани на други земји и со години живеат надвор од Русија. Властите на САД немаат никакви докази дека тие луѓе направиле какви било нарушувања на правото. Главен добитник од новиот список е претседателот на Русија“. Очигледно Ослунд е огорчен. 

Можеби не колку него, но и на уште еден експерт кој работел на документот не му е сеедно како се одвиваа работите со него. Даниел Фрид од Атлантскиот совет, поранешен координатор на политиката на санкции на Стејт департментот смета дека јавниот-објавениот дел од извештајот е пропуштена можност да се делува убедливо. Според Фрид Министерството за финансии треба да направи убедлива листа, а не во неа да се вклучат сите богати Руси. „Затоа што ако се воведуваат санкции против сите, вие не испраќате никаква порака, освен една – дека сте против Русија. А тоа е глупост. Наша задача не е да се настапува против Русија, наша задача е да се бориме со агресијата на Путин. И јас не сметам дека Русија е Путин, а Путин е Русија. Јас  не сум од оние луѓе кои сметаат дека во Русија не може да има друг владетел, освен современиот цар-реакционер. Јас во тоа не верувам. Сметам дека Русија е способна за нешто друго“, вели Фрид, кој јасно ја поставува американската цел – Путин.

Освен убедлив список Фрид смета дека треба да се води сметка во кои услови ќе се премине од список кон санкции. Дали треба да не се брза, дали треба да се види однесувањето на Русија кон следните избори во САД. Со отворена дискусија за овие прашања да се засилува консензусот во општеството. Но тој не застанува на ова. Тој смета дека потоа треба да се работи со европјаните за на крај да се создаде платформа на обединетиот западен отпор кон руската агресија! 

Осознавајќи ги нејаснотиите на своите намери Министерството за финании веднаш се зафати со појаснување. Па така се дозна дека така наречениот „кремљовски извештај“ има и таен дел во кој што се зборува за идни економски санкции против фигурантите во него. Значи можат да се очекуваат санкции како последица на извештајот, но не се знае кога и како ќе бидат воведени. Можеби за некој ден, а можеби и подоцна...Тајноста на вториот дел од извештајот се правда и со избегнувањето на можноста за извлекување на средства од страна на лицата во списокот, да нема бегство на капиталот, а исто така и да не дојде до протекување на тајни информации. 

Во предвечерието на обнародувањето на извештајот на дел од руската елита како да не и беше сеедно дали ќе се најде во него или не. Сега кога работите станаа појасни тие си го поставуваат прашањето дали ќе бидат опфатени со санкциите. Ставени се на јавен американски надзор и секако нема да им биде сеедно како ќе се развиваат работите. На Москва и е јасно дека нема затоплување на односите со Вашингтон. Дотолку повеќе што и американскиот претседател Доналд Трамп во годишното обраќање пред сенаторите и конгресмените ги нарече Русија и Кина   соперници кои фрлаат предизвик на американските интереси. Оттука и потребата од будност, бидејќи се повеќе се зборува и за санкции поврзани со рускиот државен долг. За Владимир Путин списокот е „непријателски акт“, но нема намера да одговара на него за да не ги влошува односите со САД. Русија и нема некој конкретен одговор на овие санкции. Има најави дека таа со нив ќе се справува во ОН, во Г-20 и во СТО.

Како да се сфати играта на Американците со санкциите?  Тие разбираат само силни и успешни држави. Се друго им служи за поткусурување. Токму затоа Путин, чија девиза е „слабите ги тепаат“, сакаше Русија за да стане држава со која ќе се води дијалог на рамна нога. Во тоа успеа. Исто така руската дипломатија во последниве десет години е супериорна во светот. Американците во недостиг на одговор на таквата дипломатија се повлекоа од дијалог и се расфрлаат со санкции. Исто како да тепаш послаб кога не знаеш и не умееш со зборови да му објасниш и да го убедиш во некои работи. Каде ќе биде излезот на Русија од ваквата политика на САД. Некои велат во Авганистан, каде што ќе настапи во соработка со Кина, Пакистан и Таџикистан. Но не помалку и во Јужна Америка. САД веќе го нагласуваат и се противат на се поголемото руско влијание на тој континент. 

Во сето ова многу е битно како ќе се оствари она што го вели Даниел Фрид – убедувањето на европјаните во правилноста на американската политика против Русија. Создавањето на западна антируска платформа. Досега на САД им успеваше да ги усогласуваат санкциите со ЕУ, но сега како да наидуваат на отпор. А и Европа не е подготвена за таков чекор. Германија се' уште нема влада, Унијата се клати од внатре, Франција не може да направи ништо без Германија. 

Добро е кога Даниел Фрид вели дека треба да се настапува против агресијата на Путин. Но тука е замката. Зад Путин стојат две третини од населението. А со ваквите мерки само му го подигаат рејтингот. Зашто Русија не се 210 олигарси и чиновници, туку над 140 милиони народ. Москва и Санкт Петербург не се Русија. Русија е надвор од овие две метрополи. Своевремено Александар Солженицин по емигрирањето во САД реши да се врати во Русија по падот на комунизмот. Една од причините за враќање беше и односот на Американците кон Русија. Тој тогаш изјави дека мислел оти Американците биле против комунизмот, но не, тие биле против Русија. Оттука и неговата одлука за напуштање на американската демократија.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Ќе бара ли Грција и колективна лоботомија за сите што се чувствуваат Македонци

Ќе бара ли Грција и колективна лоботомија за сите што се чувствуваат Македонци

ШТО Е МАКЕДОНИЈА?

ШТО Е МАКЕДОНИЈА?

Да ги потсетиме функционерите што е тоа морална одговорност

Да ги потсетиме функционерите што е тоа морална одговорност

ПАЗАРНОСТ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

ПАЗАРНОСТ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Бездушни неморални личности

Бездушни неморални личности

Каде згрешивме, дали направивме генерации кои чекаат некој друг да им улови риба, наместо тие самите

Каде згрешивме, дали направивме генерации кои чекаат некој друг да им улови риба, наместо тие самите