03 Мај, 2024
0.0254

Оружје за Украина - пари за САД

Објавено во: Колумни 22 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Претставничкиот дом во саботата ја прекина неизвесноста. Конгресмените го прифатија предлог законот за помош на Украина. И други закони. Сега тој треба да биде усвоен од Сенатот и да биде потпишан од претседателот Џо Бајден. Се очекува тоа да заврши во текот на неделава. Утре во Сенатот, а оттаму да му биде пратен на Бајден, кој веќе најави дека го очекува.

Што гласаа законодавците? Во Претставничкиот дом пред половина година беше пратен предлог закон, да се гласа во пакет, закон за помош на Украина, Израел, Тихоокеанскиот регион(читај Тајван) и за заштита на границите на САД од мигранти. Но во Претставничкот дом  работите „заглавија“. Мораше да поминат месеци во кавги, препукувања, за конечно конгресмените да подготват предлог за четири закони. Еден за помош на Украина, еден за доделување средства за Тихоокеанскиот регион, еден за финансиска помош на Израел  и четвртиот закон за „Мир преку примена на сила во 21. век“. Последниов му дава овластувања на Бајден за воведување на нови санкции против Русија, забрана за размрзнување на замрзнатите руски средства и нивна конфискација во полза на Украина. Беа изгласани вкупно 95 милијарди долари. Како што се пренесува од Вашингтон, за предлог законот за „Мир...сила...во 21. век“ гласале 360 конгресмени, 58 биле против. Законот „за Тајван“ бил поддржан од 385 конгресмени и 34 против. За давање пари на Израел се искажале 366 конгресмени. И, конечно, предлогот за помош на Украина добил 311 гласови. Го поддржале сите демократи и 101 републиканец. Против биле 112 републиканци.

Прекинувањето на неизвесноста околу изгласувањето на законот за помош на Украина дојде по долгите несогласувања на републиканците за него. Но руското напредување на фронтот, изјавите дека Русија ќе ја нападне Европа, постојаното барање помош од страна на Киев, со закана дека ако не се помогне тогаш ќе настрада Европа, а Американците ќе треба во војна да ги праќаат своите деца, постојаниот притисок од Бајден, и сенатори демократи, а како круна неодамнешната средба на  директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, со конгресмените, доведе до пресврт. Politico напиша дека Барнс, пред најавеното гласање во Конгресот на една средба им рекол на конгресмените дека Украина може да ја изгуби војната до крајот на годинава, доколку не ги добие американските пари. „Благодарејќи на импулсот од воената помош, кој ќе помогне, како практично, така и психолошки, Украинците со сигурност ќе можат да издржат до крајот на 2024 година и да ја побијат арогантната пресметка на Путин дека времето е на негова страна“, изјавил Барнс. Во спротивно, според него, постои реален ризик Украинците да ја загубат војната до крајот на 2024 година. Или пак, како минимум, Путин да се најде во положба да може, во суштина, да ги диктира условите за мир, односно политичкото решение. Но Барнс не се задржал само на Русија и Украина. Поддршката на Украина, за него, излегува надвор од рамките од борбата на САД само со Русија. Па така, вели:„ Нашата поддршка на Украина се однесува и на активностите на Шји Џинпинг, таа ќе ги одврати неговите амбиции. Таа тема се однесува и на нашите сојузници и партнери во Индо-тихоокеанскиот регион. Всушност, прашање е колку нашата сигурност и решителност ја препознаваат не само нашите противници, туку и нашите сојузници и партнери“.

ТРАМП ОЛЕСНУВАЧ

Кон сето ова може да се додаде дека целата работа ја олесни и Законот за мобилизација, кој неодамна беше донесен во Украина со кој се заостри прибирањето нови сили во армијата. Тоа од Зеленски го побраа и сенаторите кои беа во посета на Украина пред некоја недела. Нему му беше порачано дека законодавците ќе направат се за помош на Украина, но тие не можат да го зголемат бројот на војниците. А според некои извори неа и се потребни околу 500.000 нови војници.

Целата работа околу помошта на Украина, не помалку, ја олесни и Доналд Трамп. Јавна тајна беше дека тој беше главнит сопирач на усвојувањето на помошта за Украина во Претставничкиот дом, каде што републиканците имаат мнозинство. Мајк Џонсон, првиот човек на Претставничкиот дом е негов поддржувач. И работите се влечкаа се’ додека Џонсон не го подготви новиот план за поединечно гласање на законите. Кај републиканците имаше отпор, па и закани кон Џонсон и неговото решение, но Трамп го прими Џонсон кај него во резиденцијата на Флорида. И му ја олесни работата. На зедничката прес конференција Трамп го пофали дека „врши добра работа...и тоа не е едноставна ситуација за било кој спикер“. А и дека некои што се против Џонсон исто така го почитуваат! Пред некој ден на неговата социјална мрежа TruthSocial напиша:„ Украинското преживување и сила треба да се многу поважни за Европа, отколку за нас, но тоа е важно и за нас. Оваа целосна конфузија е поради итриот Џо Бајден и неспособните демократи, да бев претседател, оваа војна никогаш немаше да започне!“

Реакциите на одлуката на Претставничкиот дом очекувано беа поздравени во Украина. Претседателот Владимир Зеленски му заблагодари на Конгресот и на Мајк Џонсон. Во своето видео обраќање тој рече дека токму таквото американско лидерство е од животна важност за во светот да се сочува меѓународниот поредок, заснован на правила. „Безусловно, ние ќе ја искористиме американската поддршка за да ги зацврстиме двата наши народа и да се доближиме до праведно завршување на оваа војна. Војна, која Путин треба да ја загуби“,  изјави Зеленски. Во изјава за NBC News, тој рече дека помошта од САД ќе и даде шанса на Украина за победа во војната. Победата зависи од тоа кога Украина ќе ја добие помошта, а Зеленски вели дека сега има можност за стабилизирање на ситуацијата и за преземање на иницијативата во војната. А во поглед на конкретните рокови за нејзин крај, тоа ќе зависи кога ќе биде добиена помошта. „Стратегијата за крај на војната треба да се темели не врз зборовите кои ги кажува Путин или луѓе од неговото опкружување, туку врз нешто конкретно врз нешто опипливо за Украина, која е независна и демократска“, изјави Зеленски.

Од Москва се јави Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ. За законот за конфискување на руските замрзнати активи тој рече дека:„ Треба да се видат деталите. Но, ако навистина станува збор за конфискување на нашите активи, САД за тоа ќе одговараат. Москва ќе преземе мерки, кои одговараат на нашите интереси без временско ограничување“. За помошта доделена од САД на Украина, Песков вели дека:„ решението за давање помош на Украина е очекувано и можеше да се прогнозира. Тоа уште повеќе ќе ги збогати САД и уште повеќе ќе ја разори Украина, ќе гинат уште повеќе Украинци“.

Од руското министрство за надворешни работи се јави портпаролот, Марија Захарова, која рече дека САД со давањето помош на Киев се подготвени да го продолжат конфликтот „до последниот Украинец“. „Владејачките елити во САД, независно од партиската припадност се подготвени да го пумпаат режимот во Киев со оружје, за да може тој да војува до последен Украинец“. Освен тоа таа смета дека во Вашингтон се кладат, не на „митска победа“ во конфликтот на украинската армија, туку на тоа украинските воени сили да издржат барем до изборите во Америка „со цел да не се извалка имиџот на сегашниот претседател Џо Бајден“.

ИНВЕСТИЦИЈА ЗА АМЕРИКА

Американскиот државен секретар за одбрана, Лојд Остин, го нарече американскиот пакет за помош на Украина „инвестиција во иднината на Америка“. И на нејзината безбедност. Во изјавата распространета од Пентагон, Остин го поздравува носењето на „критички важното законодавство“ за национална безбедност, кое ќе му помогне на Министерството за одбрана да ги поддржи Украина и Израел, да ја зацврсти безбедноста во Индо-тијхоокеанскиот регион и решително да ги поддржи сојузниците и партнерите на САД ширум светот. „Овој закон е важна инвестиција во иднината на Америка. Давајќи и околу 50 милијарди долари, кои ќе бидат насочени непосредно во одбранбената индустрија, тој ќе создаде добри американски работни места во над 30 држави на САД, а исто така ќе ја зацврсти и нивната безбедност“, нагласи Остин. Според него, Американците се убедени дека современите проблеми ќе се продлабочуваат без силно и стабилно лидерство на САД во унапредувањето на американските клучни интереси за безбедност.

Во Европа и во НАТО го поздравија решението на САД за помош на Украина. И Јенс Столтенберг и Жосеп Борел ја нагласија помошта која и е потребна на Украина за борбата со Русија. Столтенберг смета дека тавите испораки ќе ја зголемат безбедноста на Европаи на Северна Америка. Во Естонија, Шведска и Чешка ја повикаа Европа да не се олабавува после гласањето во САД. Се нагласува потребата ЕУ да го зголеми производството на сопствено оружје и муниција за долгорочно да и’ се помогне на Украина. Исто така и да нема колебања и нерешителност за ефикасна помош на Украина, кои само го

поттикнуваат Кремљ кон натамошна агресија, која чини многу животи. За германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, саботата е „ден за оптимизам за Украина и за европската безбедност“. Минатата недела европските членки на НАТО зборуваа и ветија дека ќе ги зголемат испораките на системи за ПВО на Украина. Се очекува решавачкиот испит за Европа да се случи денес, кога 27 министри за надворешни работи на ЕУ треба да се соберат во Луксембург за да ја испланираат претстојната воена помош на Киев. Дека Европа треба да направи повеќе за Украина, вели и претседателот на европскиот комитет во Будестагот, Антон Хофрајтер. Тој е загрижен дека доделената помош на Украина од САД може да биде и последна. Американската поддршка , според него, беше доста неопределена, гледајќи го долгиот ќорсокак околу утврдувањето на пакетот за помош.

Помошта од САД е доделена. Што значи тоа за Украина? Особено што се чекаше повеќе од половина година. Според изјавата на Лојд Остин, очигледно е дека Украина тешко дека ќе ги добие сите речиси 61 милијарда долари како оружје и парична помош. Над 23 милијарди долари се за пополнување на американските резерви, од кои порано се испорачуваше оружје за Украина. Над 11 милијарди долари се за тековни активности на американските војски во регионот, вклучувајќи обуки на украински војници. Речиси 14 милијарди долари за купување оружје за украинските сили и давање одбранбени услуги.

Јасно е дека една третина од одобрената помош ќе си земат Американците за пополнување на своите испразнети арсенали. Речиси 14 милијарди долари се за купување оружје за Украина. Ако тоа не е произведено досега, тогаш земјата ќе чека неколку месеци да се произведат првите примероци. И 26 милиони долари за продолжување на надзорот и одговорноста за помошта и опремата која се дава на Украина.

Како ќе се одрази сето ова врз војната во Украина? Зеленски е задоволен и во истото интервју за NBC News вели:„ Сега армијата на САД не е потребно да војува да ги заштити членките на НАТО. Со тоа ќе за занимаваат Украинците. А цивилизираниот свет само дава муниција, и јас мислам дека тоа е добро решение“. Но не треба да се има претеран оптимизам. Од американскиот Институт за изучување на војни (ISW)велат дека состојбата на фронтот во наредните недели може да се влоши, дури и да почнат САД да испорачуваат ново оружје. Ова особено ако Русите ги засилат своите напади. Во Украина неодамна изјавија дека Русите сакаат да го освојат Часов Јар, важно стратешко место, до 9 мај. И Wall Street Journal, смета дека новата американска помош „тешко кардинално би ја сменила судбината на Киев“. Од причина што таа не може да го реши главниот проблем на Украина, недостиг на војници. Згора на тоа во моментов „Украина се наоѓа во тешка положба на военото поле и поради успесите кои се постигнати од Русите последниве месеци“. Останува надежта Украинците со новото оружје да ги одбијат руските силни напади и да ја сочуваат територијата, што пак, би и позволило на Украина да ги задржува руските сили се додека европските сојузници не бидат во можност да и дадат дополнителна помош во наредната година.

ВОЈНАТА ПРОДОЛЖУВА

После сето ова, повеќе од очигледно е дека САД во моментов не се за политичко решавање, па подобро е да продолжи војната, а за жртвите нека мислат Русија и Украина. Тоа го кажа и првиот човек на ЦИА. Американците не сакаат, ни како минимум, Путин да се најде во положба да може, во суштина, да ги диктира условите за мир, односно политичкото решение. Одговорот на тоа е продолжување на војната се’ до оној момент кога Украина ќе биде таа која би ги диктирала условите за мир. А кога ќе дојде тој, никој не знае. Германскиот канцелар Олаф Шолц ветува долготрајна војна. Макрон војски на НАТО во Украина.

Зад потегот на Трамп, кој „даде“ зелено светло за  гласање на помошта на Украина, може да стои и негово мислење дека и со неа Украина некаде во септември-октомври би била во неизвесна ситуација. Некои велат дека тој би сакал бесперспективна украинска кампања, а руските сили да дојдат до Киев, токму спроти изборите во САД, што би било голем пораз, не само за украинската влада, туку и за надворешната политика на Џо Бајден.

Зеленски продолжува по старо. Глуми ли глуми. Па вели, дека сега, со новата помош, Украинците ќе ги заштитуваат земјите од НАТО. А тие како да не знаат да се заштитат. Туку влегоа во игра во која мислеа дека лесно ќе ја изиграат, ама сега не знаат како да излезат од неа. Како бабата што плаќала да се фати на оро, а уште повеќе да излезе од него. Зеленски бара цивилизираниот свет само нека дава муниција. Тој заборава пред каков предизвик е. Како да заборави што му порачаа сенаторите во Киев. Да мобилизира што повеќе луѓе и да ја намали возраста на лицата подлежни на мобилизација. За возврат ќе му дадат помош. Му требаат 500 илјади нови војници. САД го исполнија ветувањето и помошта ќе почне да доаѓа. Западот така работи. Ние ќе направиме ова, а ваша внатрешна работа е како ќе го исполните ветеното-мобилизацијата. Ако не исполните, тогаш ваш проблем. А, можеби ќе нема повеќе оружје.

Мобилизацијата во Украина е крената на многу високо ниво. Агитира претседателот, агитираат помошниците, агитираат генералите. Таа е толку политизирана, што одвај беше донесен новиот закон за мобилизација. А ја исклучија од него демобилизацијата. Ќе се носел посебен закон. Војниците кои над две години се во ровови веќе се бунат. Кадровските смени на Зеленски во армијата, сега во владата, наводно да ја има под своја контрола после 20 мај, кога му истекува мандатот, беа измешани со политизирање на секое решение. Демек имал страв од Валериј Залужњи да не му биде против кандидат за претседател поради популарноста кај народот, па го смени од главен командант на армијата и го праќа за амбасадор во Британија. Затоа и препораките до Зеленски „да ја оддели политиката од воените дејства“. И да работи американската помош да се искористи поефикасно.

Во усвоениот предлог закон за помош на Украина има повик претседателот да испорача ракети од далечен дострел. Дали ќе ги испорача не се знае. Но покрај обврската за испорака на такви ракети, стои и можност да не го направи тоа, ако е закана за безбедноста на земјата, но со образложување на причините. Бајден досега одбиваше да испорача во Украина такви ракети. Има во законот и уште една работа која би го нервирала Бајден. Во рок од 45 дена треба да изготви стратегија за Украина. Во неа треба да се каже која е целта на американската поддршка и роковите за поддршка. Ова Белиот дом досега не го правеше сметајќи дека помошта ќе биде неограничена ни по време , ни по количество. И се’ се одвиваше зад кулиси и без објавување на плановите.

Законот за помош на Украина е добредојден за неа. Очигледно САД ја подготвуваат за победа. Останува на Украинците да ја искористат, ако можат, дадената шанса. А помошта уште повеќе значи и за Американците. Најголем дел од парите ќе останат таму или ќе ги добијат нивни компании.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина