19 Мај, 2024
0.0260

Путин почнува нова шестолетка

Објавено во: Колумни 08 Мај, 2024

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин, на почетокот од својата осма деценија, го започнува новиот шестгодишен мандат. Нова шестолетка. Тој на чело на Русија е од почетокот на 21. век. Во меѓувреме еден четиригодишен мандат имаше Димитриј Медведев. Од 2008 до 2012 година.  Новиот мандат на Путин му почнува во  време на голема конфронтација со Западот, кој по руската агресија врз Украина во 2022 година испрати таму големи количества оружје и пари, десетици милијарди долари, за да се брани во војната. Истовремено против Русија се воведени драстични санкции.

Вчера во Андреевската сала на Големиот Кремљевски дворец, на свечена церемонија беше инаугурацијата на Путин, неговата заклетва врз Уставот на Русија. Со тоа започна неговиот петти мандат, кој ќе трае до 2030 година. Путин на изборите во март доби 87,28 проценти од гласовите на избирачите. Колективниот Запад ги осуди изборите како неслободни и неправедни. Но, за волја на вистината и сегашниот рејтинг на Путин, според независниот исражувачки Левада центар, е околу 85 проценти. На инаугурацијата присуствува голем број претставници од јавниот и политичкиот живот на Русија, политчари од странство и дипломати, меѓу кои и неколку претставници на земји членки на ЕУ, Франција, Словачка, Унгарија...Дваесетина членки на ЕУ, решија да ја бојкотираат цермонијата на инаугурацијата. Поделбата во ЕУ околу инаугурацијата, дава сомнеж околу единството во неа, во поглед на Путин, на Русија и војната во Украина.

Инаугурацијата на Путин се одржа на два дена пред најавената голема парада утре, по повод 79 годишнината на победата над фашизмот во Втората светска војна. А само еден ден по наредбата на Путин за воени маневри со користење на тактичко нуклеарно оружје, кои пак на Западот беа наречени „провокација“, која може да доведе до ескалација на ситуацијата во Европа. Патем, во Европа се одржуваат и маневри на НАТО силите. Новиот мандат и релативните успеси на фронтот во Украина сигурно ќе влијаат врз расположението на Путин при следењето на парадата. Особено што ќе се одбележува победата над фашизмот, а Русија ја обвинува Украина за неонацизам. Тоа беше и една од првите прокламирани цели на руската инвазија. Иако во меѓувреме се јавија и други.

БЕЗБЕДНОСТА НАД СЕ’

По давањето заклетва рускиот претседател се обрати до присутните. Во краткото излагање тој нагласи дека и во иднина интересите и безбедноста на народот на Русија за него ќе бидат над се’. „Консолидираната волја на милиони луѓе е колосална сила, сведоштво за нашата заедничка цврста  увереност дека ние сами и само сами ќе ја одредиме судбината на Русија заради денешните и идните поколенија“, рече Путин. Во неговите долгорочни планови над се’ е зачувувањето на луѓето. Тој е уверен дека „поддршката на многувековните семејни вредности и традиции и во иднина ќе ги обединуваат општествените и религиозните заедници, политчките партии и сите нивоа на власта“.

Путин прозборе и за соработката на меѓународен план. „Ќе бидеме отворени кон зацврстување на добрите односи со сите земји, кои гледаат во Русија надежен и чесен партнер. А тоа, навистина, е глобалното мнозинство. Не се откажуваме од дијалог со западните држави. Изборот е нивен: имаат ли намера и понатаму да се обидуваат да го спречуваат развојот на Русија, да продолжат со агресивната политика, притисокот врз нашата земја, кој не е прекинат со години или ќе бараат пат кон соработка и мир“. Тој и овој пат го повтори она што веќе го говорел. „ Разговор, меѓу другото, за прашањата за безбедноста, стратешката стабилност, е можен. Но, не од позиција на сила, без никаква ароганција, надменост и сопствена ексклузивност, туку само под еднакви услови, почитувајќи ги меѓусебните интереси“. Овој дел од излагањето го заврши со укажувањето дека „Со партнерите од евроазиските интеграции, со други суверени центри на развој ќе ја продолжиме работата за создавање на повеќе поларен светски поредок, подеднаков и неделив систем за безбедност“. Русија, очигледно нема да се откаже од оваа цел. Таа инсистира на нов систем на безбедност. И нема да биде спокојна се’ додека не е уверена дека е безбедна.  

Путин излагањето го заврши со порака до народот. „Денес, всушност, одговараме пред нашата илјадагодишна историја и нашите предци. Тие освоија, навидум, недостапни височини, затоа што секогаш  на прво место ја ставаа својата родина, знаеја дека за да се постигнат вистински големи цели е можно само заедно со својата земја и својот народ, и создадоа светска сила, нашата татковина, и постигнаа такви триумфи, кои сè уште не' инспирираат и нас денес. Ние сме обединет и голем народ и заедно ќе ги надминеме сите пречки и ќе ги реализираме сите наши планови. Заедно ќе победиме!

ПУТИН - АЛЕКСАНДАР НЕВСКИ

После церемонијата на инаугурација, Владимир Путин замина во Благовешченскиот сообор во Кремљ, каде што Московскиот патријарх Кирил отслужи благодарствен молебен. Ова е уште една потврда за сраснување на државата и црквата во Русија. Процес кој се одвива поинтензивно со доаѓањето на Путин на власт. Но исто така и процес кој може да создаде и непријаности. После молебенот, како што пренесоа некои медиуми, Рускиот патријарх го потсетил Путин на минатото, но и сегашноста. „Ниту црквата, ниту народот не се обидуваа да ги осудат застрашувачките чекори што беа преземени за доброто на земјата - на пример, кнезот Александар Невски не ги штедеше своите непријатели, но тоа не го спречи да стане светец“, му рекол Патријархот Кирил. Поглаварот на Руската православна црква истакнал дека сега, со голема божја милост, на чело на земјата е човек кој не се срами од својата вера. „Голем број Руси во шефот на државата гледаат не само успешен политичар, туку и многу добар, умен и срдечен човек“, објаснил патријархот. Во исто време, според неговото мислење, таквата „комбинација на љубезност, строгост и принципиелност е онаа слаба точка што понекогаш ги спречува луѓето на власт достоинствено да чекорат по својот животен пат“. Патријархот Кирил истакнал дека има многу светци кои ја воделе државата и „храбро го бранеле својот народ на бојното поле“. Од овие искажувања може да се разбере зошто рускиот патријарх ја поддржува руската агресија врз Украина.

Првата работа што ја направи Путин во својот нов мандат, беше потпишувањето на декретот за Национални цели до 2030 година со перспектива до 2036 година и го укина претходниот декрета за целите од 2024 година.  Националните цели, особено, вклучуваат зачувување на населението и стабилна економија. Ги има речиси дваесетина. Но она што паѓа во очи е перспективата на Националните цели до 2036 година. Дали тоа не значи дека Путин, кому овој мандат ќе му истече во 2030 година, не планира да оди на уште еден мандат кој би завршил токму во 2036 година. Демек, еве ги целите што ги поставив, и јас би сакал да гледам како се остваруваат. Како што тргнал и ова не би требало да се исклучи. Независно дали се во прашање целите или не.

И додека патријархот го благословуваше Путин, стигнаа и критиките од надвор. Сопругата на Алексеј Наваљни, Јулија Наваљнаја, вчера го обвини Путин дека лаже. И дека такви се работите, лажливи, веќе 25 години. И така ќе биде и овој пат. И дека минативе години во Русија се појавија „неколку стотини“ политички затвореници, кои се во затвори во „нечовечки услови“. Дека е засилено гонењето на луѓето со поинакви мислења од власта, а земјата се нашла во меѓународна изолација.

Што ќе биде во иднина? До крајот на годинава работите се јасни. Најверојатно за една недела Путин ќе патува во Кина. Одбележувањето на воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави е најблагата работа што ќе се случи. Путин очекува Џинпинг да реферира за посетата на Париз, средбите со првите луѓе на Франција и на ЕУ, Емануел Макрон и Фон дер Лајен. Главно прашање - војната во Украина. Притисоците врз Кина да ја убеди Русија да направи нешто Украина да го сочува лицето во војната, а заедно со неа и Западот. Но и Русија би сакала да го сочува лицето. Па така многу работи ќе зависат од тоа како Џинпинг гледа на работите после европската турнеја. За него е најважна економијата, но и во случајот со Украина не сака Кина да биде обвинувана за поддршка на Русија. Туку и Западот да си преземе дел од вината за почетокот на војната. За октомври е планиран самит на земјите од БРИКС, покрај, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка на овој самит ќе дојдат и Египет и Обединетите Арапски Емирати. Саудиска Арабија се’ уште не е изјаснета за своето членство, а Аргентина се откажа од него.

НАУЧЕН ПУТИНИЗАМ

На домашен план, прва работа што ќе се случи е изборот на нова влада. Сегашната, од вчера е во оставка. Засега не се најавуваат кардинални промени. Иако има некои шпекулации. Но Русија сега не е во ситуација да експериментира со влечкање на работите. Па затоа и изборот на новата влада ќе биде брз. Во Државната дума се’ ќе оди по скратена постапка. И со новата влада Русија ќе продолжи со својата политика – трагање по безбедност. По било која цена. Сега е војната во Украина. Но никој не знае до каде ќе оди Западот и дали е подготвен да разговара со Русија за нејзината безбедност. Во декември 2021 година таквото руско барање беше отфрлено од САД и НАТО.

Сраснувањето на црквата и државата може да и донесе проблеми на Русија. Дали тоа значи дека на чело на државата мора да биде само православен Русин? Околу 17 до 20 проценти од населението во Русија се муслимани. Сигурно и таму има подготвени и способни кадри да ја водат државата. Путин инсистира на единство и стално го споменува рускиот јазик, како работа која ги обединува сите Руси, независно од верата. Не ја спомнува црквата. Но, патријархот Кирил се повеќе се јавува во јавноста и се добива впечаток дека ја потхранува суетата на политичарот Путин. Случајно, да не има намера руската црква, кога го споменува Александар Невски и посредно го споредува и Путин со него, во некои идни времиња и него да го прогласи за светец!? Или пак во најмала рака да му подготви царски трон!? Па да ја врати Русија во 19 век. Имало во Русија во минатите години и такви идеи.

Андреј Колесникв, првиот биограф на Путин,  за „Вашингтон пост“, за руската власт вели дека сака да развие научен путинизам, „како основа на пропагандата, како основа на идеологијата, како основа на историското образование“. На властите има треба „послушно ново поколение – идеолошки обработени роботи, кои го поддржуваат Путин, ги поддржуваат неговите идеи, ја поддржуваат милитаризацијата на свеста“. Им треба „топовско месо за во иднина“. Колесников го споменува декретот на Путин од пред војната во Украина, кој повикува преземање мерки за заштита на „традиционалните руски духовни и морални вредности“ и ги нарекол САД директна закана. САД и други непријателски странски држави закана за традиционалните вредности додека Русија на меѓународен план се позиционира како држава чувар и заштитник на традиционалните универзални духовни и морални вредности.

Сето ова зборува дека Путин ќе има уште многу предизвици во неговиот нов мандат. Дека е можна поголема војна на цивилизациите. Па војната во Украина ќе изгледа како мал воен натпревар. Засега Путин личи подготвен за новите предизвици, но се’ нема да зависи од него. Од него ќе зависи економскиот и социјалниот развој на Русија. Колку ќе успее да ги оствари поставените цели до 2036 година. Колку ќе успее да ја направи Русија моќна да се спротивстави на разните сепаратистички сили, кои, барем засега и во догледна иднина, ќе бидат потхранувани од Западот. Кој, пак, исто така има свои планови за Русија. Едни зборуваат да ја распарчат, други да го тргнат Путин, трети и обете работи. Во сето ова најточна е увереноста на Путин искажана во неколку зборови, „ние сами и само сами ќе ја одредиме судбината на Русија, заради денешните и идните поколенија“. Секој од надвор може само да наштети.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе