17 Мај, 2024
0.0330

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Објавено во: Колумни 30 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Пред две недели на овој простор можеше да прочитате за руско-кинеските односи, а поводот беше посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на Кина. Лавров со своите домаќини разговараше за самитите на БРИКС и ШОС(Шангајската организација за соработка), како темел на воспоставување на новиот мултиполарен свет, потоа за посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина и негова средба со кинескиот претседател, Шји Џинпинг, во мај, по повод 75 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, и трето, координација околу најавената меѓународна конференција за мир во Украина во Швајцарија. 

Од посетата на Лавров наваму се случија многу работи кои даваат слобода да се каже дека околу Украина се развиваат паралелни процеси. Оружје и дипломатија. Американскиот Конгрес ја одобри помошта на Украина, Израел и Тајван, германскиот канцелар Олаф Шолц ја посети Кина, државниот секретар Ентони Блинкен пред три дена го напушти Пекинг, а Шји Џинпин се подготвува за европска турнеја, која ќе започне во Франција од наредниот понеделник. За оружјето главни се Американците, Британците и ЕУ, а за дипломатијата сите тие гледаат кон Кина. И секој на свој начин сака да ја убеди да презема нешто за конфликтот во Украина. 

Пред заминување во Кина, канцеларот Олаф Шолц, најави дека неговата средба со Шји, ќе биде посветена на тоа како може да се вложи повеќе во праведен мир во Украина. Но и дека има и многу други теми. 

Ставајќи црта под посетата, тој најави дека Германија ќе ја продолжи воената помош на Украина, но истовремено сака да ги активизира дипломатските напори за завршување на војната почната од Русија. Шолц за време на посетата видел сигнали кои сведочат за широка поддршка и разбирање за неопходноста да се продолжат преговорите почнати во Копенхаген, Џеда, Валета и Давос. На тие средби, претежно, учествуваа претставници, советници за безбедност, на земји кои се блиски до Украина, од ЕУ од НАТО, но и нивни сојузници. На нив се разговараше за начинот на кој треба да се спроведе „Формулата за мир“ на украинскиот претседател, Владимир Зеленски. А тоа значи, како Украина да се врати на границите од 1991 година, како да се наплатат репарации од Русија, како Русите да одговараат за воени злосторства и други периферни точки, според мене, ставени да ја замаглат големата желба на Зеленски.  Сигналите што ги спомна Шолц, се неопходен напредок, „затоа што освен воена поддршка на Украина од страна на Германија и нејзините пријатели и сојузници е и прашањето на дипломатијата – токму тоа сега е во центарот на вниманието...За мене е многу важно, за да биде јасно, дека Путин не може да ја продолжи војната, како што ја почна“. 

НЕОПХОДНА МИРОВНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Неколку денови подоцна канцеларот Шолц го прошири искажувањето за видените сигнали при посетата на Кина. Според него земјите кои имаат блиски односи со Русија, исто така се сомневаат во целисходноста на осојувачката војна, што ја води Русија во Украина. Шолц дури смета дека, пренесуваат украински медиуми, во светот нема ниту еден лидер кој би верувал оваа војна да има некаква смисла за Русија. „Тоа се однесува и на оние, кои се многу блиски со Русија“, забележал Шолц. Канцеларот нагласил дека за време на посетата на Кина тој и раководството на Кина се согласиле за неопходноста од меѓународна мировна конференција во Швајцарија, планирана за средината на јуни, за да заврши војната. Тој мисли дека преговорите во Кина, за војната во Украина, дале „многу важен поттик“ за дипломатските напори и тој е благодарен што Германија и тој лично внесле свој влог во дипломатскиот процес. Сето тоа го опиша како „растение, кое бара многу полевање...тоа е она што постои и што ние го негуваме“.

Очигледно германскиот канцелар е благ оптимист за дипломатско решение, но други извори зборуваат дека на Шолц не му било лесно во Пекинг. Како и други политичари и Шолц сака Шји Џинпинг да ја принуди Русија да ја прекине војната. Но овој бара од Западот да престане да ја вооружува Украина. Вака Politico ги коментираше резултатите од првиот ден од преговорите меѓу лидерите на Кина и Германија. Изданието пишува дека Шолц го повикал Шји Џинпинг да „даде поголем придонес за праведен мир во Украина“, но кинескиот лидер одговорил со „замолување на Западот да не долева масло на огнот (испраќање оружје во Украина).“ 

Кинеската агенција Хсинхуа, пак, ги пренесува четирите принципи што ги предложил кинескиот лидер за решавање на украинската криза. Според неа, Шји го нагласил вниманието да не се дозволи ескалација на конфликтот или дури негово излегување од под контрола, па затоа сите страни треба да работат заедно за брзо воспоставување на мир. „Прво, треба да се сосредоточиме на поддршка на мирот и стабилноста и да нема стремеж кон себични интереси. Второ, треба да ја оладиме ситуацијата, а не да долеваме масло во огнот. Трето, треба да создадеме услови за воспоставување мир и избегнување на натамошно заострување на напнатоста. Четврто, треба да го намалиме негативното влијание  врз светска економија и да не ја поткопуваме стабилноста на глобалните индустриски и логистички синџири“, изјави кинескиот лидер. Тој напомни дека Кина се залага за мирни преговори и ги поддржува сите напори, кои придонесуваат за мирно решавање на кризата. Пекинг, според него, е за мировна конференција, која би ја признале Русија и Украина, со рамноправно учество на сите страни и праведно разгледување на сите варијанти за мир. Ваквите ставови на Џинпинг за Politico беа повод да напише дека:  „Германскиот канцелар Олаф Шолц доби шлаканица од кинескиот лидер Си Џинпинг во вторникот поради свртувањето на Европа кон трговскиот протекционизам и недостигот на нови обврски за Украина“.

ОСНОВА ЗА МИРНО РЕШАВАЊЕ

Треба да се каже дека и Кина предложи свој план за мир во Украина од 12 точки, за кои сме пишувале на овие страници. Во една од точките кинескиот план предвидува замрзнување на линијата на фронтот. Но Западот не го поддржа тој план оценувајќи го како декларативен. А украинскиот претседател изјави дека тезите предложени од Пекинг не се мировен план, туку збир од мислења. Советникот во Канцеларијата на претседателот,  Михаил Подољак за кинескиот план рече дека нема логика во неговите предлози. Од друга страна рускиот претседател, Владимир Путин, а и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изјавуваа дека многу точки од кинескиот план се совпаѓаат со рускиот приод и можат да бидат земени како основа за мирно решавање на конфликтот, кога кон тоа ќе бидат подготвени на Запад и во Киев.

Кон односите на Кина и Русија најрадикален е приодот на САД. Ентони Блинкен, при посетата на Кина минатата недела, им се закани на Кинезите дека ако не престанат со испораката на Русија материјали за двојна намена, воена и цивилна, тогаш Американците ќе ги решаваат работите на нивен начин!  Тоа му го кажал на Џинпинг. Овде нема да се задржиме на разговорите на Блинкен во Кина кои се однесуваа на трговските односи и на Тајван. Впечаток е дека во поглед на конфликтот во Украина, Блинкен ги потврдил ставовите кои беа искажани пред неговата посета, дека САД ќе преземат мерки доколку Русија има успеси на фронтот, за кои придонес има „кинеската помош“.Нема ни збор за мировни планови, за меѓународна конференција. Блинкен очекува Кинезите да влијаат врз Русите, како што влијаеле, кога околу судирот во Украина почна да се зборува за нуклеарно оружје, по што Кина излезе со повик тоа да не се користи. Демек ја оладила Русија. Западот како да си ги поделил работите. Американците цврсто ќе газат, ќе се закануваат, а Европјаните ќе повикуваат на компромиси и соработка околу Украина. Додуша, вчера, за едно чудо, од Ријад се јави Блинкен и изрази надеж за дијалог со Москва за решавање на актуелниот конфликт во согласност со принципите на кои се заснова Повелбата на ОН - суверенитет, територијален интегритет и независност. 

Оттука и најавената посета на кинескиот претседател на Франција на 6 и 7 мај, може да се стави во тој калап. Шји Џинпинг ќе ја посети Франција, каде што со својот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон ќе ја одбележат 60 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Во досегашните најави за посетата, никаде не се споменува директно она што се случува во Украина. Кина се надева дека Франција ќе промовира „позитивна“ и „прагматична“ политика на ЕУ кон Пекинг, во време кога блокот ги зајакнува контролите на кинеските производи и пристапот на пазарот. За таа цел, кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, ги повика европските земји да ја искористат својата автономија, пристап делумно во согласност со аргументите на францускиот претседател Емануел Макрон, за посилна, понезависна ЕУ. По посетата на Кина минатиот април, Макрон рече дека блокот треба да прифати стратешка автономија наместо да биде „вазал“ во американско-кинескиот судир. А тоа го повтори неодамна при своето обраќање во универзитетот Сорбона.

КООРДИНИРАЊЕ НА АКЦИИТЕ

„Во време кога меѓународната ситуација е сложена и нестабилна, со бројни предизвици и жешки точки, меѓународната заедница очекува Кина и Франција да формираат заедничка позиција за главните прашања поврзани со светскиот мир и стабилност, иднината и судбината на човештвото, и ќе направат сè што е можно, за да имаме заеднички глас“, рече Ванг. Тој во саботата разговараше со дипломатскиот советник на францускиот претседател, Емануел Боне. Од разговорот е истакнато дека двете страни ги „координираа своите акции“ за меѓународни и регионални прашања од заеднички интерес, како што се Украина и израелско-палестинскиот конфликт. Лани Макрон го повика Џинпинг „да ја освести Русија“ поради Украина и го повика да не и испорачува оружје. Но очигледно, повикот залутал некаде.

И додека Макрон мисли на примирје, рускиот претседател, Владимир Путин, најави дека ќе ја посети Кина во средината на мај. Тоа ќе биде негова прва посета на странска држава, по изборот за претседател по петти пат. Доаѓа во време кога Западот изјавува дека Кина ги поддржува воените напори на Русија во Украина. Последен пат во Кина, Путин беше лани во октомври. Западот е загрижен од засилувањето на односите меѓу двете земји, кои во меѓувреме ја засилуваат воената соработка и воените маневри, а го шират своето влијание и врз Глобалниот Југ. За односите меѓу Русија и Кина пишував пред две недели. Сегашнава посета покрај празничниот декор ќе биде можност Русија да си ја потврди поддршката од Кина. Веројатно ќе стане збор и за мировните планови за Украина и за европските предлози. Џинпинг ќе му ги каже на Путин намерите и желбите на Шолц и на Макрон. Ќе си кажат и некој збор за создавањето на новиот меѓународен поредок. Секако Русија ќе бара од Кина нова помош на економски план со оглед на она што ја очекува доколку војната трае со години. 

Врти, сучи, посетите на Кина од европски и американски политичари, посетата на Џинпинг на Париз, на Путин на Пекинг и меѓународната конференција за Украина во Швајцарија зборуваат дека погледите на државниците се свртени кон Кина. Западот ја притиска, но и се  додворува, се’ со цел да ја притисне Русија. Па се пронаоѓаат разни изговори за трговски санкции, а кои може да се и дел за пазарење во политиката кон Украина.

ВРЕМЕТО КАКО РЕШЕНИЕ

Сега засега јасни се три работи. Прво дека војната продолжува и натаму, но и дека има два плана за мир во Украина, кои доминираат, иако имаше предложено уште најмалку три, од Латинска Америка, од Африка и од арапските земји. Засега заговорници за продолжување на војната, барем според јавните настапи, се НАТО и западните земји. Тие постојано велат дека војната ќе трае со години. Но од друга страна гледаме дека ЕУ, Германија и Франција, пред се’, не ја испуштаат можноста за некаков мир. И во центарот ја ставаат меѓународната конференција за мир во Украина, во Швајцарија. 

Кина веќе се изјасни дека сака конференција на која ќе учествуваат и Русија и Украина и на која ќе се разгледуваат рамноправни сите планови за мир. Значи и украинскиот и кинескиот. Доколку Западот не се согласи со ова, тогаш Кинезите би можеле да направат „своја“ конференција, а на која би биле повикани и земјите од Глобалниот Југ, каде што таа и Русија имаат големо влијание и од БРИКС. Доколку, сепак, се одржи конференција со учество и на Русија и на Украина, тогаш би се разгледувале и двата плана. Во таков случај Украина однапред ќе  мора да се откаже од своите максималистички барања. Се разбира, ако се бара компромис. Не се знае кои се нејзините минимални барања. Иако постојано веат дека нема „план Б“. Резултатот ќе зависи од тоа колку и кои земји ќе присуствуваат на конференцијата. Ако дојде и Глобалниот Југ, тогаш Украина повторно би била во подредена положба. Во зависност од резултатот, од него незадоволни можат да бидат и Русија и Украина, или една од нив, па да не се согласат со негово прифаќање. Во таков случај во светот ќе дојде до промени на погледите кон нив и кон војната. Што не им оди во прилог ниту на едните ниту на другите.

Кинеските политичари не пресекуваат одма во дијалозите. Нивната филозофија е дека времето ќе си донесе се’ на свое место. Како што имаше изјавено таткото на модерна Кина, Денг Ксијаопинг, околу спорните острови со Јапонија во Јужното кинеско море. На едни преговори за нив, на своите јапонски соговорници им рекол: „сега не можеме да го решиме ова прашање, па да го оставиме на наредните генерации тие нека го решаваат“. Важно е да се реши она што е решливо. Кинезите секогаш бараат компромиси и рамнотежа на интересите. Така ќе биде и сега во нивните односи со Западот, а можеби ќе се трудат таа формула да ја стават на маса во Швајцарија, доколку се прифати нивниот предлог за конференцијата. Киев и Западот навистина сакаат Кина да присуствува на конференцијата, затоа што без неа, оваа конференција нема да ја исполни својата главна улога што ѝ ја доделуваат Украина и Западот, да го демонстрира „обединувањето на водечките светски сили“ околу „формулата за мир“ на Зеленски. Но Кина веќе се изјасни и за руско учество.

ВОЗОТ ПОМИНА

Американците се настроени да ја „казнат“ Кина за помошта на Русија со опрема и стоки со двојна намена. Но. никој досега не кажал колкава и каква е таа кинеска помош. А можеби се работи и за пуштање пробни балони од страна на САД за некаков голем ризик од таквата помош. Што се однесува до денешната изјава на Блинкен, за неговата надеж за дијалог со Москва за решавање на актуелниот конфликт во согласност со принципите на кои се заснова Повелбата на ОН - суверенитет, територијален интегритет и независност, тука возот помина. Првата шанса беа Минските договори, втората беше предлог договорот од Истанбул, кој исто така беше во рамките кои ги бара Блинкен. А токму неговата земја и Британија го минираа тој договор, а Франција и Германија, веројатно поддржани од западот ги минираа Минските договори, што го признаа францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка, Ангела Меркел.

После стотици илјади загинати и ранети руски војници, Русија нема да се согласи на таков приод. Таа нема да попушти се’ додека не и се гарантира нејзината безбедност. Она што го бараше во декември 2021 година, а НАТО и САД го одбија. 

А Кина во сето ова е јасна. Таа е подготвена да помогне. Но за тоа бара сосредоточување на поддршка на мирот и стабилноста, без стремеж кон себични интереси. Тука ги има предвид и Русија, но, пред се’ Западот, кој можеше да го спречи воениот вител. Само да го споменеме британскиот премиер Борис Џонсон, кој ги натера Украинците до водат војна, наместо да склучат мир. Кина, за да влијае врз Русија, бара намалување на воената температура, преку ублажување на реториката и Западот да не испорачува оружје во Украина. Бара услови за воспоставување мир. Дали преку прекин на огнот или организирање на мировна конференција или на друг начин, важно е да не се заострува напнатоста. И пак порака до Западот да се намали негативното влијание  врз светска економија, со санкции и други мерки и да не се  поткопува стабилноста на глобалните индустриски и логистички синџири. Особено со најавите од ЕУ и САД за трговијата со Кина и со санкциите кон Русија и други држави, кои не се по теркот што го имаат западните сојузници.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка