БЛАГИТЕ ЗИМИ НОСАТ ПРОМЕНИ ВО НАВИКИТЕ: Тешко се продаваат дебели капути, јакни, но и длабоките чизми заостануваат
Објавено во: Економија 01 Ноември, 2024
Поради благите зими, денес потешко се продаваат дебелите капути, јакни, длабоките чизми за разлика од порано. Од продавниците за облека и обувки, велат дека навиките на купувачите се менуваат. Ако порано се бараа дебели капути до коленици и длабоки чизми или чизми со крзно, сега истите или поретко ги има или заостануваат. Топлото време си го направи своето. Зимите поминуваат без снег или со минимални снежни врнежи и со благи температури во однос на претходно. Луѓето во согласност со временските услови, носат потенка облека, и почесто се во чевли или патики.
„Тешко се продаваат, а има залихи од јакни. Се продаваа порано, ама сега многу тешко оди. Две години веќе е така. Или топлото време е фактор или тоа што луѓето одат во шопинг во поголеми молови“, вели Елица Николоска, сопственичка на бутик во Битола.
И другите дуќанџии велат дека временските услови многу се одразија на продажбата.
„Сега не се продаваат ни јакни, многу ретко ги бараат, а капути купуваат кога ќе залади во декември. За капутите бираат да се убави, модерни, елегантни, некој сака долг, некој сака краток капут. Сега луѓето уште носат кошули, маици, а во декември дури купуваат подебела облека. Порано беше многу подобро. Но, си има одраз и онлајн продажбата, младите си нарачуваат на интернет што им треба, а повозрасните што се несигурни околу онлајн купувањето, тие доаѓаат во бутици или одат во Скопје или во Грција“, објаснуваат од бутик од Струмица.
Слични се искуствата и во бутиците за детска облека.
„Нормално дека се сменија навиките. Во однос на детски блузи, подебелите многу тешко се трошеа, последниве години. Фатираните блузи ми остануваа. Луѓето бираа потенки парчиња облека. Она што беше дебела облека не се трошеше. И јас лично имам дебели јакни, кои не ми се носени, и чизми со крзно си купивме со ќерка ми, ама немаше прилика, немаше студено време за да ги износиме. Патики носам додека не фати вистински студ. Тоа е мое лично искуство“, вели скопјанка која поседувала бутик до скоро.
Друг човек, сопственик на продавница за обувки објаснува дека најголем проблем е кога народот нема пари или кога нема доволно потрошувачи, а сите други состојби и промени се нормални и на нив се навикнуваат.
„Ако не бараат чизми, ќе бараат чевли, патики. Сезонски нарушувања има, ама луѓето пак купуваат обувки. Работите многу се сменија. Нема чизми како порано, се носеа чизми до коленици, а чизми со крзно има, ама малку земаме, затоа што ретко кој ги бара. Си бараат получизми или патики“, вели сопственик на прилепска продавница за обувки.
Деновиве имаме топло време кое потсетува на пролет, а постарите генерации се сеќаваат дека во минатото во овој период од годината се случувало да има и провејување на снег. Климатските промени се одразија на многу сегменти од живеењето.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.