Почнува одбројувањето за мир во Украина

Објавено во: Колумни 18 Март, 2025 07:54
Американскиот претседател Доналд Трамп најави големи новости и телефонски разговор денес со рускиот претседател Владимир Путин. Веројатно тоа ќе биде нешто како местење на часовниците на исто време. За да започне временското одбројување кон некој конечен резултат, но тоа да биде прецизно и точно, за да нема избрзување или доцнење на ниту една од страните. Настаните од минатата недела во Џеда и во Москва очигледно најавуваат зближување на позициите. Не само САД и Русија, туку и на Украина со Русија. А главната улога во тоа ја имаат Американците, ај, попрецизно, Трамп. Натамошниот развој на работите може да донесе и примирје во наредните недели.
Специјалниот пратеник на Донлад Трамп, Стив Виткоф, во Москва се сретна со Путин, два дена по преговорите на претставниците на Киев и на Вашингтон во Џеда. Резултатот од нив беше согласноста на Украина за 30 дневно примирје, доколку со тоа се согласи и Русија. Путин, од своја страна, рече дека е „за“, но и дека има некои нијанси. Во прв ред во поглед на ситуацијата во Курската област и линијата на фронтот долг, според него, околу 2.000 километри. Тој нагласи дека прекинот на огнот треба да доведе до долготраен мир и да се отстранат прапричините за конфликтот. На прес конференцијата со белорускиот претседател, Александар Лукашенко, Путин изјави дека преговорите за примирје зависат од „ситуацијата на теренот“, која нагло се менува, па преговорите за примирјето ќе зависат токму од таа ситуација. Овде Путин, пред се’, ги има предвид успесите на руската војска во отфрлањето на Украинците од Курската област, но да не бидеме изненадени, ако таа „ситуација“ се прошири и на другите места од фронтот. Особено оние кои Русија би сакала да ги има во целост. Тука се Херсонската, Запорожката област и Донбас.
По средбата со Виткоф од Кремљ соопштија дека тој му предал на Путин „дополнителна информација“, а рускиот претседател нему му предал „дополнителни сигнали“ за Трамп. Првата изјава на американскиот претседател, по „предадените сигнали“, беше дека преговорите на Виткоф со Путин биле „многу добри и продуктивни“ и дека „има многу добра шанса, да може таа ужасна војна, конечно да се за врши“. И државниот секретар, Марко Рубио, контактите со Русија, околу Украина, ги нарече многу ветувачки. И постои шанса резултатите од нив наскоро да бидат објавени. Се разбира за вакво нешто нема гаранција, иако Рубио е оптимист. Но остава јаснотиите од контактите прв да ги соопшти Трамп. Дали по разговорот со Путин или подоцна, сеедно.
Како и да е, вчера Трамп во претседателовиот авион пред новинарите рече дека мисли оти работите со Русија сега се добри и „ќе видиме, можеме ли да објавиме нешто во вторник“. Попатно најавувајќи го телефонскиот разговор со Путин. Тој додаде дека викендов била завршена голема работа и дека сакаат (Американците) да видат дали ќе успеат да стават крај на војната. „Можеби ќе успееме, можеби не, но мислам дека имаме многу добри шанси“, изјави Трамп. На новинарско прашање какви отстапки ќе бара од Путин, Трамп одговори дека „ќе зборуваат за територии“. Алудирајќи на териториите под руска контрола. Ќе зборуваат и за Запорожката атомска централа. И многу други работи, меѓу кои тој спомна и „определени активи“. Веројатно мислејќи на руските замрзнати активи во странство.
ПРИМИРЈЕ КАКО „ТОВАР“
Што навистина може да се очекува после ваквите изјави и најави? Само ден по согласноста на Киев за примирје, Путин облече воена униформа, можеби заборавил кога последен пат ја носел, ако воопшто ја носел. Посетата на командниот пункт беше демонстрација на моќ за јавноста. И домашна и странска. Неговите изјави за „„тешкотиите“ околу постигнување примирје наведува дека Русија има намера да војува се’ до постигнување на примирјето. Така беше до средбата со Виткоф. Путин нему можеби му дал некој знак за брзо примирје, но споменувањето на „но“ и „нијансите“, значи дека ќе греба време да се види што стои зад тоа. А дотогаш ќе се води војна. Ова од причина што и за Москва и за Киев примирјето е како „товар“. Обете страни даваат изјави дека за неговото времетраење спротивната страна ќе ги освежи силите, можеби ќе се прегрупира и ќе се довооружи.
Путин не вели не за примирје, туку ќе сака да ја намете и да ја оствари натамошните преговори својата програма максимум, овој пат проширена. Тоа се барањата од декември 2021 година. Главно беше да прекине ширењето на НАТО на исток. Со оглед на тоа што и Трамп постојано, а неодамна и генсекот на НАТО, Марк Руте, изјавија дека, во најмала рака, за членство на Украина в Алијансата не може да се зборува, тоа значи дека веќе се исполнува едно од барањата на Русија.
Друга работа е што во Русија уште од почетокот некои сметаа дека примирјето е замка, која што треба да се одбегне. На пример, ако Путин се откаже од него, продолжувањето на војната ќе биде наметнато само по себе, а во очите на Трамп, тој ќе биде човек против мирот. Затоа рускиот претседател ќе направи се’ Трамп да ја добие Нобеловата награда за мир, а притоа Русија да си ги оствари своите цели. Во прв ред, да се постигне договор за траен мир, што бара и Украина. Но и признавање на резултатите од теренот. А тоа е присоединување на украински територии кон Русија, кои со референдум, непризнат од Западот, беа присоединети кон Русија.
Во Америка наголемо се разгледува варијантата Украина да ги признае изгубените територии , а за возврат да добие гаранции за безбедност. Помошникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц за можното признавање на Крим, Доњецката и Луганската република и Херсонската и Запорожката област вели: „ Треба да се прашаме себе си, дали е тоа во наши национални интереси? Дали тоа е реално? За тоа разговаравме и со Европејците и со Украинците“. Приодот на минатата американска администрација, чија стратегија беше поддршка на Украина „толку, колку што е потребно“, во суштина е бесконечна војна со стотици илјади загинати и со ризик од трета светска војна, смета Волц. Според него треба да се разгледува „што е правилно, а што не“, а исто така и „реалноста на теренот“. Сето ова сугерира дека САД веќе се определени за териториите на Украина. Дека таа ќе треба да отстапи. Прашање ќе бидат само границите. Своевремено Путин за прекин на огнот предлагаше целосно повлекување на украинските војски од тие територии, нивно признавање во административни граници и секако признавање на Крим.
БРИШЕЊЕ „ЦРВЕНИ ЛИНИИ“
Гаранциите за безбедност Американците не ги поврзуваат со евентуален мировен договор. Туку со договорот за украинските минерални суровини. А таму може да се очекува некоја промена. И нема да биде како договорот кој што требаше да биде потпишан при последната посета на Владимир Зеленски на Вашингтон и скандалот во Овалната соба. Се најавуваат измени во него. Па така може да се очекува еден вид безбедносна гаранција за Украина да биде присуството на американските компании на нејзина територија, а чија заштита ќе биде американски интерес. А посредно со тоа и заштита на Украина од нова руска агресија. Овде треба да се каже дека Украина досега потпиша десетина договори за безбедност и соработка со членки на НАТО, на ЕУ, сојузници кои досега воено и економски ја помагаа.
Во Киев како да се помирија загубата на дел од териториите. Ова е како губење на испишани „црвени линии“. Се сеќаваме како Западот ги бришеше руските „црвени линии“. Прво не даваше тешко оружје на Украина, па не даваше оклопни возила, па не даваше тенкови, па не даваше системи за против воздушна одбрана, па користење на ракети од среден дострела, па користење на ракети од долг дострели врз руска територии...Постепено даде се’.Со сето ова беа избришани руски „црвени линии“. Руските само се закануваа, а Западот си тераше по свое.
Во Украина не сакаат сегашната линија на фронтот да биде замрзната. И не сакаат да ги дадат до крај териториите кои се’ уште се под нивна контрола, а врз кои претендира Русија. На времето за Украина цел беше враќањето на позициите од 1991 година, па 2014 година, па 2022 година. А сега „црвена линија“ се дополнителните територии што ги бара Русија. Ова може да биде од полза на Русија. Да се откаже од тие барања, и така тие територии не се под нејзина контрола, ама за возврат да добие нешто друго. Украина не се откажува од територијалната целосност и суверенитетот. Таму велат дека изгубените територии нема да ги признаваат како руски и ќе ги враќаат по дипломатски пат? А кога? Некои западни медиуми, но и официјални лица во Украина пренесоа дека „црвени линии“ за Украина во преговорите ќе биде и враќањето на деца префрлени во Русија, враќање на заробените војници и добивање на меѓународни гаранции за безбедност. Украина нема да се откажува од членство во НАТО и ЕУ, од намалување или ограничување на бројноста на армијата...
НАБЉУДУВАЧИ
Доколку преодната цел кон конечен мир, примирје, биде постигната, ќе се отвори прашањето на негова контрола. Исто така дали ќе бидат потребни и набљудувачи и кои би биле тие? Доколку тие бидат од Европа, како НАТО, или поединечни членки, Русија може да биде „алергична“ на нив. Британија и Франција уште од сега собираат сојузници за таква работа. Британија најавува десет илјадна војска разместена во Украина на долгорочна основа, колку што треба за зачувување на мировниот договор и одвраќање на Русија. „Нам ни е апсолутно сеедно под каква капа контингенти на НАТО можат да бидат разместени. Дали од ЕУ, дали од НАТО или како национални сили. Во секој случај, доколку тие се појават таму, тоа ќе значи дека се разместени во зоната на конфликтот со сите последици за тие воени контингенти, како дел од конфликтот“, изјави заменикот руски министер за надворешни работи, Александар Грушко. Има предлози набљудувачите да бидат мешани, украинско-руски-американски со користење на најсовремени средства на набљудување на евентуално нарушување на примирјето. Прашање е како да се контролира должина од 2.000 километри. Воздушна и морска е полесно бидејќи можат да се набљудуваат со сателити. Но, на копно? Грушко предлага и цивилна мисии, ама не на ОБСЕ. Сепак, според него рано е да се разгледува ова прашање. Зашто прво треба да се постигне договор, а потоа неговото меѓународно покритие.
Во сето она што претстои околу ставањето крај на војната во Украина, засега главни се САД и Русија. Трамп прво „удри“ по Украина, како послаб партнер. Што не значи дека нема да се обиде истото тоа да го направи и со Русија. Американците, се чини, веќе направија отстапки кон Русија. НАТО и украинските територии. Освен тоа Трамп и Путин на првиот телефонски разговор имале и други теми. И политички, меѓусебните односи, и геополитички. Што е многу важно и економски. Веќе сега се зборува за враќање на западни компании во Русија. За ублажување или укинување на некои санкции. Ваквите најави му даваат на Путин можност да се договори со Трамп и за Украина. И покрај тоа што во Русија има бизнисмени и воени лица, кои сакаат да ја продолжат војната. Особено сега кога Русија е во офанзива. Сепак за Путин најважни се безбедносните гаранции. Тој за нив многу зборуваше со години. Сега има шанси тоа да го направи со Трамп. Би било добро тоа да биде што побрзо. Зашто мандатот на Трамп не е неограничен. А кој знае кој ќе дојде после него. Некој ќе реча дека мандатот на Трамп е на неговиот почеток. Но никој не може да даде гаранции колку долго ќе се преговара за конечен мир во Украина. А и на Трамп му се брза. Засега работите одат со голема брзина. Сега се појавуваат контурите на некој иден договор.
Најважно од се’ е што руско-американските односи се развиваат во посакувана насока за обете страни. А само пред два месеца беа на дно. Не се тука само разговорите на Трамп и Путин. На посредникот Виткоф. Се сретнаа и Рубио и Сергеј Лавров, завчера имаа и телефонски разговор, за Украина, но и за американската операција врз Јемен. Порано тоа не можеше воопшто да се случи, освен ако не стануваше збор за опасност од директна закана. Иако ставовите околу бомбардирањето во Јемен се разликуваат, важно се разговара. Што отсуствуваше со години. Најавениот разговор на двајцата претседатели ќе покаже како одат работите во поглед на нормализацијата на односите и како тие можат да се подобрат наредниот период. И конечно како ќе изгледа мирот во Украина, постигнат врз услови, кои ги задоволуваат интересите на Русија и САД, но и на Украина во дадениот момент.
Ќе биде интересно како ќе се однесуваат кон сето ова земјите кои сега гледаат шанса за историски реванш кон Русија. Британија, Франција, Германија, Полска, Шведска, Финска, Балтичките држави...Кои, барем досега, беа заинтересирани за воено разрешување на конфликтот.
Подготовките на примирјето нема да бидат лесни, ни едноставни. Украинскиот претседател Зеленски изјавуваше дека тие би траеле еден месец, а во САД зборуваа за „наредните недели“. Притоа, без гаранција дека тие можат да бидат успешни. Пред некој месец западни медиуми излегоа со наводен план, според кој до Велигден ќе дојде до прекин на огнот, а до 9 мај ќе биде готов и мировниот план. Според развојот на настаните, при добра волја на завојуваните страни, ова може да биде остварено. Влоговите во мирот се многу големи. Но откажувањето од преговорите за прекина на огнот може да доведе до нова ескалација со непредвидливи последици. И можност од поширок воен судир. Кој, барем САД, не го сакаат. Во Украина деновиве се дава голема гласност на Кина и на Индија. Но во Киев не треба да заборават дека главен спонзор за мир во моментов е Доналд Трамп. Затоа сегашната шанса за мир за обете страни треба да се искористи. Колку и да е тоа тешко.
Мирче Адамчевски