Кавга во Белата куќа – последици за Европа

Објавено во: Колумни 03 Март, 2025 08:46
Минатиот петок во Вашингтон светот во живо беше сведок на нешто што во дипломатијата се случува многу често, но зад затворени врати или во телефонски разговори, далеку од очите на публиката. Тоа му се случувало и на еден од актерите на кавгата во Белата куќа, украинскиот претседател, Владимир Зеленски, на пример, со претходниот американски претседател, Џо Бајден. Другиот актер, американскиот претседател Доналд Трамп, земајќи го во заштита својот заменик, Џеј ди Венс, уште повеќе го разгоре огнот во кавгата. Епилогот беше неуспешна, подготвена однапред, средба за потпишување на рамковниот договор за користење на украинските минерални суровини и негоштевање на гостите. Зеленски беше принуден да ја напушти Белата куќа.
Нема потреба да се пишува кој е виновен, а кој не, за кавгата. Ниту пак за се’ она што таму беше изречено. Човек, макар бил и претседател, треба да знае кога и како да ги покажува емоциите. Во преговорите посебно. Тоа е една од главните алатки на секој дипломат, а треба да биде и на добар преговарач. Зеленски фатен во „маказ“ од Трамп и ди Венс, требаше да ги сочува емоциите пред новинарите. Дотолку повеќе што тој и неговите соработници пред тоа имале 40 минутен разговор со домаќините на кој ги кажал барањата што ги искажа потоа и пред новинарите. Според американскиот министер за трговија, Хауард Латник, кој бил на средбата, Зеленски рекол дека нема да направи никакви отстапки, Русите треба да се повлечат од Украина, барал репарации од 300 милијарди долари, а од САД безбедносни гаранции додека Украина војува со Русија.Што, веројатно и ја предизвка реакцијата на Трамп и Венс. Излезе дека Трамп не е како многу досегашни соговорници на Зеленски кои подлегнуваа на неговите експлозивни говори, полни со емоции, со глума, со закани...Дотолку повеќе што истото тоа го чул и претходно зад затворени врати.
Посетата на Вашингтон на Зеленски беше подготвувана набрзина. Министерот за финансии, Скот Бесент, беше пратен во Киев кај Зеленски ,да го потпише договорот за минерални суровини. Но домаќинот не бил баш гостоприемлив. Како и да е, по разговорите договорот беше коригиран, извршени промени. Па по два дена дојде Минхенската конференција за безбедност, каде одново се разговарало за договорот. Останало потпишувањето. Зеленски постојано изјавуваше дека сака да се сретне со Доналд Трамп пред тој да преговара со рускиот претседател Владимир Путин. Пет дена пред средбата во Вашингтон Трамп ги прифатил настојувањата на Зеленски. Тие се видоа, поразговараа, а епилогот е познат. Овде треба да се каже дека Трамп не ја затвори вратата за Зеленски. Тој во неговата мрежа Truth Social, не исклучи подалечна средба со Зеленски – „Тој може да се врати, кога ќе биде подготвен за мир“, напиша Трамп.
ЦРВЕНИ ЛИНИИ
Кавгата во Белата куќа не е некаква катастрофа, но, покрај Украина од неа последиците најмногу ќе ги почувствува Европа. Енергичноста со која Зеленски ги бранел зад затворени врати, а потоа и пред новинарите, своите црвени линии ќе има одраз пошироко. Сите видоа дека прашањата кои ги споменува Зеленски се значајни за Украина. Овде, мала дигресија, нашите премиери и претседатели, министри за надворешни работи, во три децении никако не успеваа да ја убедат Европа и пошироко за нашите значајни прашања. Резултатите од таквиот однос се пред нас. Нејсе, како последица на кавгата добра работа за Украина е што реагираше Европа. Речиси од сите европски лидери Зеленски доби поддршка, и тоа итна и безусловна. На тој начин проблемот на САД со Украина сега се префрла во Европа. Таа ќе мора да ги вади жешките костени. А само неколку денови пред доаѓањето на Зеленски во Вашингтон таму беа Емануел Макрон и британскиот премиер, Кир Стармер. Меѓу другото и да лобираат Трамп да го прими Зеленски, пред да се сретне со Путин.
Дел лидери од Европа и Канада под итно се собраа во Лондон. Поводот не беше кавгата во Белата куќа. Европа и Канада си имаат проблем со САД на Трамп. Гренланд, Канада, 51 американска држава, Данска, навивањето на изборите во Германија, сето ова покажува дека работите не одат како досега. Од 20 јануари наваму тие се влошуваат за Европа. Не случајно шефицата на европската дипломатија, по кавгата во Белата куќа напиша:„ Денес стана јасно дека на слободниот свет му е потребен нов лидер. Ние, Европејците, треба да го прифатиме тој предизвик“.
Сето ова е убаво, ама потрагата по нов лидер ќе оди тешко. Европа е врзана со тешка ортома за Америка. И не е во прашање само Европа. Тука е и НАТО. Треба да се скинат јазлите врзани со таа ортома. Речиси неостварлива задача. Барем за времетраењето на мандатот на Трамп. Татковината на Калас е она што е денес, благодарение на САД. Ако го скине јазолот со која е врзана со САД, тогаш тешко неа. Прва е на удар на големиот источен сосед. Дотолку повеќе што во Естонија има над 25 проценти Руси или рускојазично население, кое ги нема правата што ги имаат малцинства ширум светот. Така што САД се и натаму лидер. А тоа што на нивно чело е Трамп, тоа е случајност, која мора да се има предвид.
ЧИЗМИ НА КОПНО, АВИОНИ ВО ВОЗДУХОТ
Европа допрва ќе има проблеми. Во Лондон лидерите усогласиле четири чекори. Да се продолжи со давање воена помош на Украина додека трае војната и да се засили економскиот притисок врз Русија. Кај било траен мир треба да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина, и таа треба да биде на преговарачка маса. Доколку се склучи мировен договор европските лидери ќе се стремат да спречат во иднина секаква инвазија на Русија во Украина. Договорено е создавање на „коалиција на посакувачи“ за заштита на Украина и обезбедување мир во земјата. Ова зборува дека Европа е за продолжување на војната во Украина. А Британија не се откажува да биде лидер во таа намера. Како што беше лидер и во одвраќањето на Украина од постигнување мировен договор во Истанбул во 2022 година. Британија со „чизми на копно и со авиони во воздухот“ ќе ги поддржи напорите на европските држави за Украина.
На средбата во Лондон не биле разгледани гаранциите за безбедноста на Украина. Ова го изјави полскиот премиер, Доналд Туск. Со тоа ја потврди изјавата на државниот секретар, Марко Рубио, дека Европа нема план за Украина и дека сака да ја продолжи војната во Украина уште една година, се додека Русија сама на почне да „моли за мир“. Нема план ниту за преговори со Русија. Европа три години ја поттикнуваше Украина на војна. Ниту еднаш не проговори за мир или за мировни преговори. Туск вели: „ Сите ние имаме чувство, дека никој нема план и тоа е чувство на хаос, на импровизиран приод, кое понекогаш предизвикува емоции, како што видовме пред некој ден во Вашингтон, а кое ние сакаме да го избегнеме“.
Отсуството на план, како што рече Туск, беше демантирано од Емануел Макрон. Тој не верува во примирје усогласено меѓу САД и Русија. Затоа со Кир Стармер предлагаат прекин на огнот во текот на еден месец. И тоа на копно, во воздух, на море и врз енергетски објекти. Во втора етапа би се распоредиле странски војници. А европски сили во Украина би дошле кога ќе се постигне мировен договор. Макрон очекува дека на овој начин Европејците би влегле во играта, каде што денес се само Трамп и Путин. Но и овде планерите имаат еден дефект. Тие не можат ништо да направат без САД. Стармер вели „реализацијата на планот не може да помине без поддршка од Вашингтон, кој останува „најсигурен сојузник“ на Лондон.
РАСКОЛ МЕЃУ ЕУ И САД
Врти, сучи, пак ништо без САД, а ваму, Калас сака нов лидер. На 6 март, во четврток, Во Брисел треба да се соберат сите членки на ЕУ. На официјален самит. Ќе дојдат и Виктор Орбан и Робет Фицо, премиерите на Унгарија и на Словачка, обајцата жестоки поддржувачи на Трамп. Одлуките со носат со консензус. Орбан и Фицо веќе најавија дека нема да даваат пари и оружје за Украина. Полска нема да праќа војска.
Доколку дојде до раскол меѓу ЕУ и САД околу прашањето за ставање крај на војната во Украина, може да дојде и до крај на Алијансата. Ова го вели адмиралот,Џејмс Ставридис, поранешниот командант на силите на НАТО во Европа. „„Не сакам да преувеличувам или да драматизирам, но, можеби, ние ги гледаме последните денови на НАТО“, рече тој во интервју за CNN. Според него, клучното разногласие , кое се заканува да биде фатално, тоа е изборот кој да се поддржува. Дали „демократијата подвргната на напад“, т.е. Украина, или претседателот на Русија, Владимир Путин, кого адмиралот го нарече диктатор кој ја запонал војната“. Таквиот избор може да биде кобен за Алијансата и да се прашува за довербата кон САД, како партнер. Ставридис смета дека крајот на НАТО може да значи и почеток на нова воена алијанса, Организација на европски договор. Ставридис напомна дека Трамп дал јасно до знаење, дека во иднина не сака да и помага на Украина. „Тоа е геполитичка грешка од епски големини. Но сега, кога за Европа се пали зелено светло, тие треба да се активизираат и сами да си ја земат таа работа“, забележа адмиралот. Излегува дека кавгата во Белата куќа придонесува до една од целите на Русија. А тоа е раскол на НАТО, кој едвај се сплоти околу Украина по руската агресија.
Во меѓувреме Стармер и Макрон пак работат на „деескалирање“ на односите меѓу Трамп и Зеленски. Обајцата веќе два дена разговараат со Трамп, ако може да се обнови дијалогот меѓу Вашингтон и Киев. Но, таа работа тешко оди. Зеленски доколку сака да се види со Трамп, сега ќе мора да плати поголема цена. Можеби и договорот за минералните суровини одново да се менува, сега да биде повеќе во полза на САД. Зеленски вчера изјави дека Украина е подготвена да ја потпише зделката за недрата и дека односите со Трамп ќе продолжат. Но како и во која форма засега е загатка. Дотолку повеќе што од Вашингтон доаѓаат соопштенија дека САД нема да дава гаранции за безбедност на Киев, а сто така и да даваат каква било помош, додека Украина војува со Русија. Таква одлука, за воена помош, може да биде донесена и денес.
Се’ ова што сега се случува околу Украина, зборува за нејзино збудалување. Од една страна САД, бараат едно, од друга Европа предлага друго, од трета Кина и Бразил го нудат нивниот план, планот на групата „Пријатели на мирот“. Од четврта страна е најопасниот план на Русија. Таа може да дојде и до Одеса, доколку војната продолжи, а САД да не даваат или да ја ограничат помошта на Украина. Ништо полесно не е и внатре во Украина, народот на прв поглед се сплоти околу Зеленски, по настанот од Белата куќа. Но, ако од утре ги нема 30-те милијарди долари буџетска поддршка дадени од САД, а да не зборуваме за оружјето, разузнавачките податоци, комуникациските средства, тогаш работите и во земјата можат да земат друг правец.
Трамп очигледно има некој план за Украина во главата. Но никој не треба да смета дека тој ќе се оствари. Па, САД и Русија само што ги почнаа преговорите. И не за Украина. Туку за враќање на довербата. Воспоставување на комуникации меѓу нив. Ќе оди тешко. А кога ќе дојде Украина на дневен ред ќе биде уште потешко. Има толку прашања за кои треба да разговараат. Украина стана приоритет за време на предизборието во САД. Трамп се фалеше дека ќе донесе мир за 24 часа. Па сега тоа треба да го одработи. Можеби мир за 24 месеци. Иако државниот секретар Марко Рубио смета дека би можело да се постигне мир за шест месеци.
Треба да се внимава и на повиците од сенатори во САД за напуштање на НАТО и на ОН. Тоа би била вистинска катастрофа. А што потоа? Можеби нова Јалта? Можеби нова Алијанса?
Мирче Адамчевски