27 Март, 2025
0.0253

САД ги седнаа на маса Русија и Украина – засега одделно

Објавено во: Колумни 24 Март, 2025 07:33

Добивај вести на Viber

Додека на фронтот во Украина продолжуваат борбите со несмалена жестина,  во Саудиска Арабија вчера почнаа преговорите меѓу САД и Украина, а денес на масата ќе седнат САД и Русија. Минативе денови се најавуваше дека преговорите ќе се водат во ист ден со делегациите на  Русија и Украина, кои ќе седат во различни простории,  а САД ќе посредуваат меѓу нив. Но работите се променија. Не е исклучено украинската делегација да остане во Саудиска Арабија за да биде запознаена со резултатите од средбата на Американците и Русите.

Министерот за одбрана на Украина, по завршувањето на вчерашната средба изјави дека биле разгледани клучни прашања, а посебно во енергетската сфера. Средбата траела пет часа, што значи дека имало време да се разговара и за други битни работи. Особено предлозите за прекин на огнот. Во Русија изјавуваат дека не треба да има залажување во поглед на брзо постигнување резултати. Ова од причина што „претстои сериозна, макотрпна работа, навлегување во детали“. Нагласуваат дека првата средба главно ќе биде посветена на безбедното пловење во Црното море и транспортот на енергенси и жито. Русија од зделката за транспорт на жито излезе во 2023 година, обвинувајќи го Западот дека не исполнува дел од нејзините услови – укинување на санкциите кон руските вештачки ѓубрива. Може да се случи на сегашните преговори Русија новиот формат на евентуалниот договор да го услови со преразгледување на санкциите.

Мајкл Волц, советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, пак, за денес најави дека со Русија, покрај прекинот на воени дејства во Црно море, ќе се разговара за примирјето, заедно со перспективите за траен мир. Според него во наредната фаза би требало да се преговара за контрола на линијата на фронтот при евентуален договор за прекин на огнот. И на крај за сеопфатен и траен мир. Американците имаат намера да се разгледа и прашањето за воведување мировни сили и припаѓањето на териториите. На прв поглед работите изгледаат како да ќе се разговара за „полесни“ прашања, да се „загреат“ преговарачите. Овој пат Русите во Саудиска Арабија праќаат преговарачи од вториот ешалон. Сметајќи дека ќе се заборува за „техникалии“, иако украинската делегација ја предводи министерот Умеров. 

КЛУЧНО ПРАШАЊЕ - ТЕРИТОРИИТЕ

И додека делегациите се подготвуваа за преговорите,  пошироко одекна интервјуто на специјалниот советник на Трамп, Стивен Виткоф, дадено на новинарот Такер Карлсон. Во него тој зборува позитивно за Путин, призна дека Украина ќе и отстапи територија на Русија и изјави дека Москва не планира да се бори ниту со Украина, ниту со Европа. На тврдењето на Карлсон дека главно барање на Русија е Украина да не влегува во НАТО, Виткоф вели дека, според него, главно, клучно, прашање во конфликтот се таканаречените четири региони и Крим. „Тоа се рускојазични региони, таму имаше референдуми, на кои огромно мнозинство од луѓето се изјаснија дека сакаат да бидат под руска власт“. Украина има уставни ограничувања да се откаже од тие територии, но Русија, де-факто ја има контролата врз нив. Виткоф вели дека прашањето е: „Дали светот ги признава тие територии како руски? Дали Зеленски може да преживее политички ако го признае тој факт? Тоа е централно прашање во целиот конфликт“.

Што се однесува до НАТО, Виткоф мисли дека и Зеленски и неговиот најблизок соработник, Андреј Јермак, во основа веќе се согласиле  со тоа дека Украина нема да стане членка на НАТО. Имало многу разговори околу добивањето безбедносни гаранции од „членот 5“ од Повелбата на НАТО. И тоа уште се разгледува. Но доколку станува збор за мировен договор со Русија, тогаш, смета Виткоф, прифатено е дека Украина нема да биде во НАТО. Мнозинството е за тоа.

Виткоф открива дека Зеленски се согласил за спроведување избори. „Јас мислам дека Зеленски е во многу тешка положба, но тој е спротивставен на нуклеарна држава. И на нација која е четири пати побројна од него. И затоа тој треба да знае дека ќе биде победен. Сега за него е најдобар момент да склучи договор. Претседателот Трамп може со него да склучи најдобар договор, кој тој кога било би постигнал“. Во поглед на помошта на Украина Виткоф вели дека таа треба да биде дадена под определени услови. „Ако се подготвуваме да и дадеме на Украина многу пари, ние сакаме да го видиме бизнис-планот, кој би бил животоспособен , а не само да се дадат пари, без идеи како тоа да се реализира. Ние не можеме вечно да даваме пари. Затоа што тие(Украина) ќе бидат разбиени.... Може да дојде и до експлозија на тактичка нуклеарна бомба, а тоа ќе се одрази и врз фондовите во целиот свет“.

 На забелешката од Карлсон дека атомски бомби во историјата на човештвото не се користеле 80 години, освен два пати, Виткоф изјавува дека тоа не треба да се дозволи. И, иако тој смета дека треба да се достигне праведно решение за Украина, „ние не можеме да си дозволиме таа земја да не вовлече во Трета светска војна. И тоа не моја политика. Тоа е политика на претседателот Трамп“.

АМЕРИКАНСКИ ИНТЕРЕСИ

Карлсон го засегна и прашањето за улогата на Европа во сегашниот развој на настаните. За најавите за испраќање на европска војска во Украина, за економските кризи во европските земји. Па вели„ што се замислуваат тие себе си“? Дали станува збор за заземање на некоја демонстративно позиција или пак станува збор за позерство. Според Виткоф тука има преплетување на позиција и поза и комбинација за поедноставување на ситуацијата. „Мислам дека постои мислење дека сите ние треба да личиме на Винстон Черчил. И има мнение дека Русите се собираат да маршираат во Европа. Но јас мислам дека тоа мнение е апсурдно. Ние имаме нешто што се вика НАТО, нешто што го немаше во Втората светска војна“. Виткоф е уверен 100 проценти дека Русија нема намера да маршира во Европа, ниту пак да ја освојува Украина. Тоа би било како окупација на Газа, која Израелците би можеле да ја направат, но тие  тоа не го прават, туку сакаат стабилност. А Русија освоила пет региони, тоа што им требало. Не им треба ништо повеќе. За него, Путин е многу умен. Многу информиран и тоа не треба да се игнорира.

Во интервјуто, покрај за преговорите меѓу Русија и Украина се проговори и за американските интереси, за кои се водат неофицијални преговори во Вашингтон, „каде што има многу луѓе, кои имаат економски интереси во оваа војна. Секако идеолошките интереси и целиот Вашингтон беа мобилизирани за борба со Русија. Ние прокси војуваме преку Украина. И се јавува претседателот Трамп и притиска на кочницата“, вели Карлсон и прашува:„ Дали тоа ќе реши се“?. Виткоф смета дека „да“ и прашува:„ Кој не сака да има свет каде што Русија и САД заедно ќе прават добри работи? Кои мислат за тоа како да ја интегрираат својата економска политика во Арктикот, да ги делат морските патишта. Да испорачуваа ТНГ- гас  во Европа заедно. Можно, да соработуваат над вештачката интелигенција, ако може да ја надминеме миграцијата на технологии. Кој не сака таков свет“? Во тие рамки и двајцата претседатели да разговараат и за Иран, каде што Русија има определено влијание.

Виткоф го пренесува она што во внатрешните разговори го зборува Трамп. Сега станува јасно дека Америка сака по секоја цена да стави крај на војната во Украина. Што побрзо тоа подобро. Јасно е дека Украина може да заборави на НАТО, барем во подолг период, ако Алијансата опстане, а нема причина да не опстане. Украина ќе има избори. Прашање е дали по примирјето или пак по некој мировен договор. Пречка се законите. Кои не дозволуваат избори при прогласена воена состојба. Но не е извесна и политичката иднина на Зеленски. Каква би била реакцијата во земјата, во војската за евентуалниот договор со Русија и отстапувањето територии, па макар и меѓународно непризнати. САД велат ќе даваат пари, но само кога ќе има мир. Во време на војна не сакат да ризикуваат парите да бидат изгубени. Од Украина, САД бараат бизнис-план за да дадат пари. Договорот за минерални суровини веќе се преработува. Но се споменуваат и атомски централи и пристаништа. И тие да бидат дадени на американски бизнисмени. Атомските централи во американска сопственост би биле побезбедни и од руски, но и од украински атаци. Последново во смисла некој во Украина да има намера да ги крева во воздух, за што веќе се шпекулира. Вака погледнато, Украина би станала делумно американска колонија. Не сакаа руска. Нивен избор.

ИНТЕРЕСИ, ИНТЕРЕСИ...

Интервјуто покажува колку се зголемени разликите меѓу Европа и САД во поглед на Украина и воопшто меѓу нив. Во Европа се толку огорчени од политиките на Трамп, што небаре најавуваат заладување на односите во време кога се враќа довербата во соработката меѓу САД и Русија. Америка е јасна дека нема намера да ја води черчиловската политика веднаш по завршувањето на Втората светска војна и почнувањето на децениската „студена војна“. На ова следуваат реакции од Европа. Британскиот премиер Кир Стармер не спомнувајќи го искажувањата на Виткоф за Черчил и Путин, за „Њујорк тајмс“ изјави дека не му верува на Путин, затоа што и по мировен договор тој одново ќе сака да влезе во Украина. Стармер изјави дека Британија нема да бира меѓу Европа и САД, додавајќи дека и Черчил не бирал меѓу САД и Европа. А како пример за ова додава дека по скандалот со Зеленски во Белата куќа многумина му викале да даде отворена поддршка на Зеленски и да го осуди Трамп. Но тој сметал дека е подобро да крене телефон и да разговара со двете страни и да се обиде да ги смири. Што и направил, и тоа дало резултат. Пратил човек во Киев да го подучи Зеленски, како да се однесува со Трамп. Но и овој чекор на Стармер, зборува за поделбата во Европа. Поточно за неединството по одредени прашања. Едни осудуваат, други ублажуваат.

Виткоф појасно ни го преставува приодот на Трамп кон Русија. Во прв план е крај на војната, но во позадина е интересот. Пред се’ економскиот. Тој зборува за свет во кој Русија и САД имаат добри односи, кој ќе биде од полза за светот. Не е јавно кажано што нуди Путин за соработка со САД, иако веќе беа спомнати руски минерални суровини и соработка во Арктикот и обновување на испораката на руски гас во Европа, преку едната нитка од цевководот „Северен пото – 2“. Па се спомнуваат вештачката интелигенција, разни технологии. Секако и соработката во геополитката  БРИКС, Кина, Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка, Азија.

Што се однесува до Кина, тука Путин е непомирлив и никако нема да дозволи да сопре развојот на досегашните односи меѓу Русија и таа земја. Тој во меѓувреме два пати разговараше со кинескиот претседател Шји Џинпинг. Путин е подготвен и Кина да ја вклучи во мировниот процес во Украина. Која, пак, не сакаше да чуе за кинеско-бразилскиот план за мир. Според германски медиуми, деновиве во Брисел се воделе разговори на таа тема. Кина да се вклучи во мировната игра. За инает на Трамп! И Европејците не беа одушевени од кинескиот план и ја туркаа агендата „Мир во десет точки“ од Зеленски. И тоа е политика. Кога немаш јасни стратегии луташ од една на друга страна. Купуваш време, мислејќи дека нешто ќе се смени и чекаш, па да заземеш страна.

Се’ што прават сега Американците и начинот на кој што прават, брзината, притисокот, пред се’ врз Украина, како да ја потврдува порано спомнатата намера. Примирјето да се донесе до Велигден до 20 април. Да, има големи разлики меѓу страните. Има прашања кои сигурно се разгледуваат  со тајна дипломатија. Затоа што постои можност се’ да се наруши. Било од внатрешни прашања во Украина или Русија, но и од „добронамерни“ притисоци. Пред се од Европа. Таму до ден денес има сили кои викаат дека Украина треба да војува до победа. Дека треба да се дава уште повеќе оружје. А, да им текне да пратат свои војници во Украина, па тие да гинат заедно со Украинците! Не во мировни мисии, како што сега стојат работите.  Крахот на преговорите може само да доведе до пожестока војна. А таа не им е од полза ниту на Русите, ниту на Украинците.

Некогашниот кандидат за претседател на Русија, Григориј Јавлински, во својот план за мир во Украина  предупредува. „Ако европската и глобалната политичка елита, не можат да помогнат да се пополнат напорите на новиот американски претседател со компетентна содржина, ако не е можно да се координира насоката на овие напори, ако не се успее да се придвижи кон прекин на огнот и значајни стратешки преговори, тогаш динамиката на конфликтот не само што ќе се врати во претходната состојба, туку ќе стане уште покрвава и безнадежна, а можеби ќе се префрли и на глобално ниво. Единствениот можен пат до мирот е разбирањето дека нема ништо повредно и поважно од зачувување на човечките животи и иднината“. А како што стојат сега работите се’ останува во рацете на Трамп. Европската елита не помага, но барем да не одмага.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Почнува одбројувањето за мир во Украина

Почнува одбројувањето за мир во Украина