НЀ ОЧЕКУВА СИЛЕН ИНВЕСТИЦИСКИ БУМ ВО ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?! – уште три стратешки договори стасаа пред пратениците
Објавено во: Економија 05 Февруари, 2024
Уште три договори за стратешки инвестиции стасаа пред пратениците. Владата предлага да се потпишат договори за стратешко партнерство со Друштво за трговија и услуги АИМ Греен Тецх, Друштво за производство на електрична енергија ОСТРО СОЛАР и со Друштво за производство на електрична и топлинска енергија МИТИЛИНЕОС сите од Скопје.
Станува збоr за изградба на три проекти, кој од кој поскап, но заедничко за сите е што ќе се базираат на искористување обновливи извори на енергија и треба да и помогнат на земјава побрзо да се приближи кон договорот со ЕУ за поголема исткористенот на ОИ.
Договорот со АИМ Греен Тецх предвидува изградба на проект со исто име или „АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ“ кој треба да обезби чиста енергија од три технологии: соларна енергија, мотори на гас (технологија која е компатибилна и со водород) и можност за батерии за балансирање на мрежата. Топлината добиена од моторите на гас може да биде од корист за општините и локалните бизниси за греење или во земјоделтвото.
- Со законот и реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ ќе се придонесе за исполнување на целите утврдени во Патоказот за преминување кон конкурентна економија со ниска содржина на јаглерод во 2050 година – стои во законот.
Очекувањата се дека ќе креира нови работни места во повеќе региони во Македонија. За реализација на овој стратешкиот проект законот се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони и прописи во целост или делумно. Владата, надлежните министерства и другите органи треба да обезбедат поддршка за инвеститорот и отстранување одолговлекувања од надлежни институции и трети страни.
Стратешкиот проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ ќе користи комбинација од 150 MWh фотоволтаични панели и 25 MWh мотори на гас во првата фаза и треба да се овозможи побалансирано оптоварување на мрежата, преку децентрализиран пристап. Покрај електрична ќе понуди и термална енергија на корисниците во близина на централата. Во втората фаза ќе инвестира во електрана на гас од 25 Mwh за итни случаи со можност за проширување. Двете фази се со можност за опционални батериски системи. Инвеститорот е задолжен и за целокупната инфраструктура, патишта, објекти, трансформаторски станици и постројки за поврзување на системот за производство на енергија на мрежата за пренос на електрична енергија и гас.
Проект ќе се реализира во општините Петровец, Могила, Неготино, Илинден, Гевгелија и Кичево, и тоа на земјиште во сопственост на државата на кое е воспоставено право на долготраен закуп за кое е донесен урбанистички план и на земјиште во сопственост на инвеститорот. Договорот ќе трае 30 години од датумот на комерцијално работење, со можност за продолжување и раскинување, а потпишувањето ќе биде 3 дена по влегувањето во сила на Законот.
Вредноста на инвестицијата според законот ќе изнесува 174 милиони евра. Првата фаза 149 милиони евра, а втора 25 милиони евра за развој на модуларен и надградлив систем за производство на енергија базиран на мотори на гас. Со втората инвестиција инвеститорот ќе добие нов договорен период од 30 години, и со секое проширување ќе има нов период од 30 години. Законот предвидува дека сите постапки во врска со реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект се итни и приоритетни.
Цената на градежното земјиште сопственост на државата ќе се дава под закуп по цена од 0,005 ЕУР за 1 м2 на годишно ниво во денарска противвредност по среден курс на НБРСМ кој важи на денот на плаќањето.
СОЛАРЕН ПАРК ВО ШТИП И СВЕТИ НИКОЛЕ ТЕЖОК 270 МИЛИОНИ ЕВРА
Договорот со ОСТРО СОЛАР од Скопје се однесува на финансирање, изградба, поседување, управување и одржување фотонапонска електроцентрала со вкупна инсталирана моќност од 400 MW. Инвеститорот ќе треба да ја изгради инфраструктурата, трафостаници и постројки за приклучување на електроцентралата кон електропреносниот систем и други објекти.
Овој стратешки проект ќе се реализира во општините Штип и Свети Николе, на простор определен со урбанистички план за градби од државно значење.
Договорот со овој инвеститор исто така ќе биде 30 години, а вредноста на овој проект е околу 270.000.000 евра, кои треба да ги обзбеди инвеститорот од сопствени извори или од позајмици. Дополнително Владата може да се вклучи со договор со заемодавачите на барање на инвеститорот.
Општините каде се планира изградба на соларен парк треба да достават до Владата согласност за склучување договор за долготраен закуп. Стратешкиот инвеститор го плаќа надоместокот за уредување на градежното земјиште во износ не поголем од 20 отсто од просечната нето плата во Македонија за последната година, помноженo со 0,01, применети за 50 проценти од површината на градежната парцела.
Инвеститорот на секои шест месеци од почетокот на работењето ќе уплаќа на Фондот за развој организиран од Развојната банка едно евро по продаден и наплатен MWh, за време на целиот период на експлоатација на фотонапонската електроцентрала.
- Стратешкиот инвеститор има доставено до Владата банкарска гаранција во износ од 8.100.000 евра како обезбедување за исполнувањето на обврските во однос на реализирањето на стратешкиот инвестиционен проект – се потенцира во законот.
ЕКСКЛУЗИВКА ЗА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ОБНОВЛИВ ИЗВОР ВО ЗЕЛЕНА ЗОНА
Третиот стратешки проект е „МИТИЛИНЕОС Когенеративна постројка Скопје“, за чија реализацијата инвеститор има ексклузивно право за проектирање, финансирање, изградба и управување на постројка за комбинирано производство на електрична и топлинска енергија со вкупна инстралирана моќност од 130-165 MWe и 90-105 MWth. Објектот ќе се реализира во општина Гази Баба, на простор избран од стратешкиот инвеститор и определен со урбанистички план.
Вредноста на капиталот за реализација ќе изнесува 290.000.000 евра, обезбедени од инвеститорот или од банки.
- Сите постапки во врска со реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект се итни и приоритетни. Органите се должни навремено да ги спроведуваат дејствата со цел навремено реализирање на стратешкиот инвестиционен проект. Непостапувањето на органите не се смета за премолчено неодобрување – стои во законот.
Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони до Владата доставува предлог за основање индустриска зона – зелени зони со назив „Енергија Скопје“, десет работни дена од носењето на урбанистичкиот план.
Во рок од десет дена од поднесувањето на предлогот за основање на индустриска зона на Дирекцијата, но не подоцна од 14 месеци од денот на склучување на договорот за стратешки инвестиционен проект, Владата донесува одлука за основање на индустриската зона „Енергија Скопје“ и обезбедува завршување на сите поврзани работи во согласност со договорот за стратешки инвестиционен проект.
Во рок од десет работни дена од приемот на потполното барање на стратешкиот инвеститор, Дирекцијата го склучува договорот за долготраен закуп кој е прилог на договорот за стратешки инвестиционен проект, по претходна согласност од Владата.
- Стратешкиот инвеститор и Владата, претставувана од Дирекцијата, склучуваат договор за доделување на државна помош. Владата му доделува на стратешкиот финансиска поддршка во износ од 49.750.000 евра според средниот курс на Народната Банка на денот на испла – се нагласува во законот.
Во период од десет години од започнувањето со работа, остварените 15 годишни добивки од страна на стратешкиот инвеститор од работата на постројката нема да бидат подложни нови даноци применливи само на мултинационални друштва.
Државна помош не се зема предвид при утврдувањето на добивката во даночниот биланс на стратешкиот инвеститор и не се вклучува во пресметката на данокот од добивка.
- Стратешкиот инвеститор има доставено до Владата банкарска гаранција од 8.700.000 евра како обезбедување за исполнувањето на обврските на стратешкиот инвеститор во однос на реализирањето на стратешкиот инвестиционен проект согласно условите од договорот – се нагласува во законот.
Петранка Огнаноска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.