Америка се ослободува од обврските
Објавено во: Колумни 08 Декември, 2025 10:08
Лондон денес ќе биде домаќин на средбата на која треба да се утврдат натамошните дејства по тридневните преговори на Украина со САД во Мајами. И претходните преговори на Американците со рускиот претседател, Владимир Путин, во Москва. Мисијата на американските преговарачи, Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, во потрага на патот до мир во Украина овој пат се одвива зад „седум врати“. Во јавноста не е ништо конкретно соопштено, ниту од Москва, ниту од Мајами. Па денес европските лидери, премиерот на Британија Кир Стармер, германскиот канцелар. Фридрих Мерц, и францускиот претседател, Емануел Макрон, кои се ставени настрана од преговорите, треба да бидат од прва рака запознаени со некои резултати. За нив ќе им реферира, украинскиот претседател, Владимир Зеленски.
Европските „суфлери“, најверојатно ќе го убедуваат Зеленски да не се согласува на некои предлози од планот на САД. Особено за територијалните отстапки, за што сведочат и голем број написи. Но се’ ќе зависи од тоа што го има Зеленски како сознание од досегашните преговори. Тој во Лондон ќе се сретне со неговите преговарачи, кои беа во Мајами. И тие директно ќе му соопштат што се зборувало и што се’ е договорено со Американците. А потоа ќе се премине на конкретното опсудување со „суфлерите“.
На некои членки на ЕУ и НАТО не им е сеедно што не се повикани во Лондон. Полска и Италија, на пример, но ним им останува да ги чекаат вестите од Лондон. Кои можат да бидат надежни, но и поразувачки. Во предвечерието на средбата Макрон на социјалната мрежа Х напиша дека:„ Европејците задолжително ќе станат клучна потпора на праведно и трајно решение, кое ние колективно го изработуваме“. За вакво нешто досега не се знае, ниту пак е соопштено. Веројатно не знаат ниту колегите на Макрон од ЕУ. Освен, ако и „тројката“ не работи со Зеленски зад „седум порти“. Европскиот комесар за одбрана, Андрјус Кубиљус, за „Политико“ изјави дека Европејците треба да подготват свој мировен план за Украина, а не да стојат зад Америка. Според него, токму тоа би и обезбедило на Европа место на масата за преговори.
Одењето на Зеленски во Лондон, како да потврдува дека на преговорите во Мајами не е постигнат реален напредок околу планот на САД за мир. Тој вчера соопшти дека саботниот разговор со Виткоф бил „сложен, но конструктивен“. Ваквите фрази се користат за да се сокријат неуспесите за постигнување решенија. Што и се потврдува од медиуми кои пишуваат дека не се решени главните прашања. Пред се’, повлекувањето на украинските војски од територијата под нивна контрола во Донбас.
ТРАМП Е РАЗОЧАРАН
Интересна е изјавата на американскиот претседател Трамп, дадена вчера пред почетокот на церемонијата на доделување на наградите на „Кенеди центарот за сценски уметности“ во Вашингтон. Трамп изјави дека е разочаран од тоа што украинскиот лидер, Владимир Зеленски, засега не се запознал со нацртот на мировниот план предложен од Вашингтон! Одговарајќи на прашање, какви ќе бидат натамошните чекори на САД во процесот на решавање, Трамп изјавидека е разочаран од отсуството на одговор од Зеленски на нацрт-мировниот договор. Според него, предлогот добил поддршка од Москва и украинскиот преговарачки тим, но самиот Зеленски „не го прочитал“. „Разговаравме со претседателот Путин и разговаравме со украинските лидери, вклучувајќи го и Зеленски, претседателот Зеленски. И морам да кажам дека сум донекаде разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот. Тоа е од пред неколку часа. Неговиот тим е воодушевен од тоа, но тој не е. Русија се согласува со него. Русија, мислам, би сакала да ја има целата земја [Украина], ако размислите за тоа. Но, Русија, мислам, се согласува со тоа. Но, не сум сигурен дека Зеленски се согласува со тоа. Неговиот тим го поддржува, но тој не го прочитал“, рече Трамп. Од ова е јасно дека Зеленски калкулира. Денес во Лондон сигурно ќе се консултира со европските лидери пред да одговори на нацрт-мировниот план. Но пораката од Трамп до него не е случајна. Можеби до патувањето во Лондон Зеленски, сепак, ќе даде одговор на Американците. Ќе дознаеме денес, иако според неговото досегашно однесување, тој нема да испрати одговор во САД. Додека не се консултира со „тројката“.
Конечно и за ставот на Москва околу целата оваа работа. Москва и Вашингтон продолжуваат да работат на долгорочно решавање на конфликтот во Украина. Ова го изјави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков. Според Ушаков, преговорите не се за привремен прекин на огнот, туку за перспективите за трајно решавање на конфликтот. Тој нагласи дека претставниците на САД кои моментално се во преговорите се значително различни од оние на претходните администрации. „Американците постојано нагласуваат дека Трамп е поинаква личност, има поинаква идеологија и ако постигне договор за нешто, тој ќе биде армиран“.
Незадоволството на европските лидери од Трамп се засили минатава недела кога во САД беше публикувана новата американска Стратегија за национална безбедност. Американците како да креваат раце од Европа. И од обврските што ги имаат, но не само таму. Европејците се чувствуваат како отфрлена љубовница. Демек ти се’ му пружале на Трамп, а тој ги оттурнува од себе. Тие сметаат дека во неа мирот во Украина и соработката со Русија се приоритети за САД. Америка е за прекин на војната и за враќање на стратешката стабилност во односите со Русија.
АМЕРИКА НА ПРВО МЕСТО
„За Соединетите Американски Држави да останат најсилната, најбогатата, најмоќната и најуспешната земја во светот во наредните децении, на нашата земја ѝ е потребна кохерентна, фокусирана стратегија за ангажирање со светот“, се наведува во документот. Новата Стратегија за национална безбедност на САД е изградена врз концептот „Америка на прво место“. Таа прогласува поголем акцент на националните интереси и помало воено вклучување низ целиот свет. „Во сè што правиме, ја ставаме Америка на прво место“, изјави Трамп во преамбулата на стратегијата.
Крајот на војната во Украина е клучен интерес на САД. Делот што ја опишува американската политика во Европа го дава приоритетот на завршувањето на војната во Украина. „Како резултат на војната на Русија во Украина, односите на Европа со Русија во моментов се сериозно ослабени, а многу Европејци ја гледаат Русија како егзистенцијална закана“, се наведува во поглавјето на стратегијата насловено како „Унапредување на величината на Европа“. „Управувањето со односите на Европа со Русија ќе бара значителен дипломатски ангажман на САД и за враќање на условите за стратешка стабилност на евроазискиот континент и за намалување на ризикот од конфликт меѓу Русија и европските држави“. САД го наведуваат „еден од нивните основни интереси“ како преговарање за брз крај на непријателствата во Украина „со цел да се стабилизира европската економија, да се спречи ненамерна ескалација или проширување на војната, да се врати стратешката стабилност во односите со Русија и да се обезбеди повоена реконструкција на Украина“.
Документот ја користи војната во Украина за да ги критикува европските земји. Во него се наведува дека американската претседателска администрација е во конфликт со европските претставници кои „имаат нереални очекувања во врска со војната“: „Значително европско мнозинство сака мир, но овие желби не се преведуваат во политика, главно поради поткопувањето на демократските процеси“. Вашингтон сака да ја префрли одговорноста за сопствената одбрана на Европа, да ги стабилизира односите со Русија и да го отфрли понатамошното проширување на НАТО. Стратегијата предвидува дека САД треба да ѝ помогнат на Европа „да ја исправи својата сегашна траекторија“. Меѓу приоритетите на администрацијата на Трамп за Европа е, особено, овозможувањето таа да „застане на свои нозе и да дејствува како група обединети суверени држави, вклучително и со преземање на примарна одговорност за сопствената одбрана, без доминација на која било непријателска сила“. Понатаму, целта на САД, според документот, е да „го прекине перцепцијата за НАТО како постојано растечки сојуз и да спречи таков развој во реалноста“.
„За да се обезбеди Соединетите Американски Држави да останат најсилната, најбогатата, најмоќната и најуспешната земја во светот во наредните децении, на нашата земја ѝ е потребна кохерентна, фокусирана стратегија за ангажирање на светот“, се наведува во документот. Новата Стратегија за национална безбедност на САД е изградена врз концептот „Америка на прво место“. Таа прогласува поголем акцент на националните интереси и помало воено вклучување низ целиот свет. „Во сè што правиме, ја ставаме Америка на прво место“, напиша Трамп во преамбулата на стратегијата.
ЗАДАЧИ ЗА ЕВРОПА
Па почнуваат задачите за Европа. Подобрување на односите со Русија. А не таа да се смета за егзистенцијална закана. Тука би се вклучила американската дипломатија. За да се вратат условите за стратешка стабилност на евроазискиот континент и да се намали ризикот од конфликт меѓу Русија и европските држави. САД го нарекуваат „еден од нивните основни интереси“ преговарањето за брз крај на непријателствата во Украина „со цел да се стабилизира европската економија, да се спречи ненамерна ескалација или проширување на војната, да се врати стратешката стабилност во односите со Русија и да се обезбеди повоена обнова на Украина“. И тука САД ја критикуваат Европа Европските чиновници се тие кои „потхрануваат нереални очекувања во однос на војната“. „Значајно европско мнозинство сака мир, но желбите не се остваруваат во политиката и поради поткопувањето на демократските процеси(!)“. Вашингтон сака одговорноста за одбрана самата Европа да си ја преземе врз себе. Таа да се откаже од проширувањето на НАТО. Целта на САД, според документот, е да „се стави крај на перцепцијата за НАТО како сојуз што постојано се шири и да се спречи таков развој во реалноста“. САД кажуваат дека Европа треба да изгледа, како „група суверени држави“.
Повеќето европски држави ја премолчеа стратегијата, иако медиумите пишуваат дека некои од нив се вознемирени од нејзината содржина. Полскиот премиер, Доналд Туск, обраќајќи се кон „драгите американски пријатели“ на социјалната мрежа Х изјави дека Европа и САД имаат заеднички непријатели. „Европа е вашиот најблизок сојузник, а не ваш проблем. И ние имаме заеднички непријатели. Во крајна линија, така беше во последните 80 години. Ние треба да се придржуваме до тоа, тоа е единствената разумна стратегија за нашата заедничка безбедност. Ако, веќе, нешто не се изменило““, напиша Туск.
Во Украина го поставуваат прашањето дали Владимир Путин е подготвен да ги прифати отстапките содржани во мировниот план на САД или ќе бара уште повеќе. Иако Кремљ веќе изјави дека не се согласува со сите точки од планот. Сепак, логиката на новата стратегија, покажува дека Американците ќе бидат подготвени да одат до крај за да ги постигнат своите цели. Затоа, не можат да се исклучат нови чекори кон Москва, како и зголемен притисок врз Киев и Европа од страна на Вашингтон.
МОСКВА ЗАДОВОЛНА
Москва го смета отстранувањето на Русија од листата на „директни закани“ за САД за позитивен развој, изјави Димитриј Песков, коментирајќи ја ажурираната Стратегија за национална безбедност на САД за ТАСС. Песков додаде дека Кремљ има намера подетално да го проучи документот и да го анализира. Прилагодувањата на Стратегијата за национална безбедност на САД се во голема мера во согласност со визијата на Русија и даваат надеж за континуирана конструктивна работа за украинско решавање, изјави тој за друг медиум. „Сегашната администрација е фундаментално различна од претходните и, секако, претседателот Трамп сега е силен, силен во однос на домашните политички позиции, а тоа му дава можност да го прилагоди концептот во согласност со својата визија“, рече тој. Песков нагласи дека понекогаш, иако сè е напишано многу „убаво и концептуално“, реалноста е поинаква, па затоа нејзината имплементација мора внимателно да се следи.
Новата стратегија беше објавена во моментот кога мировните напори на САД како, навидум, да беа во ќорсокак. Како дел од мировната иницијатива, Вашингтон презентираше предлог со кој ги поддржува основните барања на Русија во речиси четиригодишниот конфликт. Европските сојузници, кои се потпираат на воена поддршка од САД, изразија загриженост дека помеката американска реторика би можела да ги ослабне напорите за соочување со Москва, додека конфликтот во Украина продолжува. Можеби голема вистина во се’ со стратегијата е ставот дека : „Суштината на новата доктрина за безбедност на САД е обид да се дистанцира од обврските што се неповолни за Вашингтон“ на Фјодор Лукјанов, директор за истражување на Меѓународниот дискусионен клуб Валдај. „Ова е обид да се формулира стратегија за национална безбедност за земја, која што во современата епоха не може да биде изолационистичка. Сепак, таа се стреми, колку што е можно, да се ослободи од какви било „неосновни средства“ - обврски и перцепции за обврските што таа ги смета неповолни за себе“, забележа тој.
Како и да е САД стратегијата ќе ја искористат како алатка за спроведување на своите намери. Во прв ред мирот во Украина, а потоа и односите со Русија. На сметка на некои довчерашни обврски кон Европа.
Мирче Адамчевски
*Ставот изразен во колумната не е став на редакцијата* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





