15 Декември, 2025
0.0553

Што ќе и испорачаат Европа, Украина и САД на Русија?

Објавено во: Колумни 15 Декември, 2025 09:58

Добивај вести на Viber

Берлин денес ќе биде домаќин на „судбоносниот“ ден за мирот во Украина. Лидерите на Британија, Франција и Германија ќе се сретнат со специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стивен Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, во присуство на претседателот на Украина, Владимир Зеленски. Не е исклучено на неа да дојде уште некој европски политичар. Тоа ќе биде обид да се усогласи заеднички приод за конечна доработка на мировниот план за Украина и Русија. Европските сојузници на Украина ќе се обидат да ги убедат Американците да ги прифатат нивните предлози. А Виткоф, потоа, усогласениот документ да и ги испрати на Москва.

Европејците очекуваа средба со Доналд Трамп, но тој пред неколку дена во разговорите со тројцата лидери ги искритикува, па дури најави дека Американците нема да одат на преговори, доколку нема за што да се преговара. Во смисла на серозни предлози кои би воделе кон некаков резултат. Сега европските лидери ќе мора да разговараат со Виткоф и Кушнер. Патем, во предвечерието на денешната средба вчера во Берлин се сретнаа американската и украинската делагација предводена од Зеленски. По завршувањето на  преговорите Виткоф на социјалната мрежа Х напиша:„ Средбата во Берлин меѓу претседателот Зеленски, специјалниот пратеник Виткоф, Џаред Кушнер и делегациите од Соединетите Американски Држави и Украина траеше повеќе од пет часа. Претставниците водеа продлабочени дискусии во врска со планот од 20 точки за мир, економските агенди и друго. Постигнат е голем напредок и тие ќе се сретнат повторно утре наутро“.

Нема ништо конкретно. Засега е јасно дека меѓу европскиот и американскиот предлог има големи разлики. Прашање е колку тие ќе се надминат и дали соговорниците од преговарачката маса ќе заминат заедно и насмеани или пак одделно. Работите нема да бидат лесни. Во средата во телефонски разговор,  Доналд Трамп на соговорниците, лидерите на Британија, Франција и Германија, Кир Стармер, Емануел Макрон и Фридрих Мерц им порача да го притиснат Зеленски за што побрзо прифаќање на американскиот план. Во тие рамки и територијалните отстапки и бројноста на украинската армија. Не беше спомнато НАТО, ниту безбедноста на Украина. Се чини, тоа се веќе решени прашања.

РЕШЕНИЕ ЗА ТЕРИТОРИИТЕ

На масата во Берлин ќе биде планот од 20 точки. Толку останаа од првобитниот американски план од 28 точки. Сега може да се каже дека остануваат за усогласување само две точки. Тоа се териториите и руските пари, кои ЕУ завчера ги замрзна на неодредено време. Територијалните прашања се многу важни за Украина. Таа, според некои искажувања, ќе треба да отстапи помалку од 20 проценти од територијата на Доњецката област, кои се под нејзина контрола. Но Зеленски тврди дека тоа не може да биде направено, бидејќи се нарушува Уставот на Украина. Советникот на Зеленски, Михаил Подољак, во петокот за Le Monde изјави дека Украина е подготвена за повлекување на своите војски од Донбас. И создавање таму демилитаризирана зона. Да бидат повлечени и руските војски. Овој предлог во средата му бил пратен на Трамп. САД би вршеле мониторинг , разузнавање и надзор над таа зона. Трамп тогаш изјави дека тие се подготвени да вршат најсовремен мониторинг во зоната. Се разбира без присуство на воена сила.

По објавувањето на текстот во Le Monde, советникот за комуникации на Владимир Зеленски, Дмитриј Литвин, изјави дека Украина сè’ уште не се согласила за создавање тампон-зона во Донбас. Тој истакна дека информациите објавени од Le Monde за согласноста на Украина за создавање тампон-зона се некоректни, а Подољак зборувал „само за теоретски модели што можат да се дискутираат, но Украина не донела никакви одлуки“. „Ваквите прашања можат да се решат само на највисоко политичко ниво или од народот на Украина. Претседателот јасно го потврди ова вчера“, нагласи Литвин.

Како и да е, станува јасно во која насока ќе се движи барањето решение за териториите. Украина да ги повлече војските  Русија да не стационира таму свои војски. Проблем ќе биде кој ќе ја управува таа територија. Русите викаат нема да има војска, но ќе има полиција и сили на руската гарда, кои не се дел од армијата. Околу териториите ќе се водат преговори и за признавањето на Крим, и за освоените територии од страна на Русија, кои се внесени веќе и во нејзиниот устав. Јасно е дека ќе кима демилитаризирана зона вдолж линијата на фронтот.  Долга над 1.000 километри.

Не се знае каков е напредокот од вчерашните преговори на Американците и Украинците. Но едно е јасно, денес Европејците ќе сакаат да стават во планот на Трамп предлози кои се неприфатливи за Русија. Таа секако ќе ги отфрла, но тоа ќе му даде време на Зеленски да ги одолговлекува работите. Да вели дека Русија не сака мир и го отфрла планот на Трамп. Што е цел сама по себе, за да може да се натера Трамп да ја критикува Русија. Од друга страна тој многу добро ги знае ставовите на Русија и за она со што таа може или не може да се согласи. Виткоф и Кушнер беа запознаени со нив во Москва на последната средба со Владимир Путин. Европската упорност може да доведе и до кревање раце на Американците од потрагата по мир. Потег, кој не само што ќе ја продолжи војната, туку и ќе доведе до нова ескалација. Руските „воени јастреби“, веќе зборуваат за Одеса и Николаев, како цели кон кои треба да се насочи руската армија.

НЕЕДИНСТВО ВО УНИЈАТА

Втора битна работа, посебно за Европејците се парите. Руските пари замрзнати во Европа. Таа нема ни пари, ни воени средства за да ја продолжи поддршката на Украина. Економиите на водечките европски земји се во криза. А на Украина идната година ќе и требаат околу 120 милијарди евра. Пари неопходни за војската, за оружје, за плати за неа, за социјала, за здравство, за пензии, за плати за администрацијата...ЕУ сега е во потрага на модел со кој би ги искористила руските замрзнати пари. Но тука почнува приказната за неединството во Унијата. Некои земји се согласија за замрзнување на руските пари, но не даваат согласност да се користат како гаранција за кредит ,кој би и бил даден на Украина. Ако се стават настрана Унгарија и Словачка, кои се јасно против поддршка на Украина, со став дека парите само ќе ја продолжат војната и дека некои земји од Европа го сакаат тоа, што да се каже за Италија, која исто така се противи на таквиот приод кон руските пари. Или за Белгија, кај која се легнати дури 140 милијарди евра руски пари. Дали ќе биде прифатен планот на Трамп тие пари да се трошат за обнова на Украина, но и за американско руски инвестиции?

Утре ќе биде јасно и дали ќе продолжи европско-американското оддалечување. За него завчера во Минхен зборуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц. На конгресот на сестринската партија ЦСУ. Зборувајќи за надворешната политика тој беше јасен. „Децениите Pax Americana за нас се завршени. Овде носталгијата нема да помогне.“ Според Мерц, „Американците сега многу агресивно ги следат своите интереси, а тоа може да значи само еден одговор, и ние да ги следиме своите интереси“. Европа и Британија го сочинуваат најголемото соседско економско подрачје во светот. Воопшто не сме така слаби и мали, нагласи Мерц. „Ова не се плими или осеки на добрите односи. Ова е вистинско тектонско поместување на политичките и економските центри на власта и ние, Германците, Европејците, се наоѓаме во центарот на тој процес“, додаде Мерц. Тој не и остана должен и на Русија. Ја обвини дека сака да го обнови стариот Советски Сојуз со голема закана за земјите кои некогаш му припаѓаа. Според него .„Нападот на Украина е напад врз целата Европа“, додавајќи дека „не сме во војна, но веќе не живееме во мир“. При што ги подржа инвестициите во Бундесверот, зголемените придонеси за НАТО и договорот за регрутирање.

Мерц не е единствениот кој зборува за оружјето и инвестициите во него. Но тој не направи ништо, за времето кога е на власт, за мир во Украина. Не се јави со некоја мировна инцијатива. Освен што не даваше ракети „Таурус“ на Украина. Тој и другите европски лидери постојано зборуваа дека Русија сака да го обнови Советскиот Сојуз. И праќаа пари и оружје во Украина да гинат украински војници. И се подготвуваат за војна со Русија. Не го слушаат американскиот претседател, Доналд Трамп, кога зборува за мир, за спречување десетици илјади жртви месечно од двете страни на фронтот. За спречување на апокалиптична војна. Тие постојано зборуваат за војна со Русија, па дури и генералниот секретар на НАТО. Марк Руте, во говор во Берлин, во четвртокот, изјавил дека НАТО мора да биде „подготвен за војна од таква големина, која што ја доживеале нашите дедовци и прадедовци“ и тврдел дека „ние сме следната цел на Русија“. Тој заборава дека новата војна нема да биде од таква големина. Дури и нема да знаеме дека имало војна.

ПРИТИСОЦИТЕ ОД САД

Рускиот политичар, опозиционен на Путин, Григориј Јавлински, уште во февруари во подготвеното излагање за Минхенската кнференција за безбедност напиша дека „таа би можела да ѝ помогне на администрацијата на Доналд Трамп да го запре ова ужасно крвопролевање и да ги намали растечките ризици од голема војна. Преку развивање јасна визија за реална, непосредна цел и поставување основа за барем груб план за дејствување. Зашто „Единствениот можен пат кон мирот е разбирањето дека ништо не е повредно или поважно од зачувувањето на човечките животи и иднината“. Но во Минхен се слушнаа „барабаните на војната“. Јавлински вели: „И не треба да бараме паралели со Минхенската конференција во 1938 година. Тогаш, светот не беше под вистинска закана од нуклеарно оружје; тоа, едноставно, не постоеше. Сега, сепак, мора да дејствуваме фундаментално поинаку, бидејќи ако не успееме, ништо не може да се поправи.“

Сепак, се чини, иако болно и хаотично, контурите на мировниот договор што на крајот ќе го заврши конфликтот во Украина веќе почнуваат да се појавуваат, бидејќи САД не се откажуваат од притисок врз Киев да се откаже од клучните „црвени линии“. Тие притискаат и врз Русија, но и врз Европа. До мир сигурно нема да дојде веднаш. Патот  до него ќе биде долг. Но потребен е прв чекор.  Ќе бидат потребни месеци пред оружјето конечно да замолкне. Но, Берлин денес е шанса една по една, пречките за конечно решение да исчезнуваат.

Во Москва со нетрпение ќе ги чекаат резултатите од денешната средба во Берлин. Иако не се многу оптимисти. Јуриј Ушаков, помошникот на Владимир Путин, дозволува дека Москва нема да прифати корекции во американскиот мировен план што ќе ги внесат Украина и Европа. „Мислам дека влогот на Украинците и Европејците во тие хартии тешко дека ќе биде конструктивен“, изјави Ушаков. Тој прецизира дека корекциите, кои се однесуваат на територијалните прашања можат да предизвикаат приговори. „По повод многу прашања. „Во однос на многу точки, ќе има одредби што се целосно неприфатливи за нас, вклучително и за територијалните прашања. „Јас така мислам. Територијалното прашање беше активно дискутирано во Москва. Американците не само што ја знаат, туку и ја разбираат нашата позиција. Не знам  што ќе стават на хартија по овие консултации. Малку е веројатно дека ќе биде нешто добро“, забележа Ушаков.

Песимизмот на Москва е очигледен. Но, поважен ќе биде одговорот.

Мирче Адамчевски

*Ставот изразен во колумната не е став на редакцијата

Можеби ќе ве интересира

Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација

Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација

Америка се ослободува од обврските

Америка се ослободува од обврските