07 Мај, 2024
0.0146

600.000 евра за мерцедес…колку Тамари можеа да бидат спасени со тие пари? ‪

Објавено во: 13 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Седам речиси нема на тераса и сум полна со гнев. Полна со јад. Полна со тага гледајќи во ѕвезденото небо размислувам кој во оваа земја има морал, се прашувам дали ова навистина се случува, дали е ова нашата држава, дали се ова институциите на системот кој сите ние заедно ги потхрануваме, толку ли злобата навлегла во нас?

Размислувам како во оваа земја живеат политичари (кои сигурно сега некаде уживаат на вечери во луксузни ресторани, а нивните госпоѓи сигурно тргнале во шопинг по новите омилени парчиња гардероба) и кои се одзиваат на функцијата премиери, министри, функционери , политичари ...

Тоа се оние политичари, фунцкионери, министри на кои семејства на болни деца секојдневно им тропаат на врата, семејства кои сакаат да ги гледаат нивните чеда до нив, да им се радуваат како секој родител а не да одат во болница и да ги гледаат како умираат пред нивни очи...и истите тие функционери им го вртат грбот тапкајќи ги по рамо,залажувајќи ги и давајќи им надеж дека ќе им помогнат.

Извинете, не сакам никој да навредам, но кажете ми каква е таа Влада на која не и е важен детскиот живот? Какви се тие министри кои не размислуваат како родители?

Ми се гади. Од сите. И од претходните и од овие сега. Оние кои ја натераа цела Македонија да собира пари за лекување на деца. А притоа уживаа во парите на народот и на граѓаните, се луксузираа...

Сакале да признаеме или не денес слушнавме еден таков пример.

600 000 евра за мерцедес ...ТОП... Бомбона, или како што вика министерката која си даде оставка вчера, ФАНТАЗИЈА, шо да ти кажам ... а на Тамара и требаа само 30 илјади евра ... мрвки и тронки во споредба со 600 илјади ...

Но, за вас не е важно што еден детски живот беше однесен горе на небото, и сигурно го најде своето место меѓу ангелите.

Епа пријатели, болно е нели?

Не ве боли во душа, кога слушате како некој нема уво за малата Тамара (неа ја спомнувам како пример а има многу кои чекаат помош и се надеваат) која чекајќи си замина и остави родители да тагуваат?

Каде и да се свртите во било кој град има гладни деца. Има ама вие не сакате да ги видите. Може само кога ќе има избори ќе се сетите на нив, ќе им поделите една вреќа брашно, една табла јајца и ќе си заминете со мисла во глава мисијата е исполнета, гласот е купен.

Во време на модерен свет кога сите одат напред, ние 25 години тапкаме во место.

Се прашувам каква ли чума се надвисна над ова парче прекрасно место на земјата?

Што ли толку му згрешивме на Бога, па да не казнува на ваков начин?

Наместо за ова кратко време кое ни го дал на земјата да правиме работи за да ја направиме Македонијава подобро место за живеење, ние губиме време мислејќи дали ќе ни останат пари месецот да го поминеме и да се прехраниме.

Тоа се мали чекори , за кои очигледно државата и понатаму, за се ова е најмалку заинтересирана, бидејќи не сфаќа дека сме нација која изумира. Ние сме нација која малку работи и создава, бидејќи често е заглaвена меѓу митологијата и митоманијата.

Убедена сум дека од секој политичар е поважно здравјето на секое дете, дека секој политичар е чиновник во служба на народот. За жал, ние со нашите пагански наследства, и се однесуваме во стилот на српската поговорка : бој се овна, бој се говна ...па така  им се плашиме на докторите, офицерите, министрите , функционерите, политичарите... кои се однесуваат како да се Богови пред кои треба да се поклонуваме.

Многу се зборовите кои може да се напишат во овој текст, и уште поголеми се проблемите кои ги имаме длабоко вкоренети во државата, но времето е кратко, морам да завршувам полека ...

Министри, политичари, и сите вие на функција сите овие години, немате ли грам совест што завивте во црно не едно многууу семејства во овие години на луксуз? Мислите дека нема се да ви се врати еден ден како бумеранг? Мислите дека ќе поминете неказнето?

За жал навистина сте биле бездушници. Гледате само за себе. Ако сте такви одете си! Не сакаме такви да ни ја водат државата! Животот нема цена!

На сите оние кои мислат како мене, ќе им порачам само едно.

Ако сакате да живеете во земја каде ќе владее слободно изразување, каде нема да се плашите да го кажете вашето мислење, каде ќе бидете поддржани од челниците на државата и кои нема да ве одбијат кога ќе им побарате пари за болното дете, тогаш ставете го прстот на чело.

Размислете пред да коментирате. И тргнете прво од себе.

Зошто да не се изборам за подобро утре и подобар живот? Мислите дека не е можно? Се е можно ако се сака.

Сепак надежта последна умира.

И јас така се надевам на подобро утро, во кое ќе се разбудам и ќе знам дека живеам живот во кој ќе можам да се гордеам на нашата земја. Се надевам дека нема да се разочарам.

И.Р

(Предупредување: Овој текст не е официјален став на Фактор.мк)