Андов: По ваков пораз Груевски треба да си оди
Објавено во: Македонија 30 Октомври, 2017
Првиот претседател на македонското Собрание, Стојан Андов вечерва во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 изјави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ќе направи сѐ за да не си оди.
Aндов вели дека по ваков пораз Груевски треба да си оди.
„Мислам дека основната порака од граѓаните не ја разбрал или нема капацитет да ја разбере. Она што сега го порачаа граѓаните е дека добива оној кој може ако е Македонец да добие и албански гласови и оној Албанец кој што може да добие и гласови на Македонците“ - изјави Андов.
Александар Михајлоски еден од главните баратели на реформи во ВМРО-ДПМНЕ, вели дека неконзистентност во политичките пораки кои ги праќа партијата, влијае демотивирачки врз гласачкото тело.
„Груевски, лично тој е одговорен за овој изборен процес, нити општинските, ниту месните комитети, нити другите активисти, туку серијата на погрешни одлуки во предизборјето“ - изјави Михајлоски.
Според него, ако Груевски не си замине, партијата оди во амбис. Вели дека партијата со нов претседател треба да тргне напред и да не биде оптоварена со минатото.