Богдановиќ: Одлуките ќе ги носиме заедно со жителите на Центар
Објавено во: Македонија 25 Септември, 2017
Изборната кампања официјално почна, а кандидатите почнаа со ветувања.
Саша Богдановиќ од редовите на СДСМ кој ќе се бори за најбогатата скопска општина Центар ветува носење на одлуки заедно со граѓаните.
Богдановиќ на свеченоста во хотелот „Холидеј Ин“ со која тој ја започна изборната кампања за престојните локални избори на 15 октомври рече дека ќе тропнат на секоја врата, ќе го посетат секое маало во Центар и ќе ги понуди решенијата и визијата за општината.
Тој посочи дека во програмата се опфатени проекти и решенија за сите граѓани, најмладите, децата и учениците, пензионерите и социјално загрозените категории на граѓани. Најави дека ќе ги заврши сите позитивни проекти што се започнати, како изградбата на новото основно училиште во Капиштец кое ќе биде најсовремено на овие простори и ќе ги обнови и модернизира и другите деветолетки на територијата на Центар за да се овозможи квалитетно образование на учениците.
Ќе бидат реконструирани и постоечките детски градинки, а предвидена е изградба на нова во Маџир Маало.
„Ќе го решиме и еден од најголемите проблеми со кој општината се соочува, а тоа се паркиралиштата. Преку изградба на нови монтажни гаражи ќе го зголемиме постоечкиот капацитет на паркинг-местата, а со тоа ќе ги ослободиме тротоарите и конечно ќе можеме да им дадеме слобода на движење на пешаците и велосипедистите. Во таа насока, ќе го продолжиме и проектот „Цел Центар на точак“ за субвенционирање на велосипеди и со тоа ќе влијаеме врз зголемување на свеста на граѓаните и ќе ги едуцираме за тоа колку е важно да ја заштитиме нашата животна средина - порача Богдановиќ.
Во врска со заштитата на околината и подобрувањето на квалитетот на животот, Богдановиќ најави дека ќе продолжи зазеленувањето на сите слободни површини, подигањето на нови и заштитата на постојните паркови, кои ќе бидат збогатени со најсовремена урбана опрема и модерни детски игралишта.
На тема екологија и обновливи извори на енерегија тој посочи и дека Центар ќе го замени постојното улично осветление со енергетско-ефикасни ЛЕД светилки.