Богдановиќ: Прв предмет како градоначалник ќе ми биде партиската дивоградба на ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2017
Прва мерка по добивањето на довербата да бидам градоначалник на општина Центар е мораториум за сите градби кои не се усогласени со деталните урбанистички планови, вклучително и за партиската тераса на ВМРО-ДПМНЕ, која се докажа дека е дивоградба, изјави кандидатот за градоначалник од Коалицијата предводена од СДСМ, Саша Богдановиќ.
Тој изјави дека ги добиле документите од Градежниот факултет по барање на општината со кои се утврдило дека терасата е тврда градба. Богдановиќ најавува ревизија на сите издадени одобренија за градба во изминатите години во општина Центар.
„Нема да се гради за нечии потреби туку по закон и процедура“, рече Богдановиќ.
Кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ вели дека успеале да ги стопираат шпанските скали на плоштадот Македонија, барокот на ГТЦ и да го спасат просторот за катната гаража кај „Никофон“.
На прашање на „Макфакс“ дали ќе има втор круг во Центар, Богдановиќ на шега одговори дека „не смее да се врати дома“. Toј покрај урбанистички решенија, најавува решавање на проблемите со паркинг-просторот, намалување на загадувањето во општината и решенија за сообраќајните проблеми заедно со садење нови зелени површини. Богдановиќ најави дека во еден дел за ГТЦ е предвиден парк.