Досие Чавков: Од врвот до дното, министер осомничен за тероризам
Објавено во: Македонија 01 Декември, 2017
Само 24 часа по влегувањето во ќелијата во затворот во Шутка, поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, одлучи да штрајкува со глад. Како протест против мерката 30 дневен притвор што му ја одреди судија на претходна постапка како осомничен за насилните протести на 27. април во Собранието.
Неговиот адвокат, Петар Василев, вели дека здравствената состојба на Чавков е нарушена, со оглед дека пред неколку месеци преживеал инфаркт и му бил вграден стент.
– Психички е стабилен, но како реакција на неправдата што му е нанесена со определување на мерката притвор, како и товарење за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ донел одлука да штрајкува со глад, изјави адвокатот на Чавков, Петар Василев.
Тој очекува мерката притвор во затворски услови да му биде заменета со куќен притвор.
Од полицаец со кариера, до осомничен за тероризам
Митко Чавков има 54 години. Дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје, магистрирал на Правниот факултет во Скопје и докторант е на Правниот факултет во Скопје.
Работното искуство го почнува во Министерството за внатрешни работи. По завршување на приправничкиот стаж работи како инспектор во УБК, началник на Секторот за криминалистичка полиција во Регионалниот центар на МВР во Струмица, заменик-началник на РЦ на МВР во Струмица, виш инспектор за дрога во МВР, началник на Секторот за криминалистичка полиција во РЦ на МВР во Струмица, самостоен инспектор за финансиски криминал во РЦ на МВР во Гевгелија.
Чавков потоа работел и како главен инспектор за финансиски криминал во одделот за организиран криминал во МВР, началник на одделот за организиран криминал за сузбивање на организиран и сериозен криминал, началник на Централните полициски служби и директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, позиција на која доаѓа во 2013 година.
Тој застанува на чело на МВР во мај 2015 година, оставката на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
За време на неговото „министерување“ немаше значителни полициски акции или успеси во борбата со криминалот, но ќе остане запаметен како министер кој им испрати специјалци на студентите во Студентскиот Парламент.
По две и пол години од времето кога стапи на функцијата министер за внатрешни работи, Митко Чавков, денес е притвореник осомничен за тероризам и загрозување на уставниот поредок.
„Татко ми не е терорист“
Ќерката на Чавков, Зорица Чавкова, по апсењето рече дека е разочарана од односот на полицијата и дека не верува во правда и правна држава. Таа вели дека нејзиниот татко цел живот и кариера ги посветил во одбрана на својата земја, а сега е третиран како терорист.
„ Татко ми целиот свој живот и кариера ги има посветено и поминато во МВР каде што пожртвувано се грижеше за заклетвата што ја имаше дадено дека ќе ги брани и чува законите и Уставот на земјава.Големо лицемерие е човек кој цел живот се борел за сузбивање на безброј терористички акции,сега го третираат како терорист. Не верувам дека во оваа држава постои правда, не верувам во правна држава.“, рече Зорица Чавкова.
Покрај неговата ќерка Зорица, Чавков има и син, 27 годишниот Иван Чавков. Тој, иако млад, сепак е успешен бизнисмен и сопственик на неколку фирми.
Една од неговите компании е „ПОРТЛАНД-ОПЦ“, која се занимава со „трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема“.Тој е косопственик и во фирмата „ИН-МАК БЕТОН“, компанија за производство на готова бетонска смеса, преку која има добивано концесии за сепарации на песок.
Каква беше улогата на Чавков на 27. април
Митко Чавков ја имаше клучна улога во насилствата во Собранието на 27 април, кога разгневена толпа упадна внатре, при што беа повредени повеќе пратеници, тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев, а едвај жива глава спаси лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
За време на протестите, речиси два часа немаше никаква интервенција на полицијата која само немо гледаше како демонстрантите влегуваат во собраниските простории. Дел од специјалната полиција која беше ангажирана на 27 април стори мал обид да ја контролира толпата но, без поголем успех, а никаде го немаше и собраниското обезбедување.
Полициските специјалци интервенираа дури по наредбата која ја издаде тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој тврдеше дека два часа не можел да воспостави контакт со Чавков кој во тоа време беше и шеф на Оперативниот штаб во МВР за следење на протестите пред Собранието.
Чавков во меѓувреме замина од МВР во пензија, но наместо да ужива во пензионерскиот живот, тој сега е соочен со сомнение за тероризам и загрозување на уставниот поредок.