20 Февруари, 2018
1.8828
    ALK 7801.99    -1.64%     BESK 10275    -3%     GRNT 810    -0.06%     KMB 3389.73    -0.22%     MERM 800    -20%     MPT 29500.63    0%     OKTA 3620    0.56%     RMDEN16 94.9    0.11%     RZUS 139    3.73%     SBT 2041    -2.86%     STB 940.85    0.03%     STIL 139.03    -4.1%     TETE 2286.67    2.27%     TKVS 3110    2.98%     TNB 13581.59    -0.42%     TPLF 1649.9    1.35%     TTK 947    -2.97%     UNI 2050    0%

Драги мои синови – вие сте Македонци!

Објавено во: Колумни 18 Јануари, 2018

Драги мои синови, ви пишувам на почетокот на 2018-то лето господово. Провидението можеби сакало, ете да ми се збидне оваа порака во пресрет на денот Богојавление, во годината во која се најавува дека ќе нè прекрстат, ќе нè преименуваат, па затоа сакам ова писание, како своевидна порака во шише, да стигне до вас во иднина, во часот, во мигот кога можеби, ако не да ни простите, ќе можете барем да нè разберете. Не знам каде ќе ве затекне оваа порака во шише, драги мои синови, само едно се надевам и го молам Бога, да ве затекне живи и здрави. Другото сè ќе се нареди.

Во оваа порака во шише нема да се правдам, иако можеби ќе ви звучи така. Дури и ако ви звучи така, прифатете го само како извинување. Дури можеби и како некаков и личен аманет, како молба, како мој мал долг, искупување и барање прошка за прародителскиот грев што ви го оставивме на вашите малечки плеќи. Можеби ќе ви звучам и патетично после години и години, а можеби и уште денес таков ќе ви звучам. Но таков ми беше мигот, верувајте. Знам дека ве учам на возвишени чувства, а не на патетика, но нека ми биде в мигов барем тоа дозволено. Сепак, ова е мојот „тестамент.“

Ете, не успеавме, не ве дочувавме, не ве докрепивме, синови мои. Извинете за тоа. Извинете што не ви го дочувавме името, родот, а Бога ми ни имотот. Сè разграбавме, сè запустивме – и име и род и пород – пуста глава да ни остане! Да не ми бевте вие, ќе проколнев до седмо колено семката да ни се сотре, да нè нема, да не нè има ама ич, оти што ќе сме вакви-никакви да нè има. Ама ете, бидна, сега ќе морате вие да го носите тој крст. Арам да ни е што ви го нарамивме!

Но, простете ми синови мои, немавме сили, едноставно не умеевме и не додржавме, мили мои. Не знам ни дали можевме, а можеби можевме, можеби требаше, можеби мораше макар да нè немаше, оти што ќе сме вакви осакатени и да не имаше, сакати Бог да даде, да одиме. Навистина не знам, драги мои. Само едно знам, дека вашиот татко, вашата мајка, баба, дедо, до прабаба и прадедо, та дури и чукун дедо се викале и доживувале себе си како Македонци. До таму знам, до таму сум имал лично искуство и до таму можам да ви посведочам и да ви пренесам. Да ви кажам дека како и да ве прекрстат, вие сте Македонци. Не знам дали сме од Александара или не, тоа ќе учите и проучувате самите. Јас учев и доучив дотаму што ви дадов Славјански имиња - Методија и Кириле - носете ги достојно!

Ќе читате и учите во школо секакви приказни и истории. И да учите, сакам учени да бидете, да не би да ве прелагаат ко нас што нè прелагаа. Сепак, не знам таму како ќе учите, од кои книги ќе читате и најбитно кој ќе ве учи. Во оваа порака во шише јас не сакам да ве учам, та кој сме ние прости и без ука да ве учиме, ами скромно само да ви раскажам како бидна тоа што еве го скоро ќе бидне, да не би да даде Бог никогаш да бидне....но, ѓавол да го носи, ќе се збидне. Да ви раскажам на просто и едноставно како тоа бидна. А еве вака се збидна.

Едниот, драги мои синови беше на власт скоро 11 години – му се услади. Грабаше, крадеше, пустошеше. А лажеше пустиот дека сме добри, ако не и најдобри. Дека нè сакаат сите и ни се восхитуваат на целата земјина топка од Гренланд до Антартик, од Сибир до Фиџи. И дека сме од Александара, затоа сме и толку и такви – најарни. А он, пустиот драги мои синови, нит верувал, нит вистина говорел. И не нè лажел сал нас, ами и светот, и посебно тој „западот“, тој каде што сме припаѓале и заради кој треба да се одродиме. Е, и кога тој „западот“ му се налутил и овој им се налути, па се свртел тој кон „истокот“, кон „браќата“ Руси и Славјани. Не дека не сме, синови мои Славјани - сме, јас така учев, така вас ве учев, така ве крстив. Славјани сме, слични сме со тие, „браќата“. Ама слаби се синкини тие Славјани сега, ко што сме слаби и мали и ние, Македонците и сите други Славјани. После двете светски војни и после падот на Советскиот Сојуз во светот двете „начела“: Славјанското и Германското престанаа да бидат важни и влијателни, синчиња мои, туку станаа важни оние чии песни ги пеете, чиј јазик го зборувате подобро од мајчиниот, оние чии игри ги играте на PlayStation иXbox, онаму каде што пекате да живеете...ние големите ги викаме Англосаксонци. Тие сега се важни, посилни од нас. Е, нам тие ни се скараа, поточно овој, чичкото што 11 години нè лажеше и крадеше се скара со нив. А вие самите знаете дека посилните другарчиња од погорните одделенија можат да ве натепаат вас помалите од пониските одделенија. Да, да, знам дека тоа не е праведно и чесно и дека така не ве учиме со мама, но светот на возрасните понекогаш и така функционира. И за тоа ќе треба еден ден да ни простите.

Овој, лошиот чичко, што нè скара со тие не баш добрите секако, ами далеку посилните со кои не е умно да се караш, го фатија нашиот чичко со спуштени гаќи – да не каже тато погруб збор, знаете колку се лути мама, кога тато е груб со зборовите, „а чунки философ“, вели мама, „згора и етичар“ – па му снимија едни ленти на кои сите слушнаа како и колку му се спуштени гаќите на овој чичко, т.е. видоа дека царот е гол. И повеќе не го сакаа. А и сите ние ептен го однејќевме. И донесоа еден ист таков, со исти такви спуштени гаќи (пак да не си ја поганам устата, да не ни се налути мама). Двајцава сега оти со спуштени гаќи, кабаатлии ајде да речеме, требаше за своите кабаати да одат в затвор. За да не одат, татини, они се согласија да молчат и да бидат и слепи и глуви. Но, не, не, не грижете се татини, нема да оди никој в затвор, се имаат договорено овие двајца чичковци, оваа приказна за нив е со среќен крај. Ние сме несреќниците.

Првиот, тој што 11 години беше цар, тивко си се повлече, си одите дома да речеме, на топло, а овој вториов, пак не помалку кабаатлија од првиот, се согласи да му бидат простени кабаетите, во замена за вашето, нашето име татини. Обајцата сакаат да си ги измијат своите кабаати со нас. Да, таква е приказната, убаво забележавте умните они, ко во Библијата, во право сте. Но Библијата е животот татини, животот и на луѓето и на народите: кабаетите секогаш паѓаат на плеќите на оние што идат по нас. Ко лушпи сме и ние и народите, се лупиме, сакаме да се излупиме од нашите гревови, да ги излуштиме да ги истргаме, без да видиме дека од лушпите гревовни што паѓаат под нашите нозе всушност се пластат нашите деца. Така што синкини, не само овие двајца чичковци, ами сите се лупевме, сите сме кабаатлии, таткини, од нашите гревовни лушпи сте вие. И такви синчиња мои, кабаетлии и они и сите ние, се согласивме да се одродиме. И ете, така се збидна тоа што ќе се збидне, ега да се не збиднало, но ќе се збидне.

Но, сакам едно да знаете, уште еднаш сакам да ви повторам, реков сакам да ви се извинам, да ве молам за прошка. Оти ќе се случи тоа, ќе ве однародиме, ќе ве преименуваме, ќе ве запустиме, пусти да останеме. Кабаетлии бевме и ние и нашите цареви, црвци да ги јадат, а сите ние мали, немоќни и безгласни. Не можевме татини против оние чија музика ја слушате, чии игри ги играте, чиј јазик го зборувате...неправдата ќе биде направена. Ни велат тоа било цената што мораме да ја платиме, за да им бидеме другарчиња, да си играле со нас, да нè викале на нивните родендени, да сме си играле со нивните играчки. Во спротивно ќе нè немало, нема да нè имало, татини. А ние сакаме да нè има, сакаме да ве има. И ќе не има можеби, ама ќе нè нема татини, ќе ве има, но само немајќи ве... Каква е таа неправда, каква е таа космичка дијалектика мили мои – може да ве има, само ако ве нема! А што ќе нè такви да не има кога ќе нè нема!? Оф, гром да не убие, не додржавме, татини, не достојавме, не докрепивме, крепа да не поклопи!

Ете од годинава може ќе сте „горни“, „долни“, „северни“, „нови“...но ве молам, ве преколнувам, клетва да нè фати да нè исуши нас постарите, проклетите, знајте дека како и да ве наречат, вие сте Македонци, татини. И сакам да си го носите тоа. Ниту како срам или стигма, но ниту како гордост. Едноставно, такви, Македонци. Ниту повеќе, ниту помалку од било кои други ваши другарчиња - Грци, Турци, Албанци, Роми, Хрвати, Американци, Срби, Бугари, знајни и незнајни народи, постојни и непостојни, живи и мртви... Немојте ниту да се унижувате, ниту да се возвишувате со тоа, ниту да се срамите, ниту да се возгордејувате, ами само така, достојно да си го носите и паметите и името и родот...имотот бателете го, него никаде нема да го однесете. Но најважно запаметете - нит сте помалку, нит сте повеќе од било кој од нив. Рамни сте им, знајте!

А нам, нам изродите, одродените, кукавиците, кабаатлиите... никогаш, ама баш никогаш да не ни простите. Коските однародени во гробовите да не ни ги посетувате, свеќи да не ни палите, цвеќиња да не ни носите, помен да не ни чините - да нè заборавите. Ко што ние ве заборавивме дур бевме живи, при вас живи и неродени. Знаевме многу добро што чиниме, затоа не ни проштевајте.

И вака прекрстени, милички мои, преименувани може и ќе ве биде и ќе ве има, може и ќе си имате и достоен и убав живот, дај Боже да достоите и да убавувате. Може и ќе ве има, и ќе се плодите и ќе се радувате. И нека ви има и нека сте радосни и плодни. Ама и со новото име ќе бидете старите да си знаете. Тие сте си. Клетвата е таа. Затоа, ако некогаш бидне, дај Боже да бидне, да имате прилика името, честа, родот да си го вратите и одбраните, направете го тоа, а ако не, оставете им ваков аманет вие на вашите синови и ќерки. Барем да паметат, барем да не заборават, драги мои синови дека – вие сте Македонци, а оваа земја, како и да ја викаат, се вика МАКЕДОНИЈА!

Со љубов и очај,

Вашиот татко Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Ќе бара ли Грција и колективна лоботомија за сите што се чувствуваат Македонци

Ќе бара ли Грција и колективна лоботомија за сите што се чувствуваат Македонци

ШТО Е МАКЕДОНИЈА?

ШТО Е МАКЕДОНИЈА?

Да ги потсетиме функционерите што е тоа морална одговорност

Да ги потсетиме функционерите што е тоа морална одговорност

ПАЗАРНОСТ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

ПАЗАРНОСТ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Бездушни неморални личности

Бездушни неморални личности

Каде згрешивме, дали направивме генерации кои чекаат некој друг да им улови риба, наместо тие самите

Каде згрешивме, дали направивме генерации кои чекаат некој друг да им улови риба, наместо тие самите