Граѓанските организации подготвија реформи за излез од кризата
Објавено во: 08 Јули, 2016
Граѓански организации и експерти подготвија Предлог за итни демократски реформи, кои имаат за цел да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија.
Со тоа сметаат ќе се врати и довербата на граѓаните во државните институции. Со предложените итни реформи кои ќе создадат услови за слободни, фер и кредибилни избори. Се предлагаат реформи во секторите: јавни финансии и економија, правосудство, борба против корупција, избори и изборен систем, медиуми, јавна администрација и други области.
„Сметаме дека овој документ треба да се прифати во целина. Прифаќањето на дел од документот, а отфрлање на друг дел, нема да доведе до посакуваниот ефект. Потребно е да се обезбеди суштинска вклученост на граѓанското општество во проценката на состојбите во институциите, но и во мониторингот и евалуацијата на спроведување на овие реформи. Вклученост треба да постои на сите нивоа на власта вклучувајќи ги и независните, надзорните и регулаторните тела“ - велат од граѓанските организации.
Поради степенот на „заробеност“ на државата од владејачките партии, најдобро е предложените мерки да ги спроведе експертска влада, сметаат граѓанските организации.
Овој документ денеска му беше презентиран и на Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ. Тој рече дека се потребни коренити реформи во државата, кои ќе обезбедат квалитетен живот за граѓаните и демократска и сигурна иднина на Македонија.