Добивај вести на Viber
Грчкото Министерство за финансии си ги бара непријавените околу 5 милијарди евра за кои се претпоставува дека се изнесени надвор од државата.
Како што јавува весникот Катимерини, од утре даночниците ќе почнат со праќање на писма кај околу 15.000 грчки граѓани за кои е утврдено дека префрлиле пари во странство без да ги пријават на локалните даночни власти. На овој начин Владата се надева дека од нив ќе собере 2,25 милијарди евра, што е половина од сумата којашто недостасува.
На овие граѓани ќе им биде даден рок од 3 недели за да поднесат дополнителна декларација за средствата. Сите тие ќе мора да платат или во спротивно да обезбедат доказ дека нивните пари се веќе оданочени.
Во меѓувреме, грчките власти ја чекаат оригиналната верзија на информацијата за околу две илјади Грци кои имаат сметки во филијалата на ХСБЦ во Женева, а потоа ќе одлучуваат да поднесат обвинение против оние коишто се најдоа на спорниот список.