26 Декември, 2024
0.0367

Груевски што народот не го вадеше од уста, остана политичар без народ

Објавено во: Колумни 03 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Никола Груевски на симпатичен начин го завршува претседателствувањето со ВМРО-ДПМНЕ со тоа што е меѓу „народот“ односно со преостанатите стотина верни поддржувачи кои заедно со него излегуваат секој ден на протести, де пред Кривичен, де пред Правда, де пред затворот Шутка. Преостанатите про-вмровски медиуми не пропуштаат да нагласат дека Груевски е на протестите, и тоа во наслов, и тоа секој ден, па дури и кога врне - ГРУЕВСКИ Е НА ПРОТЕСТИ, да добро прочитавте, а ако не ќе ве потсетиме пак дека Груевски оди на протестите заедно со насобраните луѓе кои се незадоволни од судските власти и од „хунтата“ на Заев и тоа само по себе е доволно за вест.

Груевски е рекордер меѓу македонските политичари кој го има користено зборот НАРОДОТ, и тоа во секој можен јавен настап, но во последните две години кога политичката кризза кулуминираше и кога се одржуваа бројни протести, контра-протести, бранење на судови, закани за влегување во судови, протести на заеднички македонии, на громовци, гдомовци, фронтови за народот, форуми, панели, експертски комисии, ултра-убер-добалчак патриотски здруженија - Груевски го немаше. 

Па дури и Заев кој не сакаше да ги поклопи протестите на Шарената револуција излезе на еден протест и фрли со боја кон министерството за како што тогаш го нарекуваа (НЕ)Правда. Ваков задоцнет финиш на Груевски дури изгледа и по малку трагично, човекот кој се „крстеше“ во народот со денови да излегува на протести со неколку стотина луѓе, без никаква масовност, без никаков поголем оддек во јавноста за итноста и оправданоста на протестите, без формирање на ново измислено во 5 до 12 „граѓанско“ здружение против злоупотреба на притворот кое еве дури и ќе се понудиме ние да го именуваме и брендираме за побрзо да влезат во јавниот дискурс како божем независно тело кое бара правда. Сами може да најдат нови актери, јавни личности, земјоделци, професори, патриоти, аналитичари и експерти да им членуваат во ЗПЗП.

Груевски дури последен дојде и на повеќедневните дежурни протести пред ДИК во екот на минатата зима по парламентарните избори. Дојде, одржа краток говор, го упати Прогласот на партијата која веќе никој не го ни памети, и си отиде некаде на топло, додека надвор мрзнеше членството и симпатизерите, дел од нив носени со автобуси од други градови за извршат притисок да нема прегласувања што на крај и се случи со оглед на тоа што ДИК прифати само еден приговор на БЕСа кој и онака не донесе никакви промени во распределбата на пратенички мандати.

Екс премиерот и лидер во оставка не може ниту да се претстави како заштитник на лицата кои се осомничени од Јавното обвинителство бидејќи и нивниот случај го злоупотребува за политички цели, а да не заборавиме дека еднаш јавно кажа дека секој кој е виновен за тоа што се случи во Собранието треба да одговара, за потоа под притисок на „тврдокорните“ да побара општа амнестија за учесниците во упадот. Исто така Груевски со притисокот врз судот создава непотребни тензии во општеството наместо да и овозможи на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ како партија да има конструктивна улога во започнатите реформски процеси. 

Ниту пак, подвлече црта за да донесе одлука дека заврши времето кога партиите протестираа за апсење или притворање на нивни членови и нивна одбрана само затоа што се во поовластена положба, никој не осврнувајќи се на правните факти и можноста преку судска процедура да се докаже вина или не. Можеби некој се надеваше дека ќе одекне крик од народот и членството „остани Груевски, не не напуштај“, но тоа засега е премногу тивко во се погласните партиски кулоари кој ќе биде негов наследник во скоро време.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Трамп и Путин очекуваат средба

Трамп и Путин очекуваат средба