Груевски: Уште неколку дена до историски пораз на СДСМ
Објавено во: Македонија 02 Декември, 2016
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва од Свети Николе порача дека уште само неколку дена остануваат до завршување на кампањата и историски пораз на СДСМ.
Вели дека се партија која е подготвена да помогне секаде и секому во оваа држваа.
„Бевме и уште сме многу посветени на економијата затоа што тоа е најголемиот проблем на граѓаните. Помагаме секаде каде што ќе стигнеме. Носиме инвеститори од секаде каде што можеме да отворат нови работни места во Македонија. И тоа ќе продолжиме да го правиме и по тоа се разликуваме од СДСМ“ - изјави Груевски.
Додава дека во нивно време е намалена невработеноста. Вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи заради повеќе причини, а една е минатиот труд и сработеното.
Илија Димовски, носител на листа во ИЕ 3 вети во Свети Николе дека ќе има економски раст и градење на автопати и во Источна Македонија. Димовски кажа дека со години поради грешка на властите Источна Македонија била запустена.
„Затоа најголемите инвестиции се случуваат тука. Исправаме историска неправда. Единствено во Источна Македонија се создава, се гради кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт и Коалицијата За подобра Македонија“ - рече Димовски.
Вети дека ќе се реконструира патот Куманово - Свети Николе. За лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека не може да си игра кантонизации и федерализации и да си го менува Охридскиот рамковен договор. Димовски повика да не се гласа за малите партии и да не се фрлаат гласови во ветер.