Игор Југ бил водач на толпата која упадна во Собрание на „крвавиот четврток“?
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2017
Обвинителството се сомнева дека Игор Југ бил водач на толпата која на крвавиот четврток упадна во Собрание и нападна пратеници.
Ова може да се заклучи од денешното соопштение на скопското обвинителство кое што ја прошири истрагата за осомничениот Игор и вчера до судија на претходна постапка поднеле предлог за продолжување на мерката притвор.
„Во текот на вчерашниот ден Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка поднесе предлог за определување на мерката Притвор за осомничениот по сите основи и тоа: поради постоење на опасност од бегство, попречување на истрагата и можност за повторување на кривичното дело.
Предлогот е поднесен бидејќи од досега прибавените докази од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје произлезе дека покрај за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик, постои основано сомнение дека осомничениот преземал дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава“, соопштуваат од обвинителството.
Како што се додава, надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка и за кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од чл.385 ст.3 од Кривичниот законик, за кое дело пропишана е казна затвор од една до 10 години.