Добивај вести на Viber
Долги години биле членови на ВМРО ДПМНЕ и доследно ги поддржувале политиките на партијата, во оној момент кога се спротиставиле на дел од одлуките на партијата, тогаш почнува голготата на
Билјана Јовановска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување, а сегашен претседател Партија за Економски промени 21. Откако СДСМ објави снимки на прислушуван разговор на како што тврдат, министерката
Гордана Јанкулоска и шефот на кабинетот на премиерот
Мартин Протуѓер во кој се споменати Билјана и нејзиниот сопруг
Томче, тие одлучија јавно да проговорат. Билјана Јовановска е поранешен директор на Агенцијата за вработување. Од функцијата е разрешена во 2010 година. Нејзиниот сопруг
Томче Ѓуровски е поранешен заменик директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и тој пред пет години е разрешен од функцијата.
Јовановска вели дека нивното разрешување е од политички причини бидејќи јавно проговорила дека не се согласува со политиките на тогашната нејзина матична партија ВМРО ДПМНЕ.
Притисоците како што велат продолжуваат и пет години подоцна. Бев гласна, критична, искрена и знаев јавно да искажам незадоволство или противење на политиките на тогашната матична партија ВМРО ДПМНЕ и политиките на Владата,
вели во интервју за Фактор, Билјана Јовановска, претседател на Партија за Економски промени 21 и поранешна директорка на Агенцијата за вработување на Македонија.
Фактор: Пред пет години бевте директор Агенцијата за вработување, зошто и кога бевте разрешени од директорската функција?
Јовановска: Директор на АВРМ бев од мај 2007 до октомври 2010 година. Од професионален аспект функцијата ја извршував беспрекорно, разрешувањето беше од политички причини. Агенцијата за вработување сега е претворена во агенција за маркетинг и реклама на Владата на Република Македонија. Бев гласна, критична, искрена и знаев јавно да искажам незадоволство или противење на политиките на тогашната матична партија ВМРО ДПМНЕ и политиките на Владата. Ме разрешија и тоа не ми беше важно, тоа е политика. Но се што ми следува по закон тие не дозволија да го остварам. Владата не ми исплати апанажа, паричен надомест ни после 5 години и покрај правосилни и извршни пресуди. Сопругот го разрешија па го избркаа и од работа. Пријави, тужби, преписки, дописи,закани, усни, писмени....
Фактор: Вие бевте член на ВМРО ДПМНЕ, по извесно време го напуштивте членството, со кои политики на партијата не согласувавте?
Јовановска: После 2008 година, односно 2009 година се тргна во поинаков правец, после успехот на изборите беа донесени многу одлуки и се реализираа политики, партиски и владини за кои јас и сопругот Томче Ѓуровски јавно искажувавме незадоволство. Јас бев член од студентски денови, а сопругот од 1991 година. Двајцата извршувавме високи и важни партиски функции уште пред 2005 година, што значи ние сме оние кои дадовме добри резултати за успех на изборите и бевме големи теренци. Но тогаш Никола, Гордана, Мартин и други не гледаа во очи и на сопругот му викаа, “Tомче ти и Господ само може во Аеродром и Кисела Вода да донесете победа и успех на избори”. Што да кажам, жално е тие што беа помали од зрно грашак, се претворија во ГОЛЕМИ МАЖИ кои ја користат позицијата на власт и институциите па се закануваат
Фактор: ВМРО ДПМНЕ со сегашниот премиер Никола Груевски дојдоа на власт во 2006 година, какви политики водеше партијата тогаш , а какви сега?
Јовановска: После 2009 година, односно после победата и на локалните избори и промена на коалициониот партнер од албанскиот блок во 2008 година сите позитивни работи, реформи, идеи за промени во сите свери на живеење и делување некаде беа заборавени или ставени во фиока, намерно и по нечиј налог и интерес. И покрај негодувањата на многу членови на ВМРО ДПМНЕ и функционери, најтесното раководство си ги реализираше своите планови и намери на партиско и владино ниво без тронка совест или дилема. Жално е што само неколкумина јавно се побунивме и критикувавме лоши одлуки и политики. Останатите замолчија од страв да не ги изгубат функциите и привилегиите. Но за жал ја губиме државата, долгорочно ги изгубивме младите, изгубивме многу вредности.
Фактор: Што се случи по вашето заминување од ВМРО ДПМНЕ, дали имавте притисоци бидејќи сте искажале незадоволство од политиките на партијата?
Јовановска: Во 2011 бев носител на листа во Изборна единица 1 на Обединети за Македонија, во 2013 година станав претседател на Партија за Економски промени 21, и на изборите 2011 и 2014 година се соочивме со притисоци, проблеми и закани.
Фактор: Бевте член на партијата на Љубе Бошкоски, во една од политичките бомби на СДСМ беа објавени како што тврди опозицијата разговори меѓу високи државни функционери но и новинари, а поврзани со апсењето на Бошковски, а исто така во една од опозициските бомби бевте споменате вие и сопругот, како ги коментирате содржините на разговорите?
Јовановска: Многу мизерно и нечовечки од страна на функционерите и новинарите чии разговори беа објавени во првата бомба на Зоран Заев. Покрај нанесување на зло на своите неистомисленици и гласноговорници против политиките на Власта, такво исмејување и понижување не можам да поверувам дека може некој да го прави. Да се затвори Бошкоски, да се уништат луѓе и фамилии, да не сотрат мене и сопругот Томче, човек со жена и деца во ендек да ги фрлат, е едно болно сценарио од болни умови. Големи луѓе, големи политичари сакаат и почитуваат конкуренција, неистомисленици и критичари. Воопшто изјавите од функционерите на ВМРО ДПМНЕ се траги- комични, сакаат да уништуваат туѓи човечки животи без тронка совест, меѓу себе се оговарат како стрини на сокак, ама поради лични интереси сеуште се заедно. Иако не ми е јасно како можат и до кога ќе можат да се преправаат дека се невини и добронамерни. Тие се штетници за државата и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ треба да добие забрана следните 10 години да учествува на избори поради фалсификување на избори видено од снимените и објавени разговори.
Фактор: Сега сте претседател на на Партија за Економски промени 21, дали после толку години сеуште имате притисоци?
Јовановска: И сега не попречуваат да работиме и приватно, за 15 лица течат плати, придонеси, подигнати се кредити, а тие секој ден нешто измислувааат за да не спречат да работиме во свој имот. Деновиве сакаат да ја рушат и нашата дрвена монтажно демонтажна настрешница за која по решение и заклучок на Општина Аеродром направивме Елаборат и извадивме Одобрение од Град Скопје, кој воедно е надлежен за одобренија за тенди и настрешници за урбана опрема. После тоа во еден ден Општина Аеродром донесе 5 различни акти со кои си ги поништија своите решенија и заклучоци и рекоа ќе не рушат зошто ни треба одобрение од нив, ама нема да ни го дадат.
Инаку станува збор за настрешница-урбана опрема во склоп на нашиот деловен простор, ресторан, а сето тоа во наш приватен имот-двор, настрешницата е буквално во бавча. Целта и намерата е да ни се нанесе материјална штета и да продолжат со нанесување стресови и душевна болка. Имаме столбови дрвени, на штраф во свој имот и ќе не рушат, а знаете дека секаде има метални и дрвени столбови вкопани во бетон на јавна површина !? А згора на тоа имаме Одобрение.
Фактор: Тврдите дека сеуште сте мета на политичка одмзада, дали и како ќе ја барате правдата?
Јовановска: Јас пред се верувам во Господ и во неговата правда. А верувам дека за многу кратко време Македонија и македонскиот народ ќе излезат од оваа голгота, диктатура и неправда. Но најнапред луѓето мора да престанат да се плашат од власта и функционерите. Ќе поднесеме кривични пријави и тужби и пред Македонските надлежни органи и пред меѓународните.
Ј.С