23 Ноември, 2024
0.0341

Ирена Јакимова од Inspirit Coaching - Жените му се потребни на бизнисот, на економијата

Интервју Јакимова: Кога се развива сопственикот напредува и бизнисот

Објавено во: Економија 29 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Ирена Јакимова е основач и сопственик на компанијата Inspirit Coaching која се занимава со советодавни услуги за поединци кои сакаат да го подобрат својот професионален и деловен капацитет, односно да знаат кон што да се насочат преку конкретна обука, програма или развој на вештина за масксимално искористување на потенцијалите. Во период кога на бизнисот му е потребен „буст“, кога на претприемачите им е потребно охрабрување, решивме да разговараме со Јакимова од Inspirit Coaching токму поради нејзината инспиративна приказна, за насочување кон успехот, како и за се поактуелната тема за учество на жените во бизнисот на еднакви и раководни места со мажите со свој придонес и во економијата.

Фактор: Советодавните услуги и специфичното водење (coaching) се доста развиени во земјите каде се негува бизнис културата. Кажете ни како беше во Македонија да се започне ваков вид бизнис со Вашата компанија Inspirit Coaching и врз што ги базиравте обуките и понудата на услуги (коучинг, тренинг, едукација)?

Јакимова: Во оваа дејност сум веќе 7 години, a компанијата ја отворив пред 2 години. Но, и кога ќе се свртам наназад во својата кариера, кога раководев со компании или проекти, јас и тогаш многу работев на развој на луѓе.  Големо задоволство ми е да сум сведок на напредокот кај луѓето, на остварување на нивните желби, соништа, планови и цели. Понекогаш и не се свесни за своите цели и големи можности.

Кога го започнав бизнисот со компанијата Инспирит Коучинг, веќе имав некои клиенти, партнери, но, најмногу ме охрабри и израдува тоа дека на обуките започнаа да доаѓаат или да не' бараат за обуки и коучинг - лица и компании кои не сум ги познавала до тогаш. Понудата, обуките се базирани на она што мене ми се покажа како најголема потреба за развој на вештини кај луѓето,а користевме различни, најсовремени методологии, на еднакво рамниште со светот. Рецептот се покажа успешен. Поминаа десетици групи, отворени или компаниски, стотици лица низ обуки...Десетици лица на менаџерски коучинг за раст на бизнисот...

Фактор: Квалитетен совет даден во вистинско време може да вреди многу повеќе од која било парична помош. Со оглед дека токму Вие се занимавате со таков вид на бизнис во Inspirit Coaching, со советување на други претприемачи, кажете ни кој е најдобриот совет кој досега сте го добиле?

Јакимова: Работиме и со менаџери на големи компании, нивни тимови, други професии, професионалци и од други области, не само со претприемачи, и не само со луѓе од бизнисот. Намерата е да даваме помалку совети, а повеќе со коучингот да ги водиме клиентите да откријат што сакаат, што можат, што ги спречува во нивното размислување и начин на дејствување, кои нови вештини им се потребни, па некои од нив потоа и ги учиме низ обуки...

„Еден од најдобрите совети ги добив од Тара Мор , авторка што ја следев и за која имав среќа проектот на ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact да организира тренинг со гостинка-експерт од Загреб. Таа вели дека критиката (или feedback) што ги добиваме треба да ги примиме како нешто што кажува повеќе за оној којшто ја дава отколку за нас, дека треба да се „откачиме“ од зависноста од пофалби и критики, туку да го правиме (или работиме) она во што веруваме и за коешто знаеме дека носи добро за нас и за другите....

Големо задоволство ми прави тоа што организираме натамошни тренинзи за други жени да ги добијат овие алатки и сменет пристап и да остварат уште повеќе успеси, придонес во општеството, лична реализација...

Фактор: Колку е значајно да ги Водите вашите клиенти чекор по чекор до посакуваната цел, дали има трпение како кај Вас така и кај нив за да се постигнат посакуваните резултати?

Јакимова: Некогаш им оди побрзо, некогаш треба време. Најважно е тие самите да го применуваат она што го научиле, осознале, осетиле и смениле кај себе, она што самите решиле дека им е потребно и важно, она што сме се договориле. Без примена, дејствување, лична посветеност, не може голема магија преку ноќ. Кај мене има многу трпение, бидејќи тоа ми е и работа и задоволство. Понекогаш се смејам и велам дека работам како градинар. Негувам и гледам луѓе како растат, им се воодушевувам... Ако треба, понекогаш сум остра и во нашите разговори ги провоцирам за да предизвикам промена. На крајот, неизмерна ми е радоста од нивниот успех. Било да е личен или компаниски. Често пати, кај претприемачите и сопственици на мал бизнис, овие две одат заедно – кога се менува и се развива сопственикот/сопственичката, тогаш и целиот бизнис се менува, оди напред. 

Фактор: Што мислите за учеството на жените во македонскиот бизнис, особено во време кога се’ посилно се разговара за суштински промени, еднаков третман и еднакви можности за сите? И, што би им порачале на жените во Македонија кои сакаат да започнат сопствен бизнис и да водат компанија, потребно ли е дополнително охрабрување?

Јакимова: Голем дел од моите клиенти се жени кои основале своја компанија или кои се мислат, се подготвуваат да отворат своја компанија. Јас ним им се восхитувам, особено ако се помлади од мене, бидејќи јас на нивна возраст не сум сметала дека тоа е изводливо или пожелно. Работев со многу претприема(ч)ки изминативе години, па дури пред две години почувствував дека имам услови да отворам и своја компанија. Можеби сум грешела. Желбата и планот ги имав многу одамна, но ме спречуваа големите обврски околу помалото дете кое имаше потешкотии со говорот и бараше повеќе енергија и внимание. Но, моето верување дека не сум доволно подготвена, дека не можам да се посветам и на своја компанија - беше главната пречка. Не толку реалните околности. Моето погрешно верување дека треба ова и она, и уште ова и уште она, па да можам, да си дозволам да отворам своја компанија,да започнам свој бизнис во оваа област.

Денес, работам на вакви програми за жени, а и мажи, но, кај нас жените ова е позачестено верување и треба повеќе на тоа да поработиме. Да ги разбиеме нашите верувања дека не сме доволно подготвени. Жените му се потребни на бизнисот, на економијата. И бизнисот и економијата служат за размена, за креација, за решавање на секојдневните проблеми и потреби на луѓето. Жените имаат голема креативна сила и потенцијал што не е искористен во општеството. И секое општество, па и нашето, ќе има многу корист и прогрес од учеството на жените во бизнисот.

Да, потребно е дополнително охрабрување. Најпрво, во вид на поддршка, вербална поддршка и верба од семејството, од најблиските. Да имаат разбирање. Потоа е потребна и физичка помош околу грижата за домаќинството и за децата.

Од друга страна, и статистиките велат дека голем број жени се решиле на свој бизнис поради поголемите можности и слободи што ги дава ова решение. Полесно можете да ја балансирате својата енергија и работно време , ако сте сами свој организатор.  Денешното време нуди и се' повеќе ќе бара флексибилност во работењето - да можете да работите кога сакате и од каде сакате. Или, барем, кога можете. 

Фактор: Што според вас треба да се подобри во македонската бизнис клима, имате ли предлози како да се подобри претприемништвото, како од почетните чекори во образованието па се до конкретни државни политики?

Јакимова: Ми се чини дека е потребно да се работи на едукација уште од помала возраст, а потоа, во годините на работење, да сме постојано посветени и на свое усовршување, учење, развој.  Промените се насекаде околу нас, бесцелно е да се опираме и само во нас да не ги правиме. И државата може да помогне на развојот на деловната клима, сигурноста на судскиот систем, даночните политики, мерки за олеснување на микро, мали и средни претпријатија. Јас со многу  такви фирми често се сретнувам во изминативе години и најголем дел од нив бараат исто – да се „оправи“ државата, судскиот систем, корупцијата, сивата економија, деловната етика.

Фактор: Во време полно со стресови и општествени предизвици, како е да се води еден успешен бизнис и како се справувате со сите задачи, како на деловен така и на приватен план? И што од тоа може како искуство да им го пренесете на претприемачите или пак деловните луѓе во трката за поголем успех?

Јакимова: Вашево прашање ме замисли...Ете, тоа е моќта на зборовите... Кога прочитав за мојот бизнис дека е успешен бизнис, си помислив колку е тоа вистина... И тука го наоѓам и одговорот: мојот бизнис е млад бизнис, не е некоја огромна операција, но, поважно прашање што ми се наметна е „Како го мериме нашиот успех?“ „Што е за секој од нас успешен бизнис?“

Ако е успешен бизнис да работите позитивно, да не зависите од политичка партија, да не должите и да не ви должат, постојано да вложувате и да имате нова понуда, нови соработници или вработени, а цело време да давате вредност на клиентите, да ја видите и осетите во реалност причината за која што постои вашиот бизнис, да давате некому нешто на пазарот што го прави нивниот бизнис или живот подобар – да, мојот бизнис е успешен. И тоа е радост за мене.

Не е лесно, жонглирам, ама, тоа е мојот избор. Имам избор да не работам, да работам нешто друго, да се жалам и плачам, или – да се справувам  и да наоѓам задоволство во тоа. Нашиот живот го управуваат нашите избори. Секогаш сум се водела од тоа дека избирам да наоѓам решенија и да не се жалам. Не е лесно кога е сето ова е комбинирано и со грижа за децата, времето и енергијата се распоредуваат...

Ајде да се вратам на почетокот на мојов одговор и тоа би можело да биде и пораката– Како го мериме успехот? Што е за секој од нас успех? Дали се споредуваме со себе пред одредено време или со другите? Кон што стремиме? Што не’ прави среќни? Како нашиот бизнис, нашите услуги и производи придонесуваат за подобар свет? Што сме надминале, пребродиле, создале, оплодиле...повеќе од лани, од пред две, три, пет години?

Можеби од овие одговори треба да тргнеме сите за да мериме, но и да се мотивираме.  

Автор: Христијан Станоевиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

НАПАДОТ ОД ВЧЕРА ИМАШЕ ВЛИЈАНИЕ: Руската валута е на најниско ниво во однос на доларот од март 2022 година

НАПАДОТ ОД ВЧЕРА ИМАШЕ ВЛИЈАНИЕ: Руската валута е на најниско ниво во однос на доларот од март 2022 година

МИЦКОСКИ ОД СРБИЈА: Овој настан е доказ за моќта на соработката што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски

МИЦКОСКИ ОД СРБИЈА: Овој настан е доказ за моќта на соработката што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски

СЕ ЗГОЛЕМИ ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО: Колку чини унца попладнево?

СЕ ЗГОЛЕМИ ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО: Колку чини унца попладнево?

МОЖНОСТ ЗА РАБОТА: Итно се потребни 5.000 работници, дневници до 130 евра и лесна регистрација

МОЖНОСТ ЗА РАБОТА: Итно се потребни 5.000 работници, дневници до 130 евра и лесна регистрација

Зајкова: Поднесувам Закон за намалување на трошоците за банкарски услуги

Зајкова: Поднесувам Закон за намалување на трошоците за банкарски услуги

(ВИДЕО) За една недела започнува со работа метрото во Солун, ќе функционира без возачи

(ВИДЕО) За една недела започнува со работа метрото во Солун, ќе функционира без возачи

ЛОШИ ВЕСТИ ПРИСТИГНАА И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО БОШ: Еве каква информација добија

ЛОШИ ВЕСТИ ПРИСТИГНАА И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО БОШ: Еве каква информација добија

Катар ервејс размислува да ги преземе поранешните А330 на Американ ерлајнс

Катар ервејс размислува да ги преземе поранешните А330 на Американ ерлајнс

UNIQA Insurance Group AG го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Косово и Албанија: Новиот сопственик е Авни Понари сопственик на SIGAL Group Austria

UNIQA Insurance Group AG го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Косово и Албанија: Новиот сопственик е Авни Понари сопственик на SIGAL Group Austria