29 Март, 2024
0.0260

ИНТЕРВЈУ ЛУКАРЕВСКА: УЈП со засилени контрoли и во “привилегираните “ фирми

Објавено во: Економија 18 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

2017 година заврши со потфрлување на вкупните даночни приходи за два отсто во однос на прoекцијата. Ланската во споредба со претходните години се покажа како подобра на даночен план. Нема нови даноци за оние кои примале пари преку брз трансфер и ги пријавувале, но за оние кои не ги пријавувале сумите, увидот и контролата ќе значат “ново оданочување“. Ова се дел од ставовите и одговорите на директорката на УЈО Сања Лукаревска изнесени во интервју за “Фактор“. Лукеревска зборува и за засилените инспекции и за истрагата поврзана со “привилегираните“ компании. 

Наплата на даноци во 2017...

Фактор: Кои се последните расположливи податоци во однос на наплатата на вкупните даноци што се во ингеренција на УЈП?

Лукаревска: Даночниците успешно ја завршија својата работа за 2017 година, особено земајќи предвид дека имавме два изборни циклуси, што мораме да признаеме секогаш влијае врз однесувањето на даночните обврзници, општата економска клима, бизнисите и нивното делување и даночната дисциплина. И покрај се, крајниот резултат од даночната приказна за 2017 година е 98 процентна наплата на планираните приходи во Буџетот и поголеми даночни приходи од изминатата 2016 година за 5%, а во споредба со 2015 наплата бележи пораст од 12%.  Управата за јавни приходи обезбедува финансиски средства за остварување на функциите на државата, кои се движат од 62 до 68% од проектираниот Буџет. Во 2017 година, 69% проценти од приходите во Буџетот на Македонија се наплатени даноци и социјални придонеси од даночната администрација. И овој факт не е за занемарување.

Фактор: Конкретно, каква е наплатата на ДДВ, и каков е трендот ако се спореди на месечно и на годишно ниво?

Лукаревска: Ако се земат предвид состојбите во 2017 година, за кои говорев и кои секако имаа свое влијание особено на ДДВ-то, годината ја завршивме повеќе од добро - 98% наплатено од проектираното.  ДДВ-то бележи континурано зголемување во споредба со минатите година или 4 процентно зголемување во однос на 2016 и 15% повеќе наплатено ДДВ од 2015 година. Карактеристично за изминатата година е управувањето и износот на реализираниот ДДВ поврат кој секако влијае на крајниот резулатат и состојбите на вкупната наплата на даночните приходи.

Знаете дека Министерството за финансии особено се заложи за навремено враќање на ДДВ, шторезултираше со 20,6 милијарди денари поврат во 2017 година или 1,4 милијарди повеќе вратен ДДВ во стопанството во споредба со 2016 година. Работиме координирано со Министерството и очекувам после 2018 година со повратот на ДДВ-то целосно да се расчистат некои наследени состојби, а стапката на навременост на враќање на ДДВ-то да биде според најдобрите практики, што би потенцирала дека не зависи само од УЈП. Во овој дел, фокусирани сме да го подобриме управувањето на овој данок, што ќе вклучува и поефикасно администрирање на барањата за поврат од УЈП и утврдување на нивната ризичност. Даночниците секогаш имаат доза на резервираност, затоа што една од најпрактикуваните даночни измами е испумпување на средства од Буџетот преку нереални барања за поврат на ДДВ.

Нови правила за пресметка на персонален данок ..

Фактор: Од 1 ви јануари годинава стапува на сила новиот модел за пресметка на персонален данок на доход. Технички, што ќе значи овој нов сиситем за граѓаните?

Лукаревска: Проектот е-Персонален данок и законските измени се голем чекор кон поедноставување на постапките за пресметување и плаќање на овој данок, пред се воведување на целосно електронско и автоматизирано администрирање на данокот и 24 часа достапни електронски услуги за корисниците кои ќе ја заменат хартијата. Ова ни овозможи да ги укинеме бирократските процедури, односно да го намалиме административниот товар за определени наши услуги кои ги користат повеќе категории на даночни обврзници.

Фактор: Кои категории на граѓани ќе бидат опфатени, односно кој се ќе има обврска да поднесува електронска пресметка на приход?

Лукаревска: Практично е-Персонален данок значи дека сите правни лица од приватниот и државниот сектор, односно фирми и буџетари - исплатувачи на приходи на физички лица кои се резиденти и нерезиденти, сега имаат обврска да доставуваат Електронска пресметка за приход и данок преку e-pdd.ujp.gov.mk за исплати на приходи на физички лица што ќе ги вршат почнувајќи од 01.01.2018 година, а во 2019 година ќе немаат повеќе обврска да поднесуваат годишни или месечни извештаи за персонален данок, што беше макотрпна работа за сметководителите особено. Исто така, граѓаните кои остваруваат приходи во земјата и од странство, по основ на имот и имотни права (закупнина), од капитапни добивки и од други видови приходи имааат обврска да поднесуваат  Електронска пресметка преку е-Персонален данок наместо да доставуваат документи и Аконтативна даночна пријава на даночните шалтери, процесот е многу олеснет. Дополнително олеснување е направено и за граѓаните кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, односно истите од 1 јануари немаат повеќе обврска за поднесување на пријави за регистрација и барања за паушално оданочување до УЈП. Она што е најважно, а што треба да отпочне од 2019 година, е Управата за јавни приходи да издава пополнета Годишна даночна пријава на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk. Граѓанинот ќе има обврска само да ја потврди или корегира пријавата, со што ќе ja заокружимe и реализацијта на овој проект.

Секако ова не се сите придобивки од новите даночни мерки и новиот начин на пресметување и плаќање на персоналниот данок. Препорачувам сите исплатувачи на приходи, како и сите граѓани во зависност од видот на приходот кој го остваруваат, навремено да се информираат за своите права и обврски. УЈП уште од Ноември 2017 отпочна со едукативна кампања, а сите заинтересирани апелирам да се пријават на обуките кои ги организираме низ цела Македонија или за сите прашања да ни се обратат. Бидејќи станува збор за промени, очекуваме секако и позитивни и негативни реакции, нејаснотии и слично. Во секој случај, даночните обврзници и сметководителите имаат можност да се информираат за сите појаснувања, насоки...преку веб страницата на УЈП ujp.gov.mk.

Засилени контроли во угостителските објекти ...

Фактор: Со новите законски решенија, УЈП од НБМ  ќе ги добива податоците за парите кои граѓаните ги добиваат преку брз транфер. Неодамна гувернерот Богов изјави дека не е јасно зошто се прави ова и со која цел. Дали ова можеби е вовед во ново оданочување на граѓаните?

Лукаревска: Барањата за изменина Законот за вршење на услуги брз трансфер се во насока на воспоставување на систем на реално оданочување и контрола на приходите кои подлежат на персонален данок. Ново оданочување не може да постои ако секој граѓанин ги пријавува во целост приходите, без разлика на кој начин ги примил, преку банка, брз трансфер. Ново оданочување ќе биде за оние кои ги користеле овие услуги за да ги сокријат приходите, односно да не платат данок. Ова повеќе би рекла е прашање на даночен морал и свест во Македонија. Јас би прашала зошто било кој би бил против УЈП да ги добива податоците за приходите на граѓаните од било каде, освен ако има намера да не плаќа данок? Дали има нешто да криеме за да ставаме нешто под знак прашање? Во секој случај, не станува збор за ново оданочување, туку за дополнителна мерка за намалување на сива економија преку јакнење на контролните механизми на УЈП, што е планирано и овозможено во рамките на проектот е-Персонален данок, а истовремено е препорака и на сите меѓународни финансиски организации за Македонија. Новите законски измени во делот на персоналниот данок, како и во делот на брзиот трансфер треба да овозможат тоа да биде реализирано и во пракса. 

Фактор: Во изминатиот период констатирани се нереални состојби на готовинскиот промет во угостителски објекти. Врз основа на што се овие сознанија и конкретно дали оваа состојба е регистрирана само во Скопје? Има ли пресметка за колку е оштетен Буџетот поради ваквите состојби? Дали има и казни по утврдените неправилности. Кај кои угостителски објекти се регистрирани ваквите состојби?

Лукаревска: Акциите на УЈП, за жал, ќе ги има се додека не се издигне доволно даночната култура во Македонија. Сеуште и општо познато е дека во определени периоди од годината - новогодишни празници, летна и зимска туристичка сезона. Наместо прометот да се зголемува кај определи дејности или региони, истиот стагнира или непропорционално се зголемува. Наидуваме на многу банални примери. На пример, колкава е веројатноста еден угостителски објект да прикажува ист дневен промет 20.000 денари и тоа 30 дена во месецот, ниту повеќе ниту помалку.  УЈП има доволно механизми да го мониторира прометот на даночните обврзници, и овие механизми ги користиме пред се да делуваме превентивно. Овој закон е во примена од 2001, а ние после 15 години сеуште се занимаваме дали некој треба да се толерира ако неиздава фискални сметки и работата на УЈП да се сваќа како притисок. Секој сериозен бизнис, неиздавањето на фискални сметки пред се треба да го гледа како загрозување на правата на своите клиенти и неквалитетна услуга.

Фактор: Најавено е дека за време на празниците ќе се засилат инспекциите. Дали ова на накој начин не е удар и притисок врз угостителите во период кога очекувано бројот на гости во угостителските објекти е заголемен?

Лукаревска: Во моментов, УЈП врши засилен мониторинг и контроли на терен во делот на фискализацијата и тоа кај угостителски објекти и трговија на мало, низ цела Македонија. Контролите се првенствено од превентивен карактер, а доколку обврзникот не го корегира своето делување, дури потоа се изрекуваат казни. Олеснување на казнена политика во делот на фискализацијата се очекуваат и со стапувањето на сила на измените на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, со кои е планирано деловниот објект каде УЈП ќе открие неправилности, да не биде затворен доколку ја плати глобата.

Фактор: Неодамна објавивте информација дека постои листа на фирми кои биле привилегирани во однос на инспекциите, до каде е истрагата ? Поминаа повеќе месеци од објавата на оваа информација. Дали во тие фирми, кои повеќе години биле привилегирани,  се испратени инспекции? Беше обелоденето и дека вработени од УЈП биле дел од мрежа за сокривање на данок, односно одложување на плаќање на данок . Колку вработени досега се опфатени со истрагата? Каков е нивниот статус во моментов? Дали се преземени санкции кон компаниите? Како УЈП ќе ги наплати даноците што биле одложувани?

Лукаревска: Случајот го води Јавното обвинителство, од наша страна е предадено и ќе биде обезбедено се во насока на заокружување на постапките. За овој случај, беа покренати постапки против две вработени лица во УЈП, истите се завршени и изречени се дисциплински мерки. Се чека и исходот од постапките кои ги води Јавното обвинителство за инволвираноста на евентуално други вработени и лица.Што се однесува до фирмите, отпочнати се постапки за спроведување на контрола, односно истите се опфатени во плановите и ќе бидат “под лупа“ на Даночниот инспекторат.

Фактор: Што ќе биде приоритет во работата на УЈП за годинава? И како ќе покажете дека даночната политика не познава партиска боја?

Лукаревска: За тоа дали даночната политика е обоена или не е, најдобра оценка може да даде јавноста, односно даночните обврзници, бизнисите и даночната фела, мислам на сметководителите и даночните советници кои секојдневно се во комуникација со УЈП. Како прв даночник, се што би кажала во овој дел би било субјективно, но тврдам дека моето раководење и управување со оваа институција ќе биде во насока на “ослободување од стегите“ и влијанието на било која политичка партија, односно градење на системи и вредности преку кои тоа ќе се намали или ќе се оневозможи.
Оваа година максимално ќе бидеме посветени на модернизацијата на даночната администрација, на подготовка и имплементација на новите даночни мерки. Новиот начин на пресметување и плаќање на персоналниот данок стартуваше оваа година од 1 јануари, а соработката и поддршката на УЈП за даночните обврзници ќе биде од особено значење, во овој и наредниот период, се до издавањето на првата пополнета Годишна даночна пријава од УЈП во 2019 година. Доста ресурси ни се насочени за да осигураме прилагодување на новите системи, внатре и надвор од УЈП.

Резултатите од овие проекти, кои веќе се отпочнати, на среднорочен и долгорочен план ќе значат имплементирање на сосема нови поедноставени даночни процедури, промена на даночната регулатива, нови електронски услуги и целосно напуштање на работа со хартија, поголема транспарентност во делот на односот УЈП и даночен обврзник...и најважно воспоставување на електронска даночна администрација и усогласување со ЕУ системите и меѓународните стандарди за даночно работење. Паралелно, даночната администрација ќе биде посветена и на создавање на услови за имплементирање на новите стратегии за реформа на даночниот систем и владините даночни мерки. Во секој случај, даночниците ги чека многу работа и предизвици во 2018 година.

А.Д.

Можеби ќе ве интересира

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи