23 Ноември, 2024
0.0312

Интервју Михајлоски: ВМРО-ДПМНЕ може да се реформира само одвнатре, а не да се гушат промените

Објавено во: Македонија 18 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Групата на „реформатори“ на ВМРО-ДПМНЕ кои неодамна најави дека бараат внатрешни промнеи не се откажуваат и полека го придобиваат членството на нивна страна. Нивната замисла за промени во ВМРО не е само персонална туку подазбира целосна промена на начинот на кој се носат одлуката за поголема внатрепартиска демократија. За нивниот ангажман веднаш добија етикети дека се предавници и платеници, па како ќе продолжат активностите за барање промени разговараме со Александар Михајлоски еден од предводниците на републичкиот штраб за реформи.

Фактор: Зошто токму сега поведовте иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Критики кон раководството на партијата и начинот на кој функционира имаше одамна, но истите дури сега добиваат организирана форма од ваша страна?

Михајлоски: На прес конференцијата на која што го објавивме формирањето на Републичкиот штаб за демократски реформи во ВМРО-ДПМНЕ ние посебно истакнавме дека се работи за внатрепартиска иницијатива за демократизација на партијата. Оваа иницијатива е покрената од членови активисти на ВМРО-ДПМНЕ, кои подолг временски период не се согласуваат со начинот на раководење на партијата, но поради кризата во која што се најде партијата со објавување на т.н. „бомби„, сметавме дека излегувањето во јавност пред одржувањето на парламентарните избори 2016 година би можело да се искористи од страна на други политички субјекти за да се ослаби позицијата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Во таа смисла ние активно учествуваме на изборите, партијата освои 51 пратеничко место, а сепак не успеа да формира парламанетарно мнозинство и после 11 години на власт премина во опозиција. Од наша страна сочекавме да видиме дали во органите на партијата ќе се отвори сериозна дискусија за тоа кои се причините поради кои партијата не успеа да формира влада, но наместо дискусија ние добивме најави за внатрепартиски кадровски „освежувања„, а како дополнителен товар и меѓународна изолација. Во тој момент почуствуваме дека мора да се излезе јавно со цел да ја разбудиме свеста кај членовите, дека ВМРО-ДПМНЕ после 11 години власт, се наоѓа во исклучителна незавидна позиција, дека партијата оди во опозиција и покрај тоа што победи на изборите, а дополнително е целосно меѓународно изолирана со тенденција доколку не се направат соодветните реформи за демократизација да се сведе на декор-партија на македонската политичка сцена. Сакам да нагласам дека реториката на барање надворешен непријател во лицето на меѓународната заедница е целосно неприфатлив за нас, но и за поширокото членство на партијата. Тезите дека некој од надвор се мешал во внатрешните работи на државата само дополнително ја комплицираат меѓународната позиција на ВМРО и не допринесуваат кон реформите за демократизација, напротив, ВМРО доколку продолжи по овој курс, за кратко време ќе се соочи со дополнителна маргинализација на внатрешен и надворешен план.

Фактор: Дали покрај реформите во начинот на кој се раководи со партијата ќе поднесете и иницијатива за смена на лидерот Никола Груевски, па дали гледате потенцијален негов наследник?

Михајлоски: Нашата иницијатива е за суштинска демократизација на партијата. Притоа се уште не сме размислувале на потенцијален наследник, ниту за потенцијални имиња во партиските органи и тела. Многу е важно да се истакне дека ние не сакаме и нема да одиме со лична дисквалификација кон ниту еден член на партијата. Конечно, реформите мора да ги прифатиме сите ние и да ги спроведеме заеднички, а со цел да не се дозволи раслојување на членството, формирање на нови фракции или нови партии.

Ќе повторам, ние не се бориме за персонални реформи, ние бараме суштински реформи кои ќе резултираат со возобновување на десно-центристичката идеологија и воспоставување на нови партиски стандарди, излегување од меѓународна изолација и победа на следните избори. Убеден сум дека 90% од членовите на Извршниот комитет и Централниот комитет ја разбираат потребата од реформи и ќе ги подржат предстојните реформи. Во овој момент многу од нив тајно ни пристапуваат со цел да се запознаат попрецизно со нашите идеи за начините на кои би се реформирала партијата, но за жал се уште кај дел од нив постои разбирлив страв од неизвесност. Но нека се присетат само каков страв од неизвесност имавме сите ние заедно кога Љубчо Георгиевски го напушти кормилото на партијата и Никола Груевски стана новиот лидер на ВМРО. Тогаш никој па дури ни сегашните негови најблиски соработници не веруваа дека е можно повторно да дојдеме во позиција да формираме влада. Но тоа сепак се случи за неполни 3 години.

Ова е посебна пригода, 27 годишнина од основањето на нашата Света партија ВМРО-ДПМНЕ, па би сакал јавно да им порачам на сите добронамерни членови, но и на оние кои се уште се двоумат дека времето за реформи е дојдено и тие реформи мора да ги направиме сите заедно. Мора заеднички да го позиционираме ВМРО како носечки столб на Самостојна и Независна Република Македонија, почитувана од соседите и целата меѓународна заедница, дел од Евро- Атланските структури, со развиено стопанство и слободна економија. Држава на рамноправни граѓани, еднакви пред законот.

Фактор:Откако го формиравте Републичкиот штаб веднаш пристигнаа голем број на критики од повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ве нарекуваат профитери кои добро заработиле благодарение на партијата, а дека штом ви секнале изворите на пари сте го кренале гласот?

Михајлоски: Во моментот кога одлучивме да ја покренеме иницијатива, сите бевме свесни дека ќе наидеме на критика од страна на дел од раководството, кое директно или индиректно учествувало во доведување на партијата во оваа позиција. Тие сакаат да нема полемика, да не се говори на темата, сите да молчиме, па во таа смисла, тие одлучија да ја применат стратегијата „уби го гласникот, без да ја отвориш пораката„. Ние нема да дозволиме да ја сменат темата, нема да се вклучиме во тие меѓусебни дисквалификации кои само носат штета на имиџот на ВМРО-ДПМНЕ. Внатре во партијата членовите добро знаат дека иницијативата е покрената од долгогодишни членови во партијата, кои сме имале голем придонес во победите на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година па до денеска. Без разлика на личните дисквалификации, етикети, шиканирања, закани и уцени, ние ќе продолжиме затоа што искрено веруваме дека со прифаќање на нашата иницијатива партијата ќе може да се прероди како модерна и демократска партија. Верувајте дека од нашите средби на терен 90 отсто од членовите ја поддржуваат нашата иницијатива, но поради наметнатиот страв, во овој момент само одреден процент се подготвени јавно да излезат. Ние говориме во нивно име и тој процент секој ден се повеќе и повеќе ќе се зголемува, членовите ќе се охрабрат и јавно ќе се говори во сите форуми на партијата.

За нас е разбирлив анимозитетот кој се јавува кај некои членови на раководството на пратијата, кои преку инсинуации, етикетирања, омаловажувања и невистини  сакаат да не дискредитираат и да ја загушат идејата за реформи. Со сите нив сме лични пријатели и долгогодишни партиски другари. На нив би им порачал дека нема потреба од зли мисли и пизма и дека ние ни во иднина нема да возвратиме на ниските и недостоинствени удари и омаловажувања и ќе продолжиме преку затворени и јавни дебати да ги убедиме во потребите за реформи. И ќе ги убедиме во тоа, сигурен сум.

Фактор:Дали ќе се сложите дека ВМРО-ДПМНЕ е една од најзатворените партии во Република Македонија, ставот за сите прашања и политики е монолитен, речиси јавноста и да не знае дали воопшто постои простор за дебата во партијата?

Михајлоски: Токму затоа ја покренавме иницијативата, за да го смениме начинот на функционирање на партијата. Ние сакаме партија на силни индивидуи, во која, секој ќе може во сите форуми на партијата јавно да го искаже својот став, критика, несогласување со одредна политика.

Ние всушност се доведовме во оваа ситуација токму поради неовозможување, па ако сакате и загушување на секоја јавна критика, на непостоењето на дебата, на непочитувањето на одредени ставови на поединци, кои со текот на времето се покажаа како правилни и издржани. Да ве потсетам на кратко дека ние ги испочитувавме сите ставови на лидерот во време на 3 годишната криза, иако не се согласувавме со повеќето од нив. Но за да не ја разгоруваме и онака тензичната политичка состојба не баравме партиски реформи.

Сега, после 3 годишна тешка политичка криза, во која во одреден момент беше ставена во залог и државноста на Р. Македонија, кога поделеноста во граѓанското ткиво е неподнослива, кога комуникација помеѓу политичките субјекти е сведена на меѓусебни тешки навреди и омаловажувања, никој повеќе не може да ја оспори потребата од реформи во ВМРО, после кои реформи ќе се добие нова енергија, а позициите на внатрешен и надворешен план ќе бидат значително подобрени.

Фактор:Кои ќе бидат следните конкретни чекори на Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, имате ли поддршка од поширокото членство?

Михајлоски: Ние имаме конкретен план во четири чекори за суштинските реформи во партијата. Првиот чекор е демократизација на партијата што значи менување на статутот на партијата, со напуштање на централизмот и назначување на функционерите од страна на централата, и со воведување на тајни и непосредни избори од страна на членовите. На тој начин врз основа на принципите за недискриминација по етничка и верска припадност,ќе се отвори еднаква шанса за секој член да биде избран за некоја партиска функција и легитимитетот органите ќе го црпат од членовите. Исто така ќе предложиме, неспоисвост на функции и јасно дефинирање на одговорностите на партиските функционери. Ваквите промени во статутот ќе бидат предуслов за вториот чекор, а тоа е генерален реизбор на сите партиски органи на тајни и непосредни избори со што ќе се овозможи обединување на сите луѓе со вмровска иделогија внатре во партијата. Третиот чекор ќе биде промена на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, преку промовирање на конзервативна десно- центристичка идеологија во која семејството и семејните вредности ќе го завземат вистинското место во опшеството. Ќе бидеме конструктивна опозиција и ќе се залагаме за олабавување на меѓупартиските стеги и недорабирања, преку намалување на политичките тензии, бидејќи сепак, СДСМ е наш политички противник, а не наш политички непријател. Четвртиот чекор ќе биде деизолација на партијата, како внатрешна, така и надворешна со што партијата ќе биде фактор за стабилизација во Македонија.

Фактор:ФРОДЕМ посочи дека ја поддржува вашата иницијатива ако е таа навистина чесна и искрена и смета дека тие веќе претходно подготвиле програма за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Дали би соработувале со нив и каков е ставот кон ФРОДЕМ?

Михајлоски: Како што кажав ние сме внатрепартиска иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Ние не сме различна партија, ниту размислуваме да бидеме. Сите ние кои сме дел од оваа иницијатива сме долгогодишни членови на партијата, од кои некои со повеќе од 20 години партиски стаж, така што подметнувањата дека ќе сме оформеле некој нов политички субјект се целосно неточни. ВМРО не може и нема да биде реформирана од надвор. ВМРО мора и ќе биде реформирана согласно внатрепартиските одредби, на демократски и достоинствен начин.

Фактор:Добар дел од членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ се или под истрага или под обвинение на СЈО. Дали тоа ќе значи дека повеќе кадри против кои се водат ваков вид на постапки нема да бидат дел од партиските раководни органи?

Михајлоски: Нашата иницијатива не е насочена за некого или против некого, ние не се залагаме за промена на двајца, дваесет или двеста функционери со други, ние говориме за  суштински и темелни реформи на начинот на носење на политиките во партијата и начинот на избор на органите и нивната одговорност. Ние сметаме дека со демократизација на партијата ќе ги обединиме сите луѓе со вмровска провиниенција да дејствуваат внатре во партијата, затоа што ќе се отвори можност секој да биде активен чинител. Ние сме убедени дека тоа е единствениот пат за ВМРО-ДПМНЕ.

Фактор: ВМРО-ДПМНЕ е веќе во опозиција, кој е вашиот став за идното делување, може ли партијата да покаже конструктивност во државните институции и да допринесе за побрзо носење на неопходните реформи на Република Македонија?

Михајлоски: Ние сме убедени дека нашата иницијатива ќе успее, затоа што истата има широка поддршка кај членовите и во јавноста. По суштинските реформи во ВМРО-ДПМНЕ Ве уверувам дека партијата активно и конструктивно ќе учествува во политичкиот живот во Република Македонија. Република Македонија има голем човечки потенцијал. Луѓето во Македонија се вредни и чесни. Како нација предолго време енергијата ја губиме во меѓу партиски обвинувања, подметнувања, шиканирања и етикетирања. Време е сите енергијата да ја насочиме кон решавање на проблемите на граѓаните. Политиката мора да ја направиме да биде на маргините на општеството и да не биде егзистенацијално прашање за илјадници граѓани. Да се најде консензус за стратешките прашања помеѓу сите политички партии и да престанеме да се делиме по партиска основа.

Автор: Христијан Станоевиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЈА ПРИМИ ШЕКЕРИНСКА: Искрени честитки за оваа престижна функција, која е не само лично, туку и државно признание

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЈА ПРИМИ ШЕКЕРИНСКА: Искрени честитки за оваа престижна функција, која е не само лично, туку и државно признание