26 Декември, 2024
0.0292

ИНТЕРВЈУ МРШИЌ: Фондот за Пензиско осигурување неодржлив, потребни се итни мерки за санација!

Објавено во: Економија 30 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Во декември пензионерите ќе земат за 11 евра повисока пензија. Ново зголемување на пензиите од пет проценти пензионерите ќе добијат во 2017 година. Како растат пензиите и бројот на пензионерите, така расте и зависноста на државниот пензиски фонд од парите што му ги префрла државата. Догодина од државната каса на Фондот за ПИОМ ќе му бидат префрлени 452 милиони евра. Дека Фондот за инвалидско и пензиско осигурување е во опасност, алармираше Светска банка. Зависноста на пензискиот фонд од централниот Буџет расте што го прави неодржлив и на среден и на долг рок.Причината за влошената состојба на пензискиот фонд, Светска банка ја лоцираше во иселувањето на работоспособното население,  но и во новоотворените работни места субвенционирани од Владата.Конкретната мерка за субвенционирање на новоотворени работни места го зголемува јазот помеѓу растечките расходи и намалените приходи и дополнително го зголемува дефицитот на Фондот, вели во интервју за Фактор, универзитетскиот професор Јадранка Мршиќ.

Фактор: Следната година од потребните 832 милиони евра за исплата на пензии, на Фондот за ПИОМ од централниот Буџет ќе му се префрлат 452 милиони евра. Овие буџетски трансфери за фондовската каса, од година во година раста.Каков сигнал е ова за состојбата на пензискиот фонд?

Мршиќ: Расходите на Фондот за ПИОМ растат со повисока стапка отколку приходите особено после 2009 година. За да се обезбеди редовна исплата на пензиите  дефицитот мора да се покрива и тоа се прави со средства на централниот буџет.  Ваквата состојба покажува дека Фондот има финансиски проблеми односно дека месечните уплати по основ на придонеси за пензиско осигурување не се доволни за исплата на  месечниот износ на пензии.

Фактор:  Буџетската дупка во државниот пензиски фонд се продлабочува, од друга страна владините мерки како повисоки пензии, намалени придонеси за  работодавци, притисикаат врз фондот. Дали е доведена во прашање одржливоста на Фондот за ПИОМ?

Мршиќ:Мерките што Владата ги спроведуваше за стимулирање вработување преку намалување на стапката на пензиски придонес и ослободување од плаќање придонеси  за ново вработени, од една страна и континуираниот раст на пензии од друга страна придонесуваат за влошување на финансиската состојба и ја загрозуваат одржливоста на пензискиот фонд на среден и на долг рок.  Трендот на стареење на населението ќе има дополнително негативен ефект врз финансиската состојба на фондот во идниот период преку намалување на соодносот помеѓу бројот на вработени и бројот на пензионери. Намалената стапка на наталитет и иселувањето на младите од земјата директно ја намалува групата на население кое е во продуктивна возраст а која би требало да обезбеди подршка и заштита за лицата кои се во пензија.

Фактор: Светска банка во најновиот извештај алармираше дека државниот пензиски фонд е доведен во опасност, а причината ја лоцира во новоотворените работни места, субвенционирани од државата. Колку владините мерки за новоотворени работни места со фискален стимул, дополнително притискаат врз пензиски фонд?

Мршиќ: Конкретната мерка за субвенционирање на новоотворени работни места го зголемува јазот помеѓу растечките расходи и намалените приходи и дополнително го зголемува дефицитот на Фондот.  Намалените приходи на Фондот се главно резултат на претходно намалената стапка на пензиски придонес со цел стимулирање нови вработувања со намалување на трошоците на работодавачите за работниците. Новата мерка за стимулација на вработувањата на терет на приходите на Фондот дополнително ја влошува неговата сегашна финансиската состојба.

Фактор: Дел од економистите проблемот го лоцираат во тростолбениот пензиски систем, како оваа реформа се одрази врз државниот пензиски фонд?

Мршиќ: Реформата на пензискиот систем беше спроведена за да обезбеди долгорочна финансиска одржливост на пензискиот систем. Но, очекуваните  ефекти од реформата беа  нарушени  со дополнителни мерки на Владата со кои се спроведуваа други економски политики,  како што е зголемување на вработувањето, а при тоа не се водеше сметки за влијание на тие мерки врз пензискиот фонд. Со намалување на стапката на пензискиот придонес во 2009 година беа нарушени основните претпоставки за успехот на реформата на пензискиот систем. Воведување втор столб со реформата на пензискиот систем и одлевање на дел од уплатените придонеси од првиот столб придонесува за транзициски дефицит во Фондот за ПИОМ. Овој дефицит беше предвиден и пресметан  со тенденција да се намалува со зреење на двостолбниот пензиски систем. Актуелниот износ на дефицит на Фондот го надминува проектираниот износ на транзицискиот дефицит заради намалениот износ на проектирани приходи. 

Фактор: Фондот за ПИОМ доцнеше со уплатата задолжителниот процент од придонеси во приватните друштва. Што значи за осигурениците нередовното уплаќање на овој задолжителниот процент од страната на фондот во приватните пензиски фондови?

Мршиќ:Вториот столб на пензискиот систем воспоставува јасна врска помеѓу придонесите, инвестициските перформанси и пензијата.  Заради тоа, ненавременото односно задоцнетото уплатување на средствата од пензискиоте придонеси на сметките на членовите во фондовите од вториот столб го намалува износот на принос што  би се остварил со инвестирање на тие средства на македонскиот и на финансиските пазари во други земји доколку биле уплатени на време.Зголемување на вредноста на средствата што се уплатени во вториот столб е основниот постулат на реформираниот двостолбен систем и услов за обезбедување доволен износ на пензиски приходи на членовите на овој систем.

Фактор: Дали идните и сегашните  пензионери треба да бидат загрижени за висината и редовната  исплата на пензиите?

Мршиќ:Секако дека оние што остваруваат или во иднина треба да остваруваат приходи од пензија треба да бидат заинтересирани за износот на тој приход и редовноста во стекнување на приходот. Ова посебно е изразено во земјите во развој, каква што е и Македонија, во кои најголемиот дел од населението нема можност да обезбедува дополнителни пензиски приходи преку доброволни уплати во третиот столб, главно заради ниските просечни плати. Од истите причини и заради историскиот недостаток на претходни пазарни можности за инвестирање во инвестициски и фондови за животно осигурување, приходите за пензија на населението во овие земји се и ќе бидат претежно обезбедувани по основ на задолжителното пензиско осигурување, од првиот и вториот столб. 

Фактор: Какви реформи се потребни за долгорочна одржливост на државниот пензиски фонд?

Мршиќ:Зголемување на стапката на пензиски придонес е нужно за да се зголемат приходите на Фондот. Но тоа е само една мерка за зголемуваање на приходите на Фондот и таа е директно поврзано со пензискиот систем. Другите мерки се однесуваат на раст на економијата што треба да е резултат на растот на сите или повеќето економски сектори што ќе доведе до природно зголемување на вработеноста, но и до раст на платите.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

Пауел го избрка Дедо Мраз од пазарите на капитал

Пауел го избрка Дедо Мраз од пазарите на капитал

МИНИМАЛНА ПЛАТА 500 ЕВРА: Еве ги барањата на Стопанска комора на северозападна Македонија

МИНИМАЛНА ПЛАТА 500 ЕВРА: Еве ги барањата на Стопанска комора на северозападна Македонија

„АЛКАЛОИД“ 2024, УСПЕШНИ ЧЕКОРИ КОН ИДНИНАТА - Обраќање на Генералниот директор, Живко Мукаетов

„АЛКАЛОИД“ 2024, УСПЕШНИ ЧЕКОРИ КОН ИДНИНАТА - Обраќање на Генералниот директор, Живко Мукаетов

Мицкоски: Или никој нема да работи во недела или за двојна дневница

Мицкоски: Или никој нема да работи во недела или за двојна дневница

Марјан Ристески призна: Трговците не изманипулираа за „есенската кошничка“

Марјан Ристески призна: Трговците не изманипулираа за „есенската кошничка“

ИНТЕРВЈУ ТОМЕСКИ: Намалувањето на каматните стапки на финансиските вложувања и неповолните демографски движења - предизвик за осигурувањето на живот

ИНТЕРВЈУ ТОМЕСКИ: Намалувањето на каматните стапки на финансиските вложувања и неповолните демографски движења - предизвик за осигурувањето на живот

Од 1 јануари: Фирмите ќе плаќаат до 100% повеќе за експлоатација на природни ресурси – Министерството за енергетика со нов тарифник

Од 1 јануари: Фирмите ќе плаќаат до 100% повеќе за експлоатација на природни ресурси – Министерството за енергетика со нов тарифник

Русија почнува да користи биткоин за меѓународни плаќања

Русија почнува да користи биткоин за меѓународни плаќања

ОВОЈ СЕКТОР ДОЖИВЕА НАЈМНОГУ ЗАГУБИ НА РАБОТНИ МЕСТА ГОДИНАВА: Повеќе од 130.000 луѓе беа отпуштени

ОВОЈ СЕКТОР ДОЖИВЕА НАЈМНОГУ ЗАГУБИ НА РАБОТНИ МЕСТА ГОДИНАВА: Повеќе од 130.000 луѓе беа отпуштени