11 Декември, 2025
0.0166

ИНТЕРВЈУ Владо Камбовски: Политички договор со Бугарија е акт за иднината!

Објавено во: 19 Мај, 2014 08:28

Добивај вести на Viber

Македонската и бугарската историографија мора со научна толеранција да се конфронтират, но без мајоризација и со право,  за одделни прашања, науката и истражувачите да имаат и да градат различно гледиште. Политичката историја ги оптоварува односите меѓу двете држави. И во двете средини, има недоразбирања кон заедничкото минато. Ние внатре, во нашата наука, сеуште не можеме да оствариме дијалог за различни пристапи кон историографијата на Балканот, особено за политичките теми за минатото што се однесуваат на сите народи кои живеат на овие простори. Ова во интервју за  Фактор го вели претседателот на МАНУ академик  Владо Камбовски, кој навестува денови на БАН во Скопје и на МАНУ во Софија.

Првиот човек  на Академијата истакнува дека решавањето на спорот со Грција може да се одвива паралелно со старт на преговорите со Унијата. Нам ни требаат новите европски стандарди и предизвици за модерна, демократска и правна држава која е влезена во постранзициски период. Фактор: Како ја оценувате средбата меѓу БАН и МАНУ и дали тоа е чекор кон деисторизација  во државните и пријателски политички односи меѓу  Скопје и Софија? Камбовски: Чествувањето на браќата Св. Кирил и Методиј преставува континуитет на соработката на двете Академии. Таа се интензивира од минатата година. Веќе е  потпишан протокол за  заеднички  23 проекти, издавање заеднички публикации, преводи, размена на изложби на наши академици. Деновите на БАН во МАНУ се планираат на 29 и 30 мај. Возвратната презентација на нашата Академија во Софија ќе биде во октомври. Сакавме да покажеме дека научната, како и соработката во културата и уметноста претставуваат одлична основа за пријателските односи меѓу двата народа.  Ние мораме да живееме во тој дух на разбирање, ослободувајќи се од историската парадигма  на 19 и 20 век. Се разбира секој има право да го соочува и негува своето национално и културно наследство.  Мислам дека можеме да бидеме  задоволни од интензитетот на досегашната соработка.  Двете Академии даваат мал придонес  кон потребата од поинтензивна комуникација помеѓу двете држави. Фактор: Вашиот домаќин Воденичаров изјави дека интелектуалните елити никогаш не го изгубиле своето пријателство. Политичарите се тие што не секогаш ги почитуавле традициите и реалноста... Камбовски: Не само политичарите. Нашите вкупни меѓудржавни односи  по Втората светска војна беа заробени од идеолошки погледи и разлики.  И политичката историја ги оптоваруваше реалациите меѓу Македонија и Бугарија, до степен на вооружени конфликти меѓу двата народи, што покажуваат некои историски настани. И сега, во двете средини, има недоразбирања кон заедничкото минато.
Ние се уште внатре, во нашата наука, не можеме да оствариме дијалог за различни пристапи кон историографијата на Балканот, особено за политичките теми за минатото што се однесуваат на сите народи кои живеат на овие простори. Не е достигнато потребното ниво  на научна толеранција со што би се дозволило, за одделни прашања од минатото на балканските народи, да постојат различни научни погледи. Тоа особено се однесува на интерпретацијата на историските настани. Историската наука, како општествена дисциплина, како наука, не се базира само на факти, туку постојат учења и теории што дозволуваат и предизвикуваат конфронтации. Но тоа претпоставува и отворена распрва за најчуствителните теми, како што се и разликите и во дел од бугарската и македонската наука и незјините истражувачи. Притоа  научната конфронатација треба да се одвива без мајоризација, инсистирањето на единствен пристап. Мора да се дозволи за едно прашање историската наука да гради и да има различно гледиште.   Историјата да ја оставиме за  колективната меморија, но и за нејзино научно истражување. Сега сме во фаза каде што се градат нови плуралистички и демократски општества, а поминува и овој период на транзиција. Ние сме соочени со нови европски стандарди, Копенхашките критериуми, говориме за слободна, правна држава, за демократија и тоа внесува една нова динамика во меѓудржавната  соработка,  добрососедската политика и заедништво на меѓународната арена. ДА НЕ ГИ ОДБЕГНУВАМЕ ЛИЧНОСТИТЕ И НАСТАНИТЕ ШТО НЕ ПОВРЗУВААТ Фактор: Дали македонската политика е заробеник на  историчарите и нивното досегашно шест децениско проучување на личностите и настани  што објективно не поврзуваат? Камбовски: Еден дел од историјата е во политичката сфера, што претпоставува изучување на личности, настани и конфликтите кои беа. Но во еден дел науката се занимава и со културната историја која претставува дел од заедничкото минато и наследство. Очигледно дека се работи за различен пристап кон овие теми и прашања. Сите балкански народи,  до формирање на своите национални држави , крајот на 19 и почетокот на 20 век, живеа во рамките на големи светски империи, од Римското царство, Византија, Отоманството... Во рамките на овие империи се одвивале и граделе релативни живи мултиетнички  и мултирелигиозни  односи. На овие балкански простори недоразбирањата околу политичката историја настапуваат со формирањето на нациите и нивните држави кон крајот на 19 век . Бидејќи националните држави, во најновите современи и модерни општества, се трансформираат под притисок на глобализацијата и европската интеграција, доаѓа период на нивно релативизирање. Сведоци сме дека сите национални држави пренесуваат значаен дел од својот политички суверенитет врз Европската унија, вклучувајќи ги институционалните и безбедносни системи. Разбивајќи ги царинските бариери, овозможена слободна трговија, непречен проток на капитал и  економска соработка. Затоа и притисокот од  различните интереси на националните држави  се повеќе се релативизира со примена на новите принципи за европска интеграција.
Фактор: Дали идејата за  заедничко чествување  на Св. Кирил и Методиј ќе се прошири кон современата историја вклучувајќи ги и Илинден и другите  личности од  Преродбата на 19 век? Камбовски: Немаме никаква причина да ги одбегнуваме  личностите и настаните што не поврзуваат. Сите заедниччки и културни дејци кои придонеле за развојот на македонскиот народ или на делови од други народи кои живееле на македонските простори и што со својата дејност придонеле  за равзојот  на пример на бугарскиот, турскиот или грчкиот народ, сите тие личности треба да бидат дел од заедничкото чествување. Во многу случаи имате т.н дводомни писатели, постојат научници што имаат огромен придонес во развојот на светската наука, што сега се обидуваме да ги присвоиме. Недозволиво е да ги одбегнуваме, да ги ставаме под политичка лупа на испитување – дали тие како државјани или како афирмирани личности не се нарекувале македонци во периодот и кога непостоела македонска држава. Фактор:Што според Вас  би значел Договорот за пријателство и дали во Македонија и Бугарија би можел да се скрши мразот во  меѓусебно анти- расположение? Камбовски: Ние сега де факто го градиме и ја потпишуваме потребата од наша заедничка  и фактичка соработка. Затоа  Договорот за пријателство го сметам само за формален меѓудржавен акт. Ова што како академици, како наука, овој се поголем опус на преводи  на македонски  авторски дел на бугарски и обратно, се почестата размена  на уметнички и културни дела, економската размена, слободата на движењето на луѓе и капитал, е фактичка содржина за каков било Договор за добрососедство. Државата ги преставува и ги пресликува автономните сфери на општествениот ангажман - култура, наука, творештво. Кога авторите, научните ситаржувачи, творците, уметниците ќе ги продлабочат своите взаемени релации, без стереотипите на национална припадност,  тогаш е полесно ќе се формализира меѓудржавниот Договор. Тоа е политички акт што во основа треба да овозможи меѓусебен дијалог и перманентна соработка на државните институции меѓу Македонија и Бугарија. ДОГОВОРОТ ЌЕ ПРИДОНЕСЕ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА БАЛКАНОТ Фактор: Како потпишувањето на Договорот за добрососедство би можел да влијае врз релаксирање на односите со другите земји од нашето опкружување особено во релациите со Грција? Камбовски: Верувам дека сите добронамерни луѓе вклучително и  во Грција ќе го поздрават  подобрувањето или интензивирањето на односите меѓу Македонија и Бугарија. Злонамерниците на се можат да најдат забелешки и критики. На Балканот денес постои понизок или повисок степен на недоверба меѓу народите, но  не можеме сега да останеме на тоа рамниште и да не превземаме ништо во билатералните односи од страв дека некоја друга страна ќе стави забелешки. Нема никакви рационални причини Грција ниту  која  било друга земја да не се радува на подобрувањето на односите помеѓу два нивни соседи. Нема зошто Македонија да не се радува за  подобрувањето на однсоите во релациите меѓу Турција и Грција или кој и да е друг сосед. Тоа само треба да не радува затоа што води кон поголема интеграција на Балканот, бидејќи во ЕУ треба да се претставиме како еден добро интегриран регион. Таквиот концепт на регионален пристап во ЕУ е легитимен што отвора широки рамки за да се престават и поблиските балкански интереси Фактор: Неодамна рековте дека статус кво состојбата околу проблемот со името е неодржлива оценувајќи дека е потребно да се бара  Македонија  да ги отпочне преговроите со ЕУ со привремената референца ПЈРМ? Камбовски: Тој предлог не е нов и е содржан во времената Спогодбата што ние ја имаме потпишано со Грција  во рамките на  Обединетите нации. Во неа е предвидено привременот име, со референцата Македонија може да  аплицира  за членство во меѓународни организации, како што е ЕУ, а дека Грција на тоа нема да се спротиставува. Нека започнат преговорите под таа привремената референца ПЈРМ, а според пресудата на Меѓународниот суд за правда Грција не смее да става вето. Откако ќе започнат преговрите на ЕУ со Македонија, мислам дека ќе се создадат  подобри услови  и понатаму да се расправа за овој ирационален спор што го наметна Грција  околу меѓународното име со кое Република Македонија ќе членува во меѓународните организации. ПРЕГОВОРИ СО ЕУ ПА РЕШАВАЊЕ НА ИМЕТО Фактор: МАНУ на неколку наврти досега се има изјаснето  против промената на името. Меѓутоа академик Илиевски во една прилика има изјавено  дека предлогот „Горна Република Македонија“  би можело да биде добра основа за раврска на спорот со Грција?   Камбовски: Не е наша задача како Академија  да даваме рецепти за некое ново име.  Јас зборувам за привремената референца под која Република Македонија е примена не само во Обединетите нации туку и во други меѓународни организации. Значи јас не говорам за конечниот исход  од преговорите. Но за да можеме и понатаму да преговараме,  да имаме и ние подобри позиции, но и да ја стекнеме довербата кај нашиот јужен сосед најдобро е што поскоро да започнат преговорите за членство на Македонија во ЕУ дури и под оваа  привремена референца. И тогаш ќе се најде име за меѓународна употреба на државата. Значи не зборувам за  уставно име бидејќи тоа не може да биде прашање за преговори. Фактор: Како да се надминат предизвиците со кои Македонија се соочува како што  се закочените евроинтеграции, спорот со името, социо-економскиот развој на земјата, меѓуетничките односи? Камбовски: Во овој период  ни треба повеќе дијалог. Нашето општество влезе во постранзициски период што неодложно наметнува промени на старите навики  од стартот на овој нов политички систем на самостојна Македонија. Тие треба да се заменат со новите правила диктирани од демократската процедура, толерантен дијалог за различностите и преку него да обезбедиме внтреопштествено единство. Горазд Чомовски

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: