19 Декември, 2025
0.1122

ИНВЕСТИТОРИТЕ БЕГААТ: Зошто Џонсон Контролс заминува од Македонија?

Објавено во: Економија 09 Септември, 2015 09:02

Добивај вести на Viber

Некогашен Џонсон Контролс, сега Вистеон Електроникс најверојатно заминува од Бунарџик, објави телевизија Алсат-М. Информацијата, засега никој ниту ја потврдува, ниту пак ја демантира.Надлежните не одговараат на се погласните најави дека оваа странска иневестиција ќе ја напушти Македонија,поради тоа што привршуваат и годините за државна помош.  

Американската компанија Џонсон Контролс беше првата компанија што отвори фабрика во Бунарџик. Регистрираше компанија во Македонија на 16 ноември 2006 година и се до лани работеше под овој бренд. На 3, јули лани имаше промена на сопственоста. Сега, истата фабрика е во рацете на корпорацијата Вистеон, и го носи називот Вистеон Електроникс Македонија.

Оваа промена на сопственоста во земјава, беше резутат на промените на сопственичката структура што на глобално ниво се случија во компанијата Џонсон Контролс. Имено, Џонсон Контролс,  минатата година  дел од својата компанија, или поточно делот за автомобилска електроника го продаде на корпорацијата Вистеон за 265 милиони долари.

Со оваа зделка, и фабриката на Џонсон Контролс во Бунарџик, премина во рацете на корпорацијата Вистеон. Додек , другата фабрика, што Џонсон Контролс ја отвори во Штип, остана во нејзина сопственост затоа што не е во делот каде настана промената на сопственоста.

Во некогашен Џонсон Контролс, сега Вистеон Електроникс Македонија, лани имало 321 вработен, и е за 6 помалку од 2013 година. Односно во 2013 година имало 327 вработени, и тоа е најголем број на вработени што бил достигнат во компанијата за сите години додека е присутна во земјава.

Еве што велат финансиските показатели за компанијата Џонсон Контролс –Македонија, сега Вистеон Електроникс Македонија

Во 2007 година, Џонсон Контролс почнува со 22 вработени и има приходи од 32,4 милиони денари, а вкупни расходи од 78,9 милиони денари, па со тоа прикажува загуба од 46,5 милиони денари.

Во 2008 година, компанијата го зголемува бројот на вработени на 73. Растат и приходите, но и расходите. Компанијата и оваа година покажува загуба. Односно, има приходи од 384,7 милиони денари, а расходи од 554 милиони денари, со тоа загубата изнесува 169,2 милиони денари.

Џонсон Контролс е во минус и во 2009 година, и покрај тоа што има драстичен скок на приходите, но сепак паралено растат и расходите. Па така, со 155 вработени, компанијата книжи вкупни приходи од 1 милијарда денари, но и расходи од 1,1 милијарда евра. И повторно е во загуба од 153,8 милиони денари.

И четвртата година по ред, односно во 2010 година Џонсон Контролс, бележи загуба. Приходите повторно продолжуваат да растат паралелно со расходите. Односно, компанијата има приходи од 2,3 милијарди денари, а расходи од 2,4 милијарди денари. Со ова загубата изнесува 117,3 милиони денари.

Во 2011 година, Џонсон Контролс има 255 вработени и за првпат покажува добивка во работењето. Вкупните приходи на компанијата изнесуваат 3,75 милијарди денари, а расходите 3,71 милјарди денари. Односно компанијата е во добивка од 34,9 милиони денари.

Компанијата е во позитивно салдо и во 2012 година. Односно со 317 вработени, има приходи од 5,8 милијарди денари, а расходи од 5,7 милијарди денари, со тоа добивката изнесува 108,5 милиони денари.

Во 2013 година во фабриката на Џонсон Контролс во Бунарџик има 327 вработени. Вкупните приходи изнесуваат 3,9 милијарди денари, а додека расходите се 3,7 милијарди денари. При тоа добивката изнесува 202,5 милиони денари.

Бројот на вработени минатата година изнесувал 321. Приходите се 4,14 милијарди денари, а расходите 4,15 милијарди денари, а со тоа добивката на компанијата изнесува 14,1 милиони денари.

                                       Приходи                                      Расходи                                           Добивка
  • 2007 год          32,5 милиони ден.              78,9 милиони ден.             - 46,5 милиони ден.
  • 2008 год         384,7 милиони ден.           554 милиони ден.              - 169,2 милиони ден.
  • 2009 год          1 милијарди ден.                1,1 милијарди ден.            -153,8 милиони ден.
  • 2010 год        2,3 милијарди ден.            2,4 милијарди ден.            -117,3 милиони ден.
  • 2011 год          3,75 милијарди ден           3,71 милијарди ден           +34,9 милиони ден
  • 2012 год          5,8 милијарди ден             5,7 милијарди ден             +108,5 милиони ден
  • 2013 год          3,9 милијарди ден             3,7 милијарди ден             +202,5 милиони ден
  • 2014 год         4,15 милијарди ден           4,14 милијарди ден           +14,1 милиони ден

Џонсон Контролс, односно Вистеон Електорникс под лупа заради злоупотреба на државната помош

Комисијата за заштита на конкуренцијата, отвори постапка во која ќе испитува дали Џонсон Контролс, сега Вистеон Електроникс, правел злоупотреби со државната помош. Во официјалната информација е наведено дека за тоа има сериозни сомневања. Постапката е отворена во јуни годинава, односно една година откако нов сопственик на фабриката на ЏонсонКонтролс во Бунарџик стана Вистеон Електорникс.

Во официјалната информација на Комисијата за заштита на конкуренцијата е наведено дека се соменваат дека компанијата пријавувала исти расходи повеќепати и со тоа повеќепати добивала субвенции за иста намена.

Комисијата за заштита на конкуренцијата на седница одржана на 27.05.2015 година донесе Заклучок за поведува постапка за оценка на дозволеноста на доделување на државна помош помеѓу која Владата на Република Македонија претставувана и застапувана од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија како давател на државна помош ја има доделено на Друштвото за производство, трговија и услуги ВИСТЕОН ЕЛЕКТРОНИКС МАКЕДОНИЈА.

„Одлука на Комисијата за заштита на конкуренцијата е заради сериозно сомневање дека во периодот од 2007 до крајот на 2012 година, на корисникот на државна помош Друштвото за производство, трговија и услуги ВИСТЕОН ЕЛЕКТРОНИКС МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје му е доделена државна помош во име на персонален данок на доход вклучен во исплатена државна помош по основ на компензација на 50% од бруто плата, државна помош која корисникот на помошта ја има добиено по два основа - еднаш врз основа на одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата како компензација на бруто плати од 50% и повторно како ослободување од плаќање на персонален данок на доход помош доделена врз основа на Законот за технолишки индустриски развојни зони, кој со Одлука на Комисијата за заштита на конкуренцијата е одобрен како шема на помош, а притоа корисникот на помошта има пријавено исти тошоци како оправдани трошоци врз основа на кои ја има добиено помошта, а кое нешто е спротивно на Законот за технолишки индустриски развојни зони, што претставува евентуално доделување на злоупотребена државна помош согласно член 4 став (1) точка 6 од Законот за контрола на државната помош.

Комисијата за заштита на конкуренцијата се уште нема донесено одлука за тоа дали има прекршувања при доделувањето на државната помош кај оваа компанија.

Посебна консултантска куќа ќе врши контрола на државната помош за странски компании

Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, неодамна објави оглас со кој се бара компанија која како што е наведено во огласот ќе треба да изработи „Модел за утврдување на оправдани инвестициски трошоци“, но и ќе има „Ревизорски ангажман во форма на договорна ревизија за потврдување на оправданите инвестициски трошоци на едно претпријатие со кое дирекцијата има склучено договор за доделување на државна помош“

Засега нема информација дали договорот е склучен со некоја консултантска  компанија. Но, иако, не е јасно прецизирано дали овој договор ќе се однесува само за да се испита државната помош доделена во само една компанија, или пак ќе се однесува за сите договори , сепак  неодамна директорот на ДТИРЗ, Викор Мизо, во медиумите посочи дека посочи дека консултатнтската куќа е потребна заради поголема транспарентоност при доделување на државната помош на странските инвеститори.

Државната ревизија откри неправилности во работењето на странските компании

Државниот завод за ревизија минатата година детектираше и противзаконското работење на странски инвеститор кој добивал помош од државата, а производите ги пласирал на македонскиот пазар остварувајќи екстра профит и создавајќи нелојална конкуренција.

Тогашнот директор на Агенцијата за странски инвестиции, посочи дека не верува во наодите на Државниот ревизиор, и дека ќе прави независна ревизија на ревизијата што ја направи Државниот завод за ревизија.

Иако, засега нема ифнромација дека такво нешто се случило, сепак отсуства и информација за тоа за кој странски инвеститор се работеше и дали институциите превземаа некаков конкретен чекор. Во меѓувреме Висар Фида е сменет од директорската позиција на Агенцијата за странски инвестиции, а неговата изјава е беше протолкувана како сериозен гаф, бидејќи не може една државна институција да не верува на друга државна институција.

Освен ова, ревизорите открија дека ниту една институција не дава одговор на прашањето – колку изнесува точната сума на пари потрошени за владиниот лов на странски инвестици. Недостасуваат целосни податоци за тоа колку пари од буџетот се одлеале за државна помош, медиумски кампањи и за економските промотори.

Р.Ф.

 

Можеби ќе ве интересира

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии