19 Април, 2024
0.0315

ИНТЕРВЈУ Мери Младеновска Ѓорѓиевски

ЈАНЕВА ДА ПУКА СО ТЕШКА АРТИЛЕРИЈА

Објавено во: Македонија 27 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Сопки?! Премногу блага оценка за опструкциите на институциите кон Специјалната обвинителка.”Ние говориме за попречување на правдата, за прикривање докази и недоставување податоци, а сето тоа е свесна опструкција од вршители на функции членови на владеачките партии и нивните соизвршители.

СЈО претставува сериозна закана- со доказите со кои располага и до кои може да дојде  за целосно уривање на кредибилитетот на претставниците на власта и на поранешниот премиер.”

Нападите кон Јанева во Парламентот само говори за комплетно нарушениот морален и политички крдибилитете на пратениците од власта.  Со овие оценки, екс-министерката за правда во Владата на Црвенковски, го изведува и генералниот став за абнормалноста на целокупниот судски систем во последнава деценија е поробен од Владите на Груевски.

“Ние не зборуваме за проблеми за независноста на судиите, туку за директна зависност на судството од извршната власт... Од осамостојувањето на Македонија до денес, судската власт е во најлоша состојба  гледано од професионален и  морален аспект”. Младеновска и со сугестија до тимот на СЈО – ако сака да успее траба да користи, кажано во жаргон  ”тешка артилерија”.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Во 2005 година како министер за правда изјавивте -„Треба да признаеме дека имаме неажурно судство “. Каков е денес македонскиотправосуден систем ?

Младеновска-Ѓорѓиевска: Денес најмал проблем во судствотое прашањето за ажурноста. Според видот на проблемите што постојат во судството во Република Македонија,  како граѓани би требале да бидеме среќни ако најголем проблем е неажурноста.

Како адвокат сметам дека проблемите во македонското судство се многу длабоки и претставуваат производ на владеењето на оваа номенклатура која не го почитува основниот принцип на поделба на власта.

Во Македонија со започнување на процесот на евроинтеграција без констатирани проблемите во судството, пред се во неговата независност и брзината на постапување по предметите. Беа спроведени реформи  во правосудниот систем и поради тоа  се  стекневме со статус на земја  кандидат за членство во ЕУ. При споредба на општествените состојби, а пред се во правосудниот систем на периодот  2005-2006 година,  со  состојбата денес,  сме во  полоша состојба. Ние не зборуваме за проблеми за независноста на судиите, туку за директна зависност на судството од извршната власт. Независноста која формално според законските прописи е солидно обезбедена во пракса не се применува како резултат на нарушувањето на демократскиот амбиент во државата од страна на извршната власт, поточно од нејзините поединци носители на високи функции.  Се користат механизми на притисок врз судството спротивно на законите. Затоа имаме апсурдна ситуација членовите на Судскиот совет од редот на судиите ( тие се мнозинство во Советот) да имаат идентични  партиски ставови со  членовите на Советот избрани во Собранието на Република Македонија .

Што се однесува до ажурноста, многу  поразвиени демократски земји имаат проблеми со ажурноста во судството на што укажува и праксата на Европскиот суд за човекови права.

Со цел да се создаде привид кај граѓаните, а и за да се освои некој поен во ЕУ, власта со континуирани измени во законските прописи, направи хиперпродукција на прописи во кои ги скрати роковите за постапување пред  судовите, но фактички овие рокови не  се запазуваат. Единствено, како резултат на пренесување надлежности на други органи и лица со јавни овластување има статистичко зголемување на судската ажурност.

Од осамостојувањето на Македонија до денес, судската власт е во најлоша состојба  гледано од професионален и  мораленаспект. Целосно е нарушена независноста, а со тоа и начелото на поделба на власта на: законодавна, извршна и судската, како темелна вредност дефинирана во Уставот на Република Македонија. Постапувањето на судовите на сите нивоа почнувајќи од основните, па се до Врховниот суд, во изминатите години покажува големи отстапување од законските прописи, што предизвика уште поголемо нарушување на довербата во судската власт, од страна на граѓаните што остваруваат свои права пред судовите. За да ја вратиме нашата земја на патот на евтоинтегративните процеси во ЕУ и во НАТО и да ги вратиме потребните демократски критериуми  и принципи на владеење, неизбежно е да биде извршен  реизбор на судиите. Ова го констатирам врз основа на  мојот професионален стаж од 24 години во правосудство. Судството, по извршениот резибор, мора внатрешно да создаде механизни на заштита  и зајакнување на сопствениот интегритет спрема претставниците на извршната власт.

Она што го гледаме во последните години е сервилноста и понизноста со која судиите се однесуваат пред извршната власт.  Целосно се нарушени начелата на еднаквост, на законитост,  на правото на правично судење, и на судска непристрасност. На граѓаните им е оневозможен пристапот до правдата заради големите трошоци во почеток на постапката заради судска такса, како и  за обврската за поднесување вештачење како доказ заедно со тужбата (ако тужителот фактите треба да ги докаже со вештачење), дури и во предмети во кои може тужениот ќе го признае тужбеното барање. Сета оваа нерационалност е во функција на задоволување на апетитите и на создавање извори на приходи на различни групации подржувачи на власта, на штета на граѓаните. Не смее да се запостави фактот дека е  оневозможен  пристапот до правдата за голем дел од граѓаните поради високи  трошоци што мора да бидат платени во почетокот на постапката.

Кога сме кај судската власт, сакам да го истакнам фактот дека во изминатите години се води континуиран процес на намалување на надлежности на судската власт и нивно пренесување врз  лица и служби со јавни овластувања што се под директен надзор на извршната власт преку министерството за правда (нотари, медијатори). Овој започнат процес на смалување на обемот на судската власт,  се врши под изговор на забрзување на постапките и растоварување на судовите. Извршната власт на овој начин директно го контролира процесот на донесување одлуки и нивно спроведување. Некои решенија како што е пренесување на оставинските постапки и платните налози пред нотарите, како и воведувањето на задолжителен обид за медијација, без направени наменски.

Свој придонес во овие процеси дава Законот за кривичната постапка  ( се применува од 01.12.2013 година)  кој ја воведе акузаторната постапка  со што се намали улогата на судската власт, во корист на Јавното обвинителство.  На јавноста и е познато како постапува Јавното обвинителство на Република Македонија спрема личноста од власта за кои постои основано сомневање дека извршиле кривични дела (максимално ги штити). Истовремено, ова Јавно обвинителство принуди многу граѓани да се спогодат и тогаш кога немаа вина, затоа што им се закануваа со построги казни доколку постапката продолжи со судење.

Судството е целосно уништено  и de iure i de facto. Во Македонија веќе не постои судски систем, а оваа оцена не е само моја. Во изминативе години се одвиваа повеќе паралелни процеси. Беа носени закони што манифестираа форма на наводно независно судство, а во суштина судството секојдневно тонеше во бездната на немоќ спрема извршната власт.

Фактор: Како ја оценувате динамиката на работа на Специјалното јавно обвинителство кое на неколку наврати се пожали дека институциите не соработуваат со нив и не им доставуваат докази? Може ли да се очекува дека СЈО ќе ги расветли сите сомневања за криминал поврзани со аферата „Прислушување“ при постојани опструкции ?

Младеновска-Ѓорѓиевска: ВМРО-ДПМНЕ внимателно го има планирано секој чекор за да го изгради ова беззаконие што постои  во сите институции под капата на извршната власт, но и во судството. Овој  партиски контролиран систем на институции и функционери  директно ја оневозможува работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите популарно наречено  Специјално  јавно обвинителство . СЈО објави дека има опструкции од конкретни институции. Можам да констатирам дека СЈО стекна искуство како да се справи со некои од овие институции што не му доставуваа податоци, а како пример го посочувам нивното ненадејно влегување во Централниот регистар. СЈО има целосно право ова да го прави спрема секоја институција од која ќе побара податоци потребни во неговата работа. Јавноста нивните постапки позитивно ги оцени, а постапките на институциите во кои гледа партиски војници ги оцени како свесна опструкција и попречување на правдата.  Мисијата што ја има СЈО не подразбира само прибирање докази од институциите од Македонија, туку и од други странски институции, се со цел да ги докаже сомневањата за сторени кривични дела.  Успехот и позитивниот резултат на СЈО за Република Македонија ќе значи стабилен општествен и политички систем и враќање на државата во редот на демократски држави. Граѓаните ќе бидат задоволни од нивната работа ако правдата биде задоволена односно сторителите на кривични дела да добијат законски казни во судска постапка. Моја желба и желба на граѓани со кои контактирам е СЈО успешно да ја заврши својата работа. Кога странува збор за очекувањата, моја оцена е дека му претстои тешка борба во која гледаме како се однесуваат сите институции во кои доминираат партиски војници, меѓутоа сакам да му укажам на СЈО  дека треба да користи, кажано во жаргон „тешка артилерија“,  за да успее. 

Потпирајќи се на римската максима fatetur facinus is qui iudicum fugit-кој бега од судот, го признава злоделото, СЈО мора обвинетите да ги  принуди да се појават во судот.

Фактор: Дали тоа што СЈО по една година од формирањето бара да се пролонгира рокот за работа за да може да истражи кој незаконски прислушувал значи дека Јанева немала јасна слика за обемот и тежината на материјалите од т.н. бомби кои ги објави СДСМ, ниту пак очекувала дека ќе се соочи со „сопки“ при работење на предметите?

Младеновска-Ѓорѓиевска: Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е избрана  по донесување на Законот за гонење на кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации, во кој е дефиниран крајниот рок за покренување обвиненија или за запирање на постапките, а тоа е период не подолг од 18 месеци од денот на преземање на предметите и материјалите во негова надлежност. 

Со обемот и тежината на материјалите СЈО се соочи подоцна  и затоа откако направиле увид и се запознале со материјалите поднесоа иницијатива за измени на Законот. Според моето стручно мислење, ваков рок не требаше да биде пропишан од причина што не може рокот за поднесување обвиненија да биде помал од роковите за застареност на кривично гонење дефинирани во Кривичниот законик, во зависност од запретената казна. Ова претставува оптоварување во работата на СЈО, кое паралелносо опструкциите од страна на другите институции, меѓу кои и Судот и таканаречаната аболиција од Ѓорге Иванов,  уште повеќе го скратија времето за работа на СЈО.

Зборот сопки што го употребивте со кој сакате да укажете на не фер однесувањето на институциите спрема СЈО е многу благ. Ние говориме за попречување на правдата, за прикривање докази и недоставување податоци, а сето тоа е свесна опструкција од вршители на функции членови на владеачките партии и нивните соизвршители. Сметам дека ни во најпесимистичкото размислување  јавните обвинители што се именувани во Специјалното јавно обвинителство, не можеле да претпостават вакви кршења на законите, од страна на  државните органи и  судството. Јасно ни е на сите зашто СЈО се соочува со ваков вид проблеми во работата, наспроти искуството што го имале претходно како обвинители во редовното обвинителство соработувајќи со истите органи и со истите функционери, но во постапки во кои се обвинети други лица, а не носители на функции на власт. Ова не смее да ја намали нивната мотивираност и посветеност, напротив треба да им ја зголеми истрајноста во реализацијата на законските обврски.

Фактор: СЈО на 1-ви април до Собранието достави иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Според Јанева, голем број потенцијални сведоци се обесхрабрени да сведочат поради нецелосно регулираната заштита на сведоци. Зошто според Вас кај владејачкото мнозинство нема волја да се прифатат нејзините барањата ?

Младеновска-Ѓорѓиевска: Собранието на Република Македонија се однесува идентично како и другите институции на кои СЈО им се обраќа со цел да преземат дејствија согласно нивните надлежности. СЈО поднесе иницијатива  за донесување Закон за измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци, но по 6 месеци во Собранието не е преземено ништо. Тоа  значи свесна и планираната опструкција со цел целосно да се оневозможи СЈО во својата работа.  Неменувањето на Законот за заштита на сведоци директно има влијание врз доказниот материјал што го подготвува СЈО, бидејќи обвинителството не може да им обезбеди целосна заштита на сведоците кои би сведочеле. Со необезбедување на заштита сведоците  може да бидат цел на  притисоци и закани од страна на претставници на власта или на лица ангажирани од нив.

За СЈО, при вакво функционирање на судството, закана  претставуваат и одредбите од Законот за кривичната постапка што се однесуваат на оцена на обвинителен акт од страна на  судија идносно совет за оцена на обвинителен акт ( оваа разлика во надлежност зависи дали запретената казна е до 10 години затвор или над 10 години). Покрај другите основи, судијата односно советот што го оценува обвинителниот акт може да  одлучи дека обвинителниот акт е неоснован бидејќи нема доволно докази во прилог на обвинението. Во ваков случај обвинителството има право на жалба до советот на повисокиот суд.  Од овие причини треба внимателно да ги селектираат и да ги предлагаат доказите во прилог на обвинителниот акт.

Фактор: Специјалната обвинителка повикувајќи се на докази од прислушуваните разговори рече дека Парламентот е нелегитимен, но во истовремено бара поддршка од народните избраници. Нели ви изгледа малку контрадикторно ?

Младеновска-Ѓорѓиевска: СЈО претставува сериозна закана- со доказите со кои располага и до кои може да дојде  за целосно уривање на кредибилитетот на претставниците на власта и на поранешниот премиер. При разгледувањето на Извештајот за работата на СЈО во Собранието, можеше да се очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го искористат секој миг за да го претворат Собранието во судница во која дел од нив би биле обвинители што ја гонат Специјалната јавна обвинителка, а другиот дел пратеници да се претвора во адвокати на функционерите  на ВМРО-ДПМНЕ против кои се водат постапките пред СЈО. Нивната  цел беше дефокусирање на расправата по Извештајот и правење карикатура од Собранието.  Нападите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ спрема  Специјалната обвинителка без очекувани и така беше инсценирана целата расправа во Собранието. На јавноста Јанева требаше да и биде претставена како лице  за на обвинителна клупа и тоа од оние што треба да одговараат за криминал и други кривични дела.Со ваква дебата дел од пратениците од владејачкото мнозинство го доведоа во прашање сопствениот морален интегритет пред граѓаните.

Оспорувањето на легитимитетот треба да се гледа во контекст на изборните нерегуларности што ги вршеле функционери од власта, а за кои јавноста беше запознаена од нивните разговори од прислушуваните материјали.

Очигледно многу се погодени од констатациите на Јанева. Верувам дека СЈО независно од случувањата во Собранието и натаму ќе продолжи со својата работа  и ќе успее да ги докаже своите тврдења.

Ако  пратениците искрено сакаат да бидат претставници на граѓаните и  нивниот состав да претставува израз на реалната волја на граѓаните, самите треба да бидат заинтересирани да се расчисти секое сомневање во нивниот  легитимитет.

 Нивната постапка ја гледам во контекст на римската максима  grave ipsius conscientiae pondus-тежок е товарот на сопствената совест.

Фактор:  За разлика од досегашната пракса Судот да изрекува мерка притвор за речиси сите барања на Основното јавно обвинителство, во случајот на СЈО речиси сите барања беа одбиени. Дали се работи за двојни аршини,  и мислите ли дека некој од судииите ќе се одважи да постапи спротивно на политички нарачки за да заштитат осомничени од предметите на Специјалното јавно обвинителство?

Младеновска-Ѓорѓиевска: Моите очекувања за работата на Основниот суд Скопје 1  се многу мали. Ова го темелам врз начинот на кој беше вршен изборот на судиите во изминативе 10 години. Тие  се избираат со посебно внимание за оцена на лојалност спрема власта, а посебно спрема вршителите на највисоки функции.  Во досегашната работа на Основниот суд Скопје 1 Скопје, голема улога  во негативна смисла одигра и претседателот на Судот, преку неговото влијание во дефинирањето на распоредот на судиите, но и тоа што се наметна во форма на координатор за потребите на власта, иако  нема формална власт над судиите во смисла на донесување на одлуки. Овој суд чии поранешни  судии се истакнуваа со квалитетот, сега е на дното на листата ( со исклучок на поединци чиј број е сведен на минимум). Во него денес  не може да се формира  ниту одделение што ќе ги суди предметите на СЈО. За какво судство станува збор кога последниот филтер за избор на судија е интервју со шефот на тајната полиција, на јавноста и е јасно.  

Сметам дека судиите што им должат на тие што ги избраа и што ги поставија на тоа место многу тешко би донеле правилна и законита одлука.

Сепак верувам  дека има судии што се професионалци,  кои нема да можат да се апстрахираат од тежината на доказите што ќе ги предложи СЈО и ќе постапуваат законито. 

Фактор: Дали со опис на делата за предмети кои се уште се во пред истражна постапка, Специјалното јавно обвинителство ја повредува пресумпцијата на невиност ? 

Младеновска-Ѓорѓиевска: СЈО при водењето на постапките не врши повреда на презумцијата на невиност. Внимателно ги соопштува податоците за лицата против кои се водат постапките, внимателно предлага мерки за обезбедување и мерки на претпазливост. Меѓутоа фактот што граѓаните претходно преку „бомбите“ имаа можност да ги слушнат разговорите  и да  ја знаат содржината на истите,  има свое влијание. Со оглед дека станува збор за постапки што се водат против сегашни и поранешни носители на највисоки функции во државата, јавен  интерес е граѓаните да бидат информирани.

Наспроти ова ВМРО-ДПМНЕ, преку државните органи 10 години ја злоупотребува пресумпцијата на невиност. Тоа  беше правено во МВР на прес конференции каде што беше соопштувано дека против лица со конкретно име и презиме се поведени постапки и им е определена мерка за обезбедување присуство-притвор. Откако МВР ќе соопштеше истражни судии ги сослушуваа и им  беше определуван притвор со  времетраење претходно соопштено на  прес конференциите.

Сметам дека домашната и меѓународната јавност со посебно внимание ја следи работата на СЈО, а особено почитувањето на законите и постапката спрема лицата против кои води постапки.

Фактор: Уставниот суд тактизира околу оценување на уставноста за Законот за СЈО. Што доколку одлуката за легитимитетот на СЈО биде донесена после 12-ти октомври, кога Парламентот веќе ќе биде распуштен и не ќе може да се изгласаат евентуални измени за усогласување на законот за СЈО?  Дали тоа практично би значело  дека Јанева не ќе може да работи се до конституирањето на новиот парламентарен состав ?

Младеновска-Ѓорѓиевска: Уставниот суд е приврзок на извршната власт–мислам на мнозинството, не на сите судии, и работи под директни инструкции па затоа во исти правни работи носи сосема различни одлуки. Оттаму може да кажеме дека е директен соизвршител во креирањето на беззаконието во кое живееме. Посебно е опасно тактизирањето со ставање на дневен ред на  иницијативата за оцена на уставноста на СЈО. Судиите што со досегашните одлуки ја подржуваа власта  треба да знаат дека во нивни раце е иднината на државата. Не станува збор за  вообичаени предмети, туку за предмет  што е од важност за сите сегашни  и идни генерации. Немам илузии дека сите укажувања во јавноста, до делот од уставните судии кои во досегашната работа се покажа дека се продолжена рака на ВМРО –ДПМНЕ, ќе родат плод. Прашање на момент е кога ВМРО –ДПМНЕ ќе ги притисне и експресно оваа иницијатива ќе биде на дневен ред. Мислам дека поважна улога имаат калкулациите внатре во ВМРО –ДПМНЕ. Размислуваат дали со укинувањето на СЈО би предизвикале реакции кај граѓаните и во моја мера. Ако Уставниот суд ја прифати политиката на  ВМРО –ДПМНЕ да биде укинато СЈО, тогаш   граѓаните уште пожестоко би реагирале, во споредба со она што го направија кога  Ѓорѓе Ивановдонесе одлуки за помилување.

Фактор: Можна ли е политичка, без правна разврска на кризата која трае две години и што би значело доколку целата аферата се сведе на дијл меѓу Груевски и Заев ?

Младеновска-Ѓорѓиевска: Категорична сум дека политичката криза не може да биде решена  без правна завршница.  Ако нема праведна завршница на целата постапка околу незаконското прислушување сериозно ќе биде доведена во прашање иднината на Република Македонија како демократска и суверена држава. Кризата во која се наоѓаме треба да ја согледаат повеќето граѓани за да може да излеземе од неа  и да се вратиме на патот на интеграциите кон ЕУ и НАТО.

Оваа криза е длабока и трае многу долго и не им остава простор на политичките лидери од различни партии да преговаррат, да се договараат и меѓусебно да се „аболицираат“. Лидерот на опозицијата  ако направи постапка со која би простил било каков криминал, а посебно на  висок функционер, всушност врши политичко самоубиство.

Македонија може да биде демократска држава и со меѓународен углед единствено и само ако секој што извршил злоупотреби, независно од местото на кое се наоѓа во партиската или државна хиерархија, одговара согласно законите.

Граѓаните на Македонија , не заслужуваат ништо помалку од ова. 


Можеби ќе ве интересира

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ФОТО:СЕ ПРЕВРТЕ ВОЗИЛО ПО ПРЕВОЈОТ СТРАЖА НА ПАТОТ ГОСТИВАР-КИЧЕВО: Се чека полицијата да пристигне

ЕДЕН ОД КРАДЦИТЕ НА СЕФОТ НА „ВОСТАНИЧКА“ ПАДНА ВО РАЦЕТЕ НА ОЈО: Станува збор за 23 годишно момче, еве ги деталите

ЕДЕН ОД КРАДЦИТЕ НА СЕФОТ НА „ВОСТАНИЧКА“ ПАДНА ВО РАЦЕТЕ НА ОЈО: Станува збор за 23 годишно момче, еве ги деталите

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОТ, ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПАДНЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СНЕГОВИ ЗА ГОДИНАВА: Следува многу постудено време

ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДОТ, ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПАДНЕ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СНЕГОВИ ЗА ГОДИНАВА: Следува многу постудено време

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните