Како се „пумпаше“ буџетот на МВР кога се правеле набавките што ги истражува СЈО?
Полицијата добива повеќе пари со буџетот од 2011 година – вкупно 10.056.979.000 денари или околу 163 милиони евра. Токму во овој период се правела набавката на опремата од странство за потребите на Петтата управа во МВР, која ја истражува СЈО
Објавено во: Македонија 28 Септември, 2016
„Господине Славески за 60 пати ви е зголемен буџетот во делот на опрема на тајната полиција. Што ќе прави со овие пари тајната полиција. Знаете колку пари се ова?
Според анализите што ги правевме тајната полиција ги нема потрошено овие пари во последниве 8 години, кумулативно. Јас ве прашувам дали за овој скандал расправала Владата? Дали вие воопшто ако смеете да го прашате шефот на тајната полиција сте го прашале зошто ги користи овие пари“.
Ова се зборовите со кои тогашниот пратеник Јован Манасијевски реагираше на собраниската расправа во 2008 за ребалансот на буџетот со кој тајната полиција доби 25 милиони евра, иако првично беа планирани 781 илјада евра.
„Ќе барам од Собранието да настане пауза денеска, бидејќи немаме комисии за контрола на работата на безбедносните служби, да се направи атхок екипа од сите парламентарни групи со по еден претставник и да се викнат луѓето на сослушување, што ќе правите со овие пари. Толку пари не беа потрошени ни во конфликтната 2001 година“, додаде тогаш Манасијевски.
Во наредната кризна 2009 г., кога се кратеа буџетите на речиси сите министерства, касата на МВР остана речиси непроменета. Од првично планираните 8,6 милиони евра, буџетот за државна безбедност падна на 7,4 милиони евра со првиот ребаланс и 7,2 милиона со вториот ребаланс.
Со ребалансот на буџетот во 2010 година, МВР доби 11 милиони евра повеќе од првичниот план. МВР место предвидените 9,430.218.000 денари (или околу 153 милиони евра), „се освежи“ со 10.102.218.000 денари. Полицијата добива повеќе пари и со буџетот од 2011 година – вкупно 10.056.979.000 денари или околу 163 милиони евра.
Токму во овој период се правела набавката на опремата од странство за потребите на Петтата управа во МВР, која ја истражува СЈО под кодното име „Трезор“.
За злоупотребата се товарат тројца вработени во УБК и еден во МВР за кои СЈО смета дека проневериле државни пари за лично богатење. Осомничените освен набавката на опремата преку приватна фирма која го застапувала МВР, подоцна со анекси на договорот скроиле план за ново користење на пари од буџетот за дополнителни набавки и одржување на опремата, иако според СЈО немало потреба од тоа.
Според доказите на Обвинителството, првите тројца осомничени со цел да набават опрема во име на УБК, во 2010 година оствариле состанок со претставници на фирма од Велика Британија и договориле набавка на опрема и обука за користење на обуката за потребите на Петтата управа.
Но, наместо набавката да се изврши директно со фирмата од Британија, првите двајца осомничени договориле набавката на опремата во име на МВР да ја изврши приватна фирма ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, каде од 2009 до 2011 управител било лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот, а како основач е запишано правното лице Финзи ДОО од САД.
Откако ФИНЗИ извршиле увоз на опремата од Британија со фактура од 1 милион 452 403 евра, истата опрема ја префактурирала према МВР на вкупен износ од 2 милиони 21 028 евра и така ја препродала на МВР. Со ова ФИНЗИ стекнала имотна корист од 362 039 евра и ја нанела првата директна штета на Буџетот на Република Македонија.
Во 2011 година, двајцата првоосомничени му наредиле на сведокот дека УБК има потреба од набавка на дополнителна опрема. Поради тоа, изготвен е анекс кон договорот, и во декември 2013 меѓу МВР и ФИНЗИ која во тој период била управувана од Коста Крпач склучен е договор за купување дополнителна опрема.
За таа цел, четвртоосомничениот без да има овластување ставил своерачен потпис и печат за дополнителната набавка.
Една година подоцна, склучен е уште еден анекс на договорот меѓу британската фирма и МВР (застапувано од фирмата ФИНЗИ), а опремата наведена во фактурата иако различна од барањето за доопремување и понудата за склучување на анексот сепак износот бил целосно исплатен од страна на МВР со што осомничените извршиле уште една злоупотреба на буџетот.