02 Мај, 2024
0.0259

Кој акционер заработи 226.000 евра утрапувајќи му сопствени акции на „Макошпед“?

Објавено во: Економија 30 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

„Макошпед“ плати 495 денари за секоја купена акција од Никола Лазаров, неговиот акционер и член на Одбор на директори иако во истиот период друга фирма голем акционер продаде свои акции во „Макошпед“ по цена од 185 денари за акција! Со ова Лазаров оствари добивка од 338 денари затоа што акциите што сега ги продаде за 495 денари ги купи во март по цена од 157 денари за акција. Дали инструментот „сопствен откуп“ кој е предвиден во ЗТД за заштита на друштвото од обиди за непријателско превземање компании и ценовни манипулации овој пат се употреби правилно? Очекуваме одговори од менаџерите, од најголемиот акционер и од КХВ...

Никола Лазаров, акционер во „Макошпед“ заработи 226.270 евра капитална добивка од продажба на дел од своите акции кои ги купи оваа шпедиција и ги плати со пари на сите акционери за да ги складира во сопствен откуп. Лазаров  купи акции во март на аукција на која беше единствен понудувач. Купи 82.106 акции и ги плати по цена од 157 денари за акција. Три месеци подоцна на 19 јуни годинава Лазаров продаде 48.606 акции по цена од 495 денари за акција, а купувачот е „Макошпед“ и станува збор за сопствен откуп на акции. Овој случај е специфичен по тоа што во истиот период и друг голем акционер во „Макошпед“ – фирмата „Бусико“ во две блок трансакции на 14 јуни и на 21 јуни ги продаде сите свои акции во „Макошпед“ по цена од 185 денари за акција! Од овде логично се поставува прашањето зошто раководството на „Макошпед“ не направи обид да заштеди пари на фирмата и за сопствен откуп да купи акции по цена што е значајно пониска од цената што му ја плати на Лазаров кој патем речено е и член на Одборот на директори на „Макошпед“! Лазаров во март за сите свои акции (10,4 отсто од главницата) плати 208.000 евра, целиот текст е овој линк http://faktor.mk/koj-e-nikola-lazarov-chovekot-shto-iskeshira-208000-evra-za-akcii-vo-makoshped  и сега од продажбата на 48.606 акции Лазаров има прилив што е поголем за безмалку 60.000 евра од сите пари што ги вложил во акции на „Макошпед“, а при тоа има во сопственост уште 33.500 акции со право на глас во таа компанија. Со цел целосно и објективно информирање на јавноста „Фактор“ испрати прашања до адвокатот Никола Лазаров, за кој знаеме дека бил правен застапник на „Макошпед“. Прашавме дали тој е сопственик на 10,41 отсто од акциите со право на глас во „Макошпед“ до 19 јуни 2017 година, дали продал 48.606 акции со право на глас по цена од 495 денари за акција и дали може да објасни зошто „Макошпед“ одлучил за неговите акции да плати по 495 денари за акција на 19 јуни, не ги купи акциите што на 14 јуни и потоа на 21 јуни ги продаде „Бусико“ по цена од 185 денари за акција. Исто така прашавме дали со оваа трансакција е оштетена фирмата „Макошпед“ затоа што во сопствен откуп купи акции по цена од 495 денари иако во тој период имаше две трансакции во кои акциите постигнаа цена од 185 денари? Доколку добиеме одговори ќе ги објавиме во целост.

Оштетени ли се малите акционери во „Макошпед“

Основ за купување акции за сопствен откуп менаџерите на „Макошпед“ добиле во одлуката на акционерското собрание во мај годинава според која било дозволено да се купат акции по најниска цена од 50 денари до највисока цена од 500 денари за акција. Акциите се купени по цена од 495 денари која е многу блиску до највисоката цена согласно со одлуката. Во истиот период друг акционер продал акции по цена од 185 денари за акција! „Бусико“ своите 18,92 отсто од акциите во „Макошпед“ ги продаде во две блок трансакции од кои првата на 14 јуни и втората на 21 јуни. И двете се по единствена цена од 185 денари.

„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста и малите акционери во „Макошпед“ испрати прашања и до Марија Каранфиловиќ, генералната директорка во „Макошпед“ и до Лидија Трајковиќ, претседателка на Одборот на директори на „Макошпед“ и ги праша зошто не купиле акции по цена од 185 денари туку од 495 денари и дали со оваа трансакција е оштетена компанијата „Макошпед“ и малите акционери? Доколку добиеме одговори ќе ги објавиме во целост. Воедно испративме прашања и до компанијата „Ултимус“ најголемиот поединечен акционер во „Макошпед“ и прашавме дали има основа да изврши проверка на легитимноста на трансакција со која „Макошпед“ купи акции по цена од 495 денари од својот акционер Никола Лазаров? Дали има основа за утврдување на евентуални нарушувања на пазарната цена на таа акција и за оштетување на средства на „Макошпед“? Како и дали има основа за поведување постапка за утврдување на злоупотреби од член на Одборот на директори затоа што во период пократок од три месеци купил акции во „Макошпед“ по цена од 157 денари на јавна аукција како единствен понудувач, а потоа поголем дел од истите ги продал по цена повисока за 338 денари за акција при што остварува капитална добивка од 16,428 милиони денари? Доколку добиеме одговори од „Ултимус“ кој поседува 23,9 отсто од акциите ќе ги објавиме во целост. 

„Фактор“ достави прашања и до Комисијата за хартии од вредност и праша дали КХВ има основа да изврши проверка на легитимноста на трансакција со која „Макошпед“ купи акции по цена од 495 денари од својот акционер Никола Лазаров како и дали има основа за утврдување на евентуални нарушувања на пазарната цена на таа акција и за оштетување на средства на „Макошпед“? Од КХВ побаравме и мислење за тоа дали има основа за поведување постапка за утврдување на злоупотреби од член на Одборот на директори затоа што во период од три месеци купил акции во „Макошпед“ по цена од 157 денари на јавна аукција како единствен понудувач, а потоа поголем дел од истите ги продава по цена повисока за 338 денари за акција при што остварува капитална добивка од 16,428 милиони денари?

Доколку добиеме одговори ќе ги објавиме во целост.

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?