Кој е Мајк Помпео - Новиот шеф на ЦИА предложен од Трамп
Објавено во: Свет 18 Ноември, 2016
Републиканскиот политичар Мајк Помпео најверојатно ќе биде главен избор на Доналд Трамп за нов шеф на ЦИА како една од најмоќните американски разузнавачки агенции. Помпео потекнува од Канзас кој го претставува и во долниот дом на Конгресот, а е еден од највидливите членови на радикалното десничарско крило Tea Party.
Тој беше дел од специјалниот комитет кој ги истражуваше нападите на американската амбасада во Либија каде беше убиен амбасадорот и уште тројца од обезбедувањето, а сакаше да ја обвини Хилари Клинтон за виновна за несоодветните мерки како Државен секретар.
Мајк Помпео беше и жесток критичар на постигнатиот договор со Иран за контрола на нуклеарната програма при што САД и западните земји се обврзаа да го симнат ембаргото и да инвестираат милијарди долари во иранската инфраструктура и економија.
Се школувал на Хардвард и престижната воена академија и служел во американската армија. Од него се очекува да води конзервативна политика и да му помогне на Трамп да влијае на Блискиот исток во борбата со тероризмот.