03 Мај, 2024
0.0138

Колкаво е богатството на МПЦ?

Објавено во: 17 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Во македонските цркви се слеваат огромни пари по разни основи. Но кога и да се отвори ова прашање во јавноста, тоа секогаш предизвикува остри и жестоки реакции од црквата. Зошто македонските свештени лица не сакаат да зборуваат на оваа тема.  Дали религиските организации станаа економски институции? Секогаш кога граѓаните ќе влезат во црковен објект и сакаат да извршат некој религиски обред за коишто им е потребен одреден предмет кој што ја означува симболиката на обредот до него стои ценовник за тој предмет или ценовник за соодветната религиска услуга, за соодветниот религиски ритуал. Токму тие ценовници ги иритираат граѓаните бидејќи канонски не можеш и не смееш да дадеш вредност за религискиот ритуал. За венчавка, крштевка или погреб од 2500 до 6000 денари  Иако, според религиските норми, светите книги, никаде не се фаворизира плаќање за одреден обред, туку напротив се оди по правилото верникот да плати кој колку има, сепак во голем дел од македонските црковни храмови можете да најдете ценовник за извршување на одреден обред. На пример,  чинот на венчавката кој ќе го изврши еден свештеник  чини 4.000 денари, а со тројца свештеници  околу 100 евра. За крштевка потребни се 3.000 денари, а за погреб - 2.500 денари. Дополнително иритирачки за македонските верници е што сепак ова е ценовник кој не е по правилото кој колку има и уште повеќе што и оние кои ќе платат за ова не добиваат фискална сметка. Токму неодамнешниот обид за фискализација и оданочување на црковните обреди од страна на државата наиде на жестоки реакции пред се од црковната јавност. Од мерцедеси преку џипови до цитроени - возниот парк на владиците Дополнителен фрустирачки момент кога станува збор за црквата е возниот парк кој го поседуваат македонските владици. Иако во последно време избегнуваат да се појавуваат во јавноста. Македонските владици низ земјава се возат во речиси нови автомбили (не постари од 10 години) но изгледаат поприлично луксузно. Според информациите кои за Фактор ги потврдуваат црковни извори, Поглаварот на МПЦ Охридска Архиепискппија,  гг Стефан се возел во Мерцедес од висока класа, но и во џип Гранд чироки.  Митрополитот Агатангел се возел во џип Тојота ленд крузер. Владиката Иларион имал исто така џип, но се откажал од него, го продал. Според нашите информации, Владиката Петар наводно се возел во Ауди А6 или А8, но имал и Берлинго. Владиката Наум имал Фолксваген пасат. Владиката Пимен возел Ауди А4, а владиката Методиј наводно има евтин стар американски џип. Во црковната ергела ги немало повеќе крајслерите, велат нашите црковни извори. Речиси никој не знае со колкав имот располагаат македонските верски заедници Со завршување на процесот на денационализацијата МПЦ-Охридска Архиепископија и ИВЗ немаат пресметки со што сé располагаат. Црковни извори велат дека досега е вратен и не толку мал дел од целиот црковен посед. Во голем дел имот се враќа и преку обврзници, што според црквата се намалува вистинската вредност на имотот на црквата. ИВЗ исто така располага со не така мал имот. Се претпоставува дека на крајот од денационализацијата двете најголеми верски заедници ќе бидат меѓу најголемите земјопоседници во Македонија. Евангелие по Матеј, Библија Нов Завет „Не собирајте богатства на земјата, кадешто ги јаде молецот и рѓата и кадешто крадците ги поткопуваат и крадат, но собирајте си богатства на небото, кадешто ни молец, ниту рѓа не ги јаде и каде што крадци не ги поткопуваат и крадат.“ Редакција Фактор