Колку садници ќе бидат засадени утре - детали за новата акција „Ден на дрвото“
Објавено во: Македонија 29 Ноември, 2016
Според податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за утрешната акција на денот на дрвото планирано е да бидат пошумени вкупно 503,89 хектари со 2.611.143 милиони садници.
Акцијата ќе се спроведува на 60 локации во 30 подружници (катастарски општини), а за пошумување ќе се користат црн и бел, бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрча, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев...,
Според МЗШВ дополнително, по 2.000 леандри (вкупно 4.000) ќе бидат засадени покрај автопатот Демир Капија -Смоквица и во општина Дојран, а обезбедени се и 300 декоративни садници од кои 150 (четинари повисоки од 130 сантиметри) за Здружението на граѓани „Ден на дрвото засади ја својата иднина!“
Во организација на акцијата се вклучени голем број на институции, а има и отворен повик за сите заинтересирани граѓани да се придружат.
По повод Денот на дрвото, утре, 30 ноември, е неработен ден, освен за здравствените институции. Градинките треба да се со вообичаеното работно време. Датумот за одработување на овој ден дополнително ќе биде определен.