10 Ноември, 2024
0.0327

Лаф-муабет со Синиша Наумоски: Почитта кон жените, тоа е џентлменско за мене

Објавено во: Македонија 17 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Неретко учесниците во понеделничките разговори, како дел од порталната рубрика насловена „Лаф-муабет“, се толку инспиративни, а и елоквентни што без оглед на големата должина на интервјуата (причината лежи во сеопфатноста или поточно во неисцрпноста на темите), просторот е сепак ограничен, мал за потполна експресија. Нормално, истото важи и за денешниот соговорник - Синиша Наумоски. Негов фах е банкарството во чие поле на дејност е и позицијата на член на Советот на Народната банка, претседателското место во Комитетот за ревизија во НБРСМ од 2018-та, вклучително и професурата во првата независна македонска банкарска академија од 2014-та, кога се основа АБИТ (Академија за банкарство и информатичка технологија) каде што е во управувачката структура (тој е всушност еден од иницијаторите на нејзиното формирање) и уредничката работа во списанието за финансии „е-Банкар“. На почетокот на 2012-та докторира, стана доктор на економски науки. И претходно и во меѓувреме, С. Н. учествува на бројни мотивациски обуки, тренинзи како на пример на познатиот Брајан Трејси. Годинава партнерството, заедничкото дејствување со IBMHS (Institute for Business & Management Heidelberg) се круниса со одобрување на Владата за тука (во Скопје) да се отвори германски факултет, прв до сега - Хајделберг.

Постојаната работа, надградбата во секој поглед го вклучува и духовниот развој на себе - духовноста. Во 2015-та ѝ се приклучува на кабалата (станува нејзин приврзаник, следбеник - кабалист) чие тајно учење на Евреите од периодот на средновековјето, испреплетено со мистика, неговите мудроштини ги применува во животот, секојдневната работа... „Стапицата на егоизмот“ е само една од нив, а убавото изненадување што му го приредија неговите „браќа“ пред нешто повеќе од четири години во стариот дел на Јафа кај Тел Авив ќе го памети дури е жив. И превезот на очите и преминот во „новиот пат“... И покрај тоа што, согласно кабалистичката интерпретација на сетилното уживање, насладата по малку е егоистичка, одвреме-навреме му се препушта на хедонизмот - како што вели, едниот порок (цигарите) го замени со друг (пурите). Обично ги пуши доминиканските, никарагванските со американско, ирско виски - во кругот на пријателите. За нив, за џентлменството и неговото поврзување со „слаткиот живот“ (другото име на хедонизмот), за „мерцедесот“ и госпоѓа Бенц.., можете да прочитате во продолжение. А патем, што мислите за банка на плажа во Охрид? Ви се допаѓа таквата идеја, по теркот на Малага? И одговорите на овие прашања се подолу. 

* И покрај тоа што концепцијата на порталот е инаква, не можеме да ја одминеме кризата на глобално ниво, следствено и тука, во Македонија. Без оглед на истата, континуирано се соочуваме со финансиски тешкотии, со години. Аналитичарите имаат песимистичка визија - банкрот. Каква е Вашата? Ме интересира, во што е проблемот, кај кого?

-  Паралелно со независноста на државата, некаде пред 31 година, ние, како систем, сме во перманенетна крза, како што вели народот. Оттука, сметам дека овој период ќе биде, на еден начин, искушение кое народот и македонската држава ќе го совладаат. Да не заборавиме, по две тешки години на пандемија, исполнети со копнеж за нормален живот, дојде и руско-украинскиот конфликт (војна) како маргинална (дополнителна) мачнина на човештвото. Поточно, на почетокот на оваа година, добро помнам, на крајот на февруари, со воведувањето на меѓусебните санкции (Запад-Исток), светот влезе во трета, но сега светска економска војна, а сето тоа е поради започнувањето на конфликтот во Украина. Тоа е проблемот за состојбата на економијата денес. Практично, ако сме објективни, мора да признаеме дека состојбата со нарушената понуда или т.н. тесни грла на синџирите на снабдување како резултат на кризата со пандемијата од една и состојбата на драстично поскапување на енергенсите и храната како резултат на украинската војна од друга страна се виновниците за состојбата со регионалната, па и со македонската економија денес. Во таа насока, тогаш, на почетокот на конфликтот, кога сите бевме во грч (24 февруари), а еве и денес, може да се забележи дека јавно достапните показатели говореа дека директните трговски и финансиски врски со Русија и Украина се мали, па оттука и ефектите од конфликтот ќе бидат индиректни, преку понискиот раст на Германија, како наш главен трговски партнер, со посебен осврт на покачувањето на цените на примарните производи, нафтата и енергенсите. Но, гледаме дека таквите влијанија, кои навидум беа индиректни и мали, денес имаат силен негативен одраз во економијата. Токму затоа и состојбите се вакви. На крајот, ваквиот неповолен економски амбиент ќе се алоцира во потиснувањето на инвестициите надолу, како резултат на повисоката стапка на инфлацијата (ќе се намали потрошувачката во домаќинствата и корпоративниот сектор). Имено, ваквиот тек на говорење може да ја обои нашава дебата со „црна боја“ и истата да биде негативна. Секако, ако продолжам со мислите дека чашата е полупразна. Затоа си велам, како економист - ајде вака да ја поставиме тезата: Дали неповолните состојби на Истокот, тука мислам на фабриките - филијалите на големите компании од ЕУ и САД, можат да влијаат на управите, преку нашата убедувачка моќ, во таа насока и на поместувањето на истите во македонската економија?

*  Вашата магистратура се однесуваше на менаџирањето со јавното здравство. Извештаите за раководењето со клиниките се поразителни. Која е причината за толкавите загуби? Неподобноста на менаџерите? Раководниот кадар обично е и партиски. На кој начин може да се подобри целокупната состојба?

 - Да, се сеќавам на тој период. Имено, беше 2006-та, јас си го барав мојот пат во кариерата, а татко ми беше на висока служба во Министерството за здравство, во финансиите. Инспириран од него, одлучив да студирам финансии на Медицинскиот факултет, ха, ха, ха! Се шегувам. Практично, да, тоа беше размислата, да студирам на Медицинскиот факултет, на Катедрата за јавно здравје, со посебен осврт на менаџирање на јавно-здравствените установи во македонскиот здравствен систем. Оттука и тогаш и сега сум на мисла дека во здравството, мислам на нашето јавно здравство, мора да има менаџери на првите позиции, како директори на јавно-здравствените установи со добро познавање на финансиите и начините (изворите) на финансирање. Лекарите да не ме разберат погрешно, сите ние не можеме без нив и за таа цел тие треба да се најгоре на општествениот пиедестал, да се најплатените професии, но за да менаџираме една организација и да ја одржуваме на високо ниво од аспект на финансиите, мора да има менаџер кој ќе биде добар познавач на финансиските текови. Секако, како што и Вие самите велите во прашањето, партизацијата е огромен проблем во македонскиот здравствен систем, па и насекаде во системот. Така е веќе триесетина години. Во таа насока може да се каже дека тоа е еден од причинителите за негативните резултати во билансите на клиниките и болниците воопшто, но од друга страна, пак, мора да дополнам дека во светот нема идеален здравствен систем. Насекаде има проблеми и загуби (прашајте ги луѓето од нашата дијаспора - ќе ви кажат, по основ на ова). Практично, една од важните работи во здравството, која требаше да ја разберам, беше дека таму не е како во банкарството. Имено, не се штеди на здравјето на луѓето. Целото интервју на Синиша Наумоски прочитајте го на Машки магазин.

Можеби ќе ве интересира

„ДОМА ПЛУКАВ ЦРНО“: Галетановски за загадувањето

„ДОМА ПЛУКАВ ЦРНО“: Галетановски за загадувањето

БРАЗИЛЕЦ САКАЛ ДА ПРЕНЕСЕ ДВА КИЛОГРАМИ КОКАИН НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ: МВР го уапси

БРАЗИЛЕЦ САКАЛ ДА ПРЕНЕСЕ ДВА КИЛОГРАМИ КОКАИН НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ: МВР го уапси

„АЈДЕ БРЕ ЕУ, ЕДЕН ВЕТИНГ“: За Најчевска, Бугарија не заслужува да биде членка на ЕУ

„АЈДЕ БРЕ ЕУ, ЕДЕН ВЕТИНГ“: За Најчевска, Бугарија не заслужува да биде членка на ЕУ

ГОЛЕМА ЕКО АКЦИЈА НА РОТАРИ КЛУБ СКОПЈЕ ВАРДАР 245: Се чистеа паркинзите на патниот правец Гостивар - Стража

ГОЛЕМА ЕКО АКЦИЈА НА РОТАРИ КЛУБ СКОПЈЕ ВАРДАР 245: Се чистеа паркинзите на патниот правец Гостивар - Стража

ЌЕРКАТА НА ИСЧЕЗНАТАТА ЛИДИЈА ЈА РАСПЛАКА МАКЕДОНИЈА, ОБЈАВИ ЕМОТИВНА ПОРАКА: „Душата моја, мајче моја, очите мои“

ЌЕРКАТА НА ИСЧЕЗНАТАТА ЛИДИЈА ЈА РАСПЛАКА МАКЕДОНИЈА, ОБЈАВИ ЕМОТИВНА ПОРАКА: „Душата моја, мајче моја, очите мои“

СКОПЈАНЕЦ МОЛИ ЗА ПОМОШ ДА СИ ГО НАЈДЕ ВОЗИЛОТО: Го возел неговиот татко, заборавил каде го паркирал!

СКОПЈАНЕЦ МОЛИ ЗА ПОМОШ ДА СИ ГО НАЈДЕ ВОЗИЛОТО: Го возел неговиот татко, заборавил каде го паркирал!

„ДА БИДЕМЕ НА ЧИСТО, БОРЦИТЕ НА УЧК БЕА ТЕРОРИСТИ“: Најчевска вели во Владата тогаш имало претставници на албанска политичка партија

„ДА БИДЕМЕ НА ЧИСТО, БОРЦИТЕ НА УЧК БЕА ТЕРОРИСТИ“: Најчевска вели во Владата тогаш имало претставници на албанска политичка партија

„СЕ ПЛАШАМ ДА ЈА СПОМНАМ, ТЕ МОЛАМ НЕ МЕ ПРАШУВАЈ“: Синдикалци од ЈСП, советничка од СДСМ и поранешен инспектор со сведоштва за тоа што трпеле од Арсовска

„СЕ ПЛАШАМ ДА ЈА СПОМНАМ, ТЕ МОЛАМ НЕ МЕ ПРАШУВАЈ“: Синдикалци од ЈСП, советничка од СДСМ и поранешен инспектор со сведоштва за тоа што трпеле од Арсовска

ПОДГОТВЕТЕ СЀ ЗА ТОА ШТО ДОПРВА ДОАЃА: Од денес температурите уште повеќе ќе опаѓаат

ПОДГОТВЕТЕ СЀ ЗА ТОА ШТО ДОПРВА ДОАЃА: Од денес температурите уште повеќе ќе опаѓаат