ММА против ЗАМП - ќе тужат поради забраната за емитување македонска музика
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2016
Од Македонската медиумска асоцијација најавија тужба за Здружението за заштита на авторски музички права, затоа што пред две недели забранија јавно да се емитува македонска музика.
Одземање на дозволата за работа на ЗАМП од Министерството за култура бараат сите корисници кои емитуваат македонска музика во етерот.
Од ММА велат дека ЗАМП бара големи тарифи за емитување на музика од нивните автори, 750 денари за минута, што на Здружението би му донело милионски суми на заработка.
Надлежните министерства апелираат да се почитуваат законските норми и да се најде заеднички јазик од кој бенефит ќе имаат и медиумите, но и авторите и гледачите.
Од 20 септември ЗАМП одлучи да забрани емитување на македонска музика на радиостаниците и телевизиите. Голем број автори своето незадоволство од работењето на ЗАМП го изразија со формирањето на нова организација Сојуз на композитори на Македонија СОКОМ МАП.