МНР: Димитров и Коѕиас разговарале за средба на експерти од областа на историјата
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2017
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и неговиот грчки колега, Никос Коѕиас, на состанокот во Њујорк не разговарале за формирање заедничка комисија туку за средба на експерти од областа на историјата, велат од МНР за „Мета“.
„Она за што е разговарано на состанокот во Њујорк помеѓу Димитров и Коѕиас е во насока на иницијативата на Република Македонија од 2007 година за средба на историчарите од двете земји. На состанокот во Њујорк, соговорниците се согласија дека треба да се работи на надминување на историските предрасуди на Балканот во интерес на соработката и на заедничката европска иднина. Двајцата министри во оваа фаза разговарале за средба на експерти од областа на историјата, а не за формирање заедничка комисија, при што е разбирливо процесот да се однесува на двете страни“- велат од МНР.
Коѕиас во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ кажа дека со Никола Димитров се договориле да формираат заедничка комисија од експерти, кои ќе ги отстранат иредентистичките поими во учебниците и во географските карти.
Грчкиот министер за надворешни работи се надева дека до крајот на ноември ќе има првични резултати од работата на оваа комисија и, како што кажа, „ќе се изврши удар врз иредентизмот и врз картите со територијални претензии“.