На слобода пуштени двајца обвинети во „Шпион“
Објавено во: Македонија 27 Септември, 2016
Апелациониот суд Скопје, во понеделникот до Основен суд Скопје 1 – Скопје достави решение со кое на две лица осудени во „Шпион“, им се укинува мерката притвор и тие се пуштени на слобода.
Засега не се знае која е основата за ова. Миќо Насковски-Кумановац и Цветан Дамјановски, кои беа осудени во случајот „Шпион“ и минаа повеќе од 3 години во притвор, од вчера се на слобода.
Во „Шпион“, под обвинение за злосторничко здружување, шпионажа, злоупотреба на службената положба и уцена, на затворски казни во траење од една до 15 години беа осудени 19 лица. Највисока затворска казна доби Марјан Ефремов, кој според Обвинителството бил „мозокот“ на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Нему му беа изречени 15 години затвор.
Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое побара намалување на затворските казни.