(Не)возможна мисија на македонската дипломатија за решавање на спорот со Грција
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2017
Влегува ли Македонија во (не)возможна мисија кога е во прашање решавање на спорот со името што го има со Грција? Оваа дилема доби на интензитет по веста дека Скопје и Атина се договриле да формираат заедничка комисија од експерти кои ќе ги отстранат иредентистичките поими во учебниците и географските карти. Откако Македонија потпиша договор за добрососедство со Бугарија, постои ли тајна дипломатиска офанзива од страна на Македонија и Грција која работи на решавање на долгогодишниот спор со нашиот јужен сосед, со единствена цел влез на Македонија во НАТО и не ставање дополнителни препреки на патот кон Брисел.
Формирање на заедничка комисија од експерти кои ќе ги отстранат иредентистичките поими во учебниците и географските карти, ова го договориле министерите за надворешни работи на Македонија и Грција никола Димиров и Никос Коѕиас, а го изјави шефот на грчката дипломатија Коѕиас во интервју за грчката национална телевизија „ЕРТ“. Коѕиас изразил надеж дека до крајот на ноември ќе има првични резултати од работата на оваа комисија и како што кажал „да се изврши удар врз иредентизмот и врз картите со територијални претензии.“ Сепак, Грција ќе почека да завршат локалните избори во земјава за да види дали новата Влада може да влезе во посериозни преговори за името.
МНР - се разговараше за потреба, но не и за формирање на посебна комисија
Македонското министерство за надворешни работи, во својата реакција тврди дека официјалниот став бил оти треба да се работи на надминување на историските предрасуди на Балканот, но и дека во Њујорк на средбите меѓу двете страни станало збор за потребата од средби на експертско ниво, но не се разговарало за формирање на посебна комисија.
Никола Поповски: Прочистувањето на учебниците може да е продуктивно, но да има и реципроцитет
Поранешниот министер за надворешни работи од редовите на ВМРО ДПМНЕ Никола Поповски вели дека тоа може да биде продуктивно и корисно, но само ако прочистувањето на учебниците се прави на основа на реципроцитет односно и во двете држави.
„Јас повеќе би се залагал за пристап во кој би задржале реципроцитет, конечно доколку имаме и интерес да го воведеме во делот на согледување на учебници или образовни програми, да се направи рамномерно од инволвираните страни и за сите да важат истите правила. Ако е базирано на аргументи нема зошто да не чекориме напред“, изјави поранешниот шеф на македонската дипломатија Никола Поповски.
И покрај оптимизмот, Грците децидни прво решение на спорот, па потоа се друго
И покрај изјавата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас за формирањето на комисија за подобрување на добрососедските односи, сепак во грчкиот парламент и власта и опозицијата ги потврдија своите позиции - прво решение на проблемот со името, па потоа почнување на евроинтегративните и евроатланските процеси на земјава. Инаку, во интервјуто за националната телевизија „ЕРТ“, Коѕиас уште еднаш го повтори ставот на Грција дека, Македонија не може да стане членка на НАТО и ЕУ без да се реши спорот со името, што било предвидено и со времената спогодба. Инаку, крајот на август годинава македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров го пречка во МНР грчкиот колега Никос Коѕиас. Посета на Скопје е во рамките на процесот за нормализирање на односите меѓу Грција и Македонија. Коѕиас тогаш се сретна и со премиерот Зоран Заев, претседателот на државата Ѓорге Иванов, вицепремиерот за односи со ЕУ, Бујар Османи и претставници на политички партии во земјата.
Заев: Не сум подготвен да преговарам за идентитески прашања
Премиерот Зоран Заев не сакаше да го коментира брифингот на шефот на грчката дипломатијата Никос Коѕијас со грчките новинари во Њујорк, на кој истакнал дека прашањето за името има четири сегменти: првиот е името на државата и неговата примена, вториот е државјанството, третиот е јазикот и четвртиот се употребата на кратенките.
„Лично јас, не сум подготвен да разговарам за идентитетски прашања на нашата земја, изјави неодамна Заев по враќањето од Њујорк. На прашањето дали Македонија е подготвена да направи отстапки во преговорите со Грција, како што тоа го истакна во интервју за Независната балканска новинска агенција посредникот Метју Нимиц, и анализата на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во која вели дека Македонија најверојатно по локалните избори ќе прави промена на името на аеродромот, Заев рече дека „сите овие коментари се премногу далеку“.
Македонија веќе го затвори отворените прашања со Бугарија
Договор за иднината кој ќе го трасира патот кон стабилноста на двете земји, но и на регионот вака премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борусов го окаректеризираа потпишувањето на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија во јули годинава. Договорот се потпиша на официјалните јазици на договорените страни - македонски јазик согласно Уставот, и бугарски јазик согласно бугарскиот Устав, и двата текста имаат еднаква важност. На Договорот стојат потписите на премиерите Заев и Борисов. Го докажавме она што го ветивме - дека сме Влада што бара решенија и решава проблеми, договорот е и порака до ЕУ за посветеноста кон Унијата, истакна тогаш премиерот Зоран Заев. Со слични пораки и Бојко Борисов - договорот со години не се потпиша, но тоа не ја однесе Македонија ниту во НАТО, ниту во ЕУ. Критики додаде Борисов ќе има секогаш, тоа е демократија, но одговорна политика е да се работи за иднината, а иднината е во ЕУ, во добрососедството и соработката, заедништвото.
Р.Ф