01 Ноември, 2024
0.0313

Од истокот слабо фајде, се враќа ли Владата кон традиционалните европски играчи?

Објавено во: Анализа 20 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Сјајот на егзотичните источни потенцијални инвеститори како да обледе, па властите можеби сакаат повторно да се свртат кон проверените трговски партнери Се враќа ли Владата на традиционалните партнери од Западна Европа, откако неколку години наназад „експериментираше“ со источните дестинации, барајќи таму потенцијални инвеститори за земјава и нови пазари за македонските производи. Судејќи според „адресите“ на последните роуд-шоуа на премиерот Никола Груевски и владините делегации, јавноста би можела да донесе таков заклучок. Првиот човек на Владата вчера беше во Австрија, каде што пред стотина бизнисмени ги презентираше македонските потенцијали за инвестиции и бизнис, повикувајќи ги да го вложат својот капитал во Македонија и да ги искористат нејзините конкурентски предности. По Виена, следува бизнис форум и во Минхен, четврти по ред што Владата го организира во соработка со угледниот „Фајненшл Тајмс“. Претходно, на почетокот на декември лани, во организација исто така на „Фајненшл тајмс“, Груевски ги анимираше потенцијалните нови британски и француски инвеститори, на роуд шоуа што беа организирани во Лондон и во Париз. „Австрија во моментов е втор најголем инвеститор во Македонија. Ние сме овде за да помогнеме таа да стане првa. Овде сме да им дадеме информации на компаниите кои сакаат да ги искористат можностите што ги нуди Македонија“, е пораката што Груевски ја упати на бизнис форумот во Виена. Тој пред тамошните стопанственици се пофали дека Македонија е земја со стабилна економија, стабилна валута и низок  долг од 34,3 проценти од БДП. Како позитивен го посочи фактот што Македонија има склучено договор за слободна трговија со сите европски земји, не само од ЕУ, туку и со земјите од ЕФТА, Турција, Украина, и сите балкански држави. „Тоа отвора пазар од 660 милиони потрошувачи и значи дека секој што ќе произведе нешто во Македонија може да го извезе во земјите со кои имаме договор за слободна трговија без царина“, потенцира Груевски, а додаде и дека Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис, пред се поради даночниот систем. Премиерот се осврна и на гасификацијата и информира дека неодамна се потпиша договорот со Русија за вклучување на Македонија во Јужен Тек, а се пофали и со технолошко-индустриските развојни зони. Предностите на Македонија во Виена ги презентираа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо. На стартот на декември минатата година, пак, Груевски, придружуван од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заедно со Самак и Мизо, се обратија на бизнис форуми во Лондон и Париз, а се сретнаа и со македонските иселеници кои живеат или работат во тие држави. Станува ли збор за спласнати надежи од новите источни потенцијални бизнис партнери, откако големите очекувања што од нив ги имаа овдешните власти, на крајот резултираа со повеќе од скромни приливи на капитал и извоз на македонски стоки и услуги. Индија, Кина, Русија, Катар – проследивме серија посети на наши владини претсавници во тие држави и уште повеќе свечени пречеци овде на нивни функционери и бизнисмени. Но, дали конечните статистички бројки ги оправдаа големите трошоци што беа направени за сите овие промоции? Одговорот не е позитивен, барем според анализите што ги направи „Фактор“ за директните инвестиции што досега влегле во земјава од одделните држави, како и според трговската размена што сме ја имале со најзначајните партнери. Што зборуваат податоците за странските директни инвестиции, кои досега се изготвени заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година? Според овие бројки, прв најголем инвеститор во земјава е Велика Британија, со вложени 38,9 милиони евра во првите девет месеци од 2013 година. Втората позиција е резервирана за Австрија, со салдо на директни вложувања од 32,8 милиони евра, а трети по големината на инвестиции кај нас се Германците, чии капитал дојден на наша територија за таа временска отсечка е 15,6 милиони евра. Следуваат Турција со 12 милиони евра, а веднаш зад неа е Белгија, со 11,5 милиони. Во игра како инвеститор за Македонија се враќа и нашиот јужен сосед Грција, со вложени 10,3 милиони евра, откако во претходните години кога ескалираше кризата во таа земја, Грците ги повлекуваа своите пари од државава. По Грција доаѓа Кипар, со 8,4 милиони евра, Словенија со 8,1 милиони, и Швајцарија со 5,7 милиони. Значи, европските држави се убедливо најгоре на листите на врвни инвеститори во земјава. Одлевање на инвестиции кон Сент Винсент и Гренадини Прв на негативната листа, пак, со најмногу повлечени инвестиции, е оф шор рајот Сент Винсент и Гренадини, каде што за девет месеци лани се одлеале 28,4 милиони евра. Русија за таа временска отсечка ни „донела“ 1,51 милиони евра директни инвестиции. Од Индија, пак, каде што лани беа лоцирани големи надежи поради ветувањата на контроверзниот бизнисмен Субрата Рој, кој потоа доби забрана да ја напушта својата држава, во првите три квартали од 2013 во Македонија стигнале само 70.000 евра. Од Кина инвестицискиот скор е уште послаб и изнесува 20.000 евра, резултат кој помалку или повеќе се повторува неколку години наназад. Европските партнери се проверени Кога станува збор за трговската размена, пак, Државниот завод за статистика пред неколку дена само ја потврди сликата која одамна е добро позната, а таа е дека Германија и уште неколку европски земји остануваат да бидат најголеми и најквалитетни партнери на нашите компании. Германскиот стопански џин, што е веќе чиста класика, не само што остварува најголем обем на размена со земјава, туку и со него постојано имаме значаен суфицит, што значи дека таму повеќе извезуваме стоки и наплатуваме девизи, отколку што увезуваме нивни производи. Или, за цела мината година со Германија земјава имала вкупна размена од 2,23 милијарди долари. Од оваа сума, македонскиот извоз во Германија тежи дури 1,53 милијарди долари, а од таму се набавени стоки за 693 милиони. Односно, покриеноста на увозот со извоз е 221,1 отсто, говорат податоците на статистика. Потоа следуваат значајни европски партнери, каде што голема улога имаат и нашите соседи, но разликата е што во трговијата со нив многу повеќе увезуваме, отколку што таму извезуваме стоки и услуги. Всушност, освен со Германија, лани трговски суфицит сме имале единствено со уште две држави, односно Косово и Босна и Херцеговина. Втора според размената е Грција, со вкупен обем од 910 милиони долари, но од нив нашиот извоз во оваа соседна земја е само 212 милиони. Потоа, одлична позиција на листата зазема велика Британија, со која вкупно сме истргувале 807 милиони долари, но исклучително слаб иззвоз од 80 милиони долари, или покриеноста на увозот со извоз е само 11 отсто. Србија е четврти наш партнер со вкупна размена од 792 милиони долари и 270 милиони извоз, што е помалку од македонскиот извоз на Косово, кој лани вкупно тежел 276 милиони долари, од вкупно 306 милиони колку што сме размениле со таа земја, која е меѓу десетте најголеми трговски партнери на Македонија. Но, кога се набљудува косовскиот пазар, треба да се напомене дека една година претходно, во 2012,  таму сме имале многу поголем извоз, 392 милиони долари, и многу поголема покриеност на увозот со увоз. Во Бугарија нашиот извоз изнесувал 325 милини долари, а во Италија 275 милиони. Во Кина минатата година Македонија успеала да извезе 104 милиони долари, што е намалување во однос на извозот во 2012, кој бил на ниво од 159 милиони долари. Во Русија, пак, лани нашиот извоз изнесувал 32 милиони долари, слично колку и во 2012, 33 милиони долари. (Ф.Н.)