29 Март, 2024
0.0284

OЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА: Депресијата прераснува во рак на душата, алармот никако да се вклучи

Објавено во: Македонија 11 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Дека депресијата е сè поприсутна во нашето општество, потврдува Оливера Трајковска од Куманово, по професија теолог кој веќе неколку години ја проучува оваа појава. Во текот на своето истражување слушнала различни приказни, но вели на удар најчесто се младите. Сумираните искуства ќе бидат дел од книгата која ја подготвува.

Фактор: Дали депресијата зема замав во македонското општество?

Да. Со жалење морам да одговорам на ова прашање. Депресијата зема сè поголем замав во Македонија за што говорат и фактите: Енормната потрошувачка на антидепресиви, зголемениот број на суциди( самоубиства), апатијата кај населението кога се работи за суштински прашања( во моментот загадувањето на воздухот), зголемениот број на бракоразводни парници и многу други показатели. Секој втор човек е во блага фаза на депресија,  секако вклучувајќи ги тука и децата, но надлежните институции никако да стават акцент на ова прашање. Статистичките податоци даваaт нереална слика во споредба со реалната фактичка состојба по оваа проблематика. Депресијата полека прераснува во рак на душата, а алармот никако да се вклучи.

Фактор: Што ве натера да истражувате на оваа тема?

Иницијална каписла да почнам да истражувам и да се ангажирам на полето на депресијата беше момче од девет години во длабока фаза на депресија. Преку остварениот контакт и долготрајната борба, момчето денеска е среќен ученик и син! За овие четири години сум имала контакт со повеќе од 50 луѓе кои лично ги споделиле своите голготи, побарале совет, едноставно проговориле за депресијата. Дел од овие судбини со големо видоизменување ќе бидат објавени во мојата драма, која напролет излегува во печат и е посветена на депресијата и еден од можните начини на лекување..

Фактор: Кои фактори доведуваат до тоа луѓето да паднат во депресија?

Факторите се од различна природа: социолошка, психолошка, економска. Самото уредување на државата не дава подеднаков третман на сите граѓани. Имаме привилегирани и маргинализирани. Тоа доведува до повреда на личноста која и онака е разнебитена од економската состојба во која државата се наоѓа. Поголемиот дел од населението во Македонија живее во сиромаштија со недоволен месечен буџет, полупразна потрошувачка кошничка и неможност да ги задоволи своите елементарни потреби за пристоен живот. Политизацијата и партизацијата на државата се истотака многу важен момент. Политиката е навлезена во сите сфери на општествениот живот, а сето тоа и те како се рефлектира врз индвивидуата. Под притисок и директиви од оваа или онаа фракција, граѓанинот е во состојба на постојан стрес и страв за својата егзистенција. На долги патеки, сето ова доведува до апатија и депресија кај населението. Еден од факторите за појава на депресија кај младите е замена на индивидуалниот индентитет со колективниот. Се претопуваат, губејќи ја својата единственост и препознатливост во замена за тоа да бидат прифатени од опкружувањето. Сето ова, невидливо, но наменски наметнато се случува преку постојаната присутност на социјалните мрежи, зависноста од истите како неопходел дел  од животот. Како нус појава на ова имаме:

- Замена на живите контакти и насмевки со кратенки и емотикони во виртуелната конверзација.

- Искривена слика за реалноста, апатичност, потреба од брз успех и инстант кариера која е легитимна само на социјалните мрежи

  Кај децата пак депресијата доаѓа како последица на нарушената инситуција брак, материјалистичката трка во која родителите се вклучени, недоволно и неефективно поминато време на родителите со децата, фактот дека имаат сè што посакаат и можат да бидат тие кои ќе ги диктираат правилата во домот. Со еден збор, од една страна растурен дом- од друга наметнат детријархат.

Фактор: Која возрасна група е најподложна на депресија?

Показателите за тоа која старосна група е најподложна би можеле да ги бараме во статистиката. Но, јас не би се согласила. Фактичката состојба на терен е поинаква. Сепак, најпогодена група се  младите. Неквалитетно образование, немање можност да се биде разбран од средината, градење на заменски колективен идентитет наместо експонирање на посебноста на индивидуалниот, селективен пристап при вработување, партизација, моралната ерозија...  

Фактор: Од трибините и истражувањето што го направивте има ли некаков важен заклучок и порака до граѓаните како да се справат со депресија?

Истражувањето на полето на депресијата сèуште не е завршено, иако истражувам веќе 4 години. Во која смисла не е завршено? Секогаш се раѓаат нови моменти кои можат да иницираат нова состојба. Човештвото оди напред, се менуваат условите на живот, општествениот живот. Ние како единки  вклучени во овие процеси претрпуваме значителни промени. Трибините што ги организирав во Куманово и Свети Николе на мое задоволство вродија со плод. Отворија многу прашања, засегнатите проговорија, побараа совети, станаа свесни за присутноста на депресијата, презедоа конкретни акции, се запознаа со симптомите и начините за сузбивање на депресијата(нормално секој по своја определба бидејќи постојат повеќе методи на лекување). Едноставно кажано, го вклучивме алармот. Потребно е анимирање на јавноста преку кампања, почнувајќи од училиштата завршувајќи со домовите за стари лица, преку трибини, брошури, кратки видео записи. Насушна потреба е и отварање на центри за депресија со грижливо избран кадар(не само стручен), туку индивидуи кои целосно се даваат и ја работат работата со љубов затоа што депресијата бара посебен начин на лекување. Лекувањето не подразбира користење на антидепресиви и неколку сеанси годишно и резултатот од сето тоа- човек билка, туку изнаоѓање модуси за целосно ревитализирање на личноста и враќање на радоста како најважен елемент за квалитетен живот.

Би сакала да упатам порака до граѓаните: Бидете будни! Депресијата( дамата во црно како што Јунг ја нарекува)  стои на чекор од вас, а вие, можеби не сте ни свесни за нејзиното постоење. 

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница