Добивај вести на Viber
55.000 долари за да одржи предавање за кризата зема поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, јавуваат грчките медиуми. Весникот „Прото Тема“ цитира организатор на настан во Торонто, на кој Папандреу не успеа да присуствува поради гласањето за мерките за штедење кои од Атина ги бараа меѓународните кредитори. Според Џон Салмас, за да одржи предавање на вечера во Торонто, поранешниот грчки премиер побарал 55.000 долари во кои не се вклучени трошоците за патувањето, престојот и посетата на туристички локации. Папандреу го откажа патувањето во Канада по остри реакции дека нема да учествува во гласањето за мерките за штедење. Под наслов „Јоргос заработува еден милион долари од нашата несреќа“, „Прото Тема“ информира дека поранешниот премиер договорил 18 предавања и вечери со милионери од Цирих до Токио до следното лето, за кои ќе добие еден милион долари. Папандреу добива по 12.600 долари од универзитетот Харвард, а не се откажува ниту од платата во грчкиот Парламент.