26 Декември, 2024
0.0305

Платформа против граѓаните

Објавено во: Колумни 09 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

Повеќето граѓански ориентирани гласачи од последните парламентарни избори веќе се разочараа од заедничката платформа на албанските парламентарни партии. Очекуваниот приоритет за институционализирање на борбата против криминалот и неправдите падна во сенка на нагласената намера за максимирање на етничките барања. Не се ни прашуваат зошто во изминатата декада  за нив  не можело да се расправа, па сега се користи шансата од поделеното гласачко тело меѓу двете најголеми македонски партии да се изнудат некакви поголеми отстапки. Притоа, лидерите на албанските партии ги заборавија и изјавите дека нема да се преговара со осомничени за криминал, а етничките проблеми ќе ги решаваат со реформските сили во демократски реформирано општество. Бидејќи само тогаш може да има трајни и одржливи решенија. Така мислеше и поголемиот дел од етнички албанското гласачко тело. Тогаш, што ги заведе лидерите на парламентарните партии на Албанците на вака несмасно обмислен потег?

Индикативно е зошто наеднаш не се прави разлика меѓу злото и доброто, туку етничките барања се ставаат на преден план, притоа не водејќи сметка дали истите ќе ги реализираат  и со „ѓаволот“. Што ги натера албанските лидери да поверуваат дека  „сега му е мајката“ да се разговара за се’ што  е од интерес на гласачкото тело што го претставуваат, а помалку им е важно со кого разговараат? Одговорот сигурно ќе се добие во некоја блиска иднина и тоа директно од нив.

Во игра се два мотиви. Првиот, поверуваа дека  од осомничените за криминал можат да изнудат и не принципиелни отстапки за својата „кауза“, доколку  и самите „замижат“ и најдат разбирање за проблемите на осомничените. Ваквиот план е исклучително проблематичен, посебно за политичкото профилирање на новите парламентарни албански партии. Ако тие уште во самиот зарадиш почнат „тикви да садат со ѓаволот“, која ќе биде разликата во иднина меѓу нив и ДУИ? И вториот мотив е дека сакаат да пробаат што можат да добијат за возврат од „отпишаниот“, што повторно принципиелно е проблематично, со оглед на фактот што ако си се декларирал дека со криминаци не преговараш за нова влада, нема што понатаму од нив и да бараш.

Ваквата игра, меѓутоа, без оглед на мотивот  воопшто не е безазлена. Евентуалниот компромис за формирање влада со партијата на Груевски секако ќе ги задоволи интересите на партиските врвови на договорните страни. Но, не и на граѓански ориентираните гласачи, кои воопшто не се за занемарување, со оглед на фактот што после ДУИ, најмногу граѓани од албанска националност гласаа за СДСМ. Ним им е јасно дека продолжувањето на владеењето со лидерот не е на арно, што се покажа и досега. Затоа тие приоритетно бараа правна разврска за осомничените за криминал и извршени неправди од лица во врвовите на власта. Тие знаат дека само така ориентирана власт може истовремено  да ги спроведува длабоките општествено-економски и политички реформи препорачани од Прибе и Европската комисија. Станува збор за клучните реформи за кои се заинересирани гласачите на сите опозициони партии на декемвриските избори, вклучувајќи ги и етничките Албанци. Ним веќе не им значи ништо што некој полуписмен и по партиски заслуги ќе стане директор или министер, кога како невработени се регистрираат и врвни албански интелектуалци. Тоа е штета и за Албанците и за сите други во Македонија. Да не зборуваме за деформациите во економските политики од кои трпат бизнисите на припадници од сите етнички групи во земјата.

Со извесни нови прераспределби на постојниот БДП што се создава во земјата, според етнички, да не речеме, според партиски интереси, само ќе продолжи агонијата на стопанството, бидејќи годишниот раст на БДП што се создава одамна веќе не е доволен за сервисирање на достасаните долгови. И со таквата нова прераспределба само  краткорочно ќе се задоволат одделни  интереси на поединци и групи. Таквиот пристап не може долго да трае. „Должничката бомба“ набрзо ќе го наруши. Затоа е неопходна влада која има намера да се справи и со досегашните кумулирани проблеми  и да создаде услови за долгорочен одржлив развој. Без тоа, и Албанците и Македонците и другите ќе продолжат да живеат во партиски пашалуци. 

Оваа платформа можеше и да има некаква смисла само доколку во првите точки, таксативно се побараше продолжување на рокот на Специјалното јавно обвинителство и  формирање на Специјален суд, до расчистувањето на сите предмети од СЈО. Само на тој начин може да се зборува и да се очекува економски раст, благосостојба и воспоставување на нормални услови за живеење на сите граѓани. Се друго е само задоволување на личните и партиски интереси  на партиските врхушки во името на националните .

Да не дозволиме партиите да креираат платформа која раѓа повторно национализам, посебно после исклучителниот сенс за државотворност што го прикажаа албанските граѓани на последните избори. Национализмот им оди во прилог единствено на партиските елити и тоа оние најизвалканите, кои немаат што друго да понудат, а имаат алатка за потпалување на емоциите на лековерното членство.

Имено, се’ додека криминалците шетаат на слобода и располагаат со имотот кој го одземаа од народот без разлика на националноста, во Македонија поделбата најмалку ќе биде по етничка основа. Во периодот што следува ја имаме последната шанса со хируршки рез да се отстрани криминалното од здравото ткиво и кај Македонците и кај Албанците. Глупаво е оваа шанса да се пропушти за барања кои сами по себе ќе се реализираат или дел од нив ќе станат и небитни кога најголемиот број од граѓаните ќе живеат нормален живот во нормална држава, со вистински граѓански вредности.

д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Трамп и Путин очекуваат средба

Трамп и Путин очекуваат средба