ПОЧНУВА ШТРАЈКОТ: Водачот на синдикатот Ајтов добива закани по живот!
Kон легитимното раководство на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста се врши бесрамно силен притисок, при што се упатуваат и разни закани за прекоманди, бркање од работа на членови на нивните фамилии и разни други гадости, вели за Фактор, Ристо Ајтов
Објавено во: Економија 31 Октомври, 2016
Ристо Ајтов претседател на Синдикатот на одбраната и безбедноста, во разговор за Фактор открива дека му била пренесена порака за загрозување на неговиот живот, непосредно по најавата дека ќе поднесе кривична пријава бидејќи институциите дозволиле исклучен член нелегитимно со фалсификат печат и документи да се впише во Централниот регистар како нов претседател на Синдикатот. Штрајкот е најавен за в петок.
“Република Македонија ќе може со “гордост” да го носи епитетот на единствена држава во НАТО и Европа каде припадниците на Армијата штрајкуваат. Но да дадам мала ретроспектива на проблемите, Синдикатот на Одбраната и Безбедноста согласно статутот на СОБ и одлуките на органите и телата на СОБ на 10.12.2015 год. одржа Конгрес на СОБ. Потоа, поради непочитување на статутарните права и програмски обврски и нанесување штета на СОБ и неговите членови лицето Оливер Стојановски беше исклучен од членството. Од само нему познати причини, лицето Оливер Стојановски организирајки група од 21 лице, спротивно на Статутот на СОБ организираат т.н. “II статутарен конгрес на СОБ” на ден 16.01.2016 год. Лажно претставувајки се како член на СОБ (бидејки е исклучен од СОБ на 23.12.2015 год.) т.н. делегати на нестатутарниот конгрес донесуваат одлука за избор на Стојановски за претседател на СОБ. Иако знаат дека извршиле грубо прекршување на Статутот и дека без соодветна процедура и одлуки на легитимните органи и тела како и користење на документи без соодветен печат и деловоден број организирале т.н. “II статутарен конгрес на СОБ”, сепак лицето Оливер Стојановски на 26.04.2016 год. поднесува барање проследено со пропратна документација (без печат и деловоден број на СОБ) до Министерството за труд и социјална политика за упис на промените извршени во СОБ”- објаснува Ајтов.
Министерството за труд и социјална политика според него со допис се обратило до Синдикатот со укажување дека за промена на овластено лице за застапување е потребно да се достават заверени документи со печат. Но дописот како што вели наместо во Синдикатот на одбраната според за него нејасни околности стигнало до Стојановски, кој во име на СОБ повторно се обратил до МТСП и доставил документација со печат. Но печатот, тврди Ајтов видно се разликувал од синдикалниот печатот.
“Лицето Оливер Стојановски изработил печат на непостоечко правно лице и истиот го употребил како печат на СОБ на дописот до МТСП.Министерството врз основа на таквите документи донесува решение и истото го доставува до Централен регистар кој го запишува како овластено лице за застапување на СОБ. Свесен дека незаконски и нестатутарно и со фалсификувани документи со употребен лажен печат, успеал сам или со помош на лица вработени во МТСП да издејствува решение во своја корист (решението е потпишано со факсимил на Министерот за труд и социјална политика) сепак продолжува со своите незаконски постапки и врши злоупотреба на финансиските средства од сметката на СОБ, како и насилно влегување во канцеларијата на СОБ лоцирана на 8-ми кат во зградата на Сојузот на Синдикатите на Македонија”- додава Ајтов.
Тој како легитимен претседател на СОБ, вели се обратил во министерството и ги известил за направениот фалсификат барајки итна постапка.Ресорното министерство донело ново решение поништувајќи го претходното во корист на Стојановски и истото го доставило до Централенниот регистар да се врати почетната состојба, односно Стојановски да се избрише од одговорно лице. Правдата Ајтов ќе ја бара пред суд.
“Централниот регистар и покрај моето укажување ја одолговлекува постапката за спроведување на решението на МТСП и му овозможува дополнително време на лицето Оливер Стојановски да врши незаконски дејствија. За незаконски и нестатутарно одржаниот конгрес, за употребени документи со невистинита содржина и лажен печат поднесовме кривична пријава, во тек е поднесување и на втора кривична пријава поради можна злоупотреба на финансиските средства од сметката на СОБ од причина што лицето Оливер Стојановски има подигнато 550.000,00 денари во готово во првите неколку дена од неговото незаконско назначување за одговорно лице”- потенцира претседателот на Синдикатот на одбраната.
Ајтов е убеден дека целата хајка против него и највисокото раководство се води поради единството кое владеело во синдикалните редови и гласно искажаните проблеми во секторот одбрана.
“Во оваа незаконска и нестатутарна постапка, имаме сериозни индикации дека прсти имаат замешано и одредени личности од власта и од ССМ на кои им боде во очи силното единство на членовите.Членовите на СОБ неможат да поверуваат дека во Македонија е можно на ваков незаконски начин (својствен само во некои Афрички држави) да се упадне и превземе институција како што е Синдикатот на Одбраната и Безбедноста и секојдневно ни изразуваат подршка”- додава Ајтов.
Како синдикат вели повеќе од една година се обиделе преку социјален дијалог со министерот за одбрана да најдат решение за надминување на проблемите, но и покрај аргументираните барања за подобрување на стандардот на вработените, но надлежните според него останале “глуви” и не превзеле никакви чекори за подобрување на состојбата.
“Покрај главниот проблем на ниските (социјални) плати и маргинализација од страна на владата во однос на зголемувањето на платите на припадниците на МВР, припадниците на АРМ се соочуваат и со недостаток на униформа и опрема, постојано доцнење на исплати на надоместоците на плата, доцнење на исплати за ангажирање на јужната граница, постојан проблем со греењето во зимскиот период во касарните и објектите и многу други проблеми. На крајни граници на издржливост сме и ситуацијата е повеќе од алармантна.Ова е само дел од сликата за мизеријата во АРМ, која влијае на нивото на борбената готовност, а со тоа и врз безбедноста”-потенцира Ајтов.
И покрај заканите и притисоците адресирани до него и потесното синдикално раководство, децисно вели дека ништо нема да ги поколеба кон решавање на проблемите во Министерството за Одбрана и АРМ, кои може да предизвикаат сериозни последици по безбедноста.
“На Република Македонија и се потребни луѓе кои ќе ја водат државата во посветла иднина, притоа некористејки знак на равенство (=) помеѓу државата и партизацијата на истата, немешајки ја партиската определба со чувството на патриотизам и љубов кон Р. Македонија. Лица со високи морални вредности кои нема да ја гледаат “фотељата” како средство за лично богатење и земање на провизии од разните тендерски постапки, и чии што фамилии ќе живеат и работат во Р. Македонија” -порачува претседателот на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста.
С.Б.