Поради навреди Јанева ја напушти седницата на Советот на јавни обвинители
Објавено во: Македонија 28 Септември, 2016
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска ја напушти седницата на Советот на јавни обвинители.
Таа вели дека ѝ се врши мобинг и дека обвинителите ја прашувале за сè друго, само не за извештајот.
Јанева е револтирана од личните навреди од Зоран Сулејманов – член на Советот кој почнал да ја напаѓа за работи кои не се однесуваат на Извештајот на СЈО.
„Морам да кажам дека последните прашања, кои повеќе беа навреди на лична основа, не беа во ред и токму од тие причини ја напуштив седницата. Мислам дека моето мислење го делат и другите членови на Советот на јавни обвинители, кои, исто така, ја напуштија седницата“ – рече Јанева.
Сулејманов ја обвини Јанева дека е непрофесионална, не си ги извршува своите обврски и не сака да одговара на прашањата што тој ѝ ги поставува. Тој рече дека Јанева зборува само за тоа што таа сака да зборува и дека не покажува никакво почитување кон Советот. Сулејманов рече дека Јанева ги исполнува условите Советот да побара нејзина смена.
Јанева пред два дена ја напушти и собраниската седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците од истите причини.
Таа го презентираше извештајот за работа на СЈО за период од шест месеци.