Пратениците изгласаа минимална плата од 200 евра
Објавено во: Економија 18 Септември, 2017
Пратениците во Собранието денеска со 70 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан ги изгласа измените на Предлог-законот за зголемување на минималната плата со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата од 12.000 денари.
Во текот на расправата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека предлог законот за зголемување на минимална плата нема да го подобри стандардот на граѓаните ниту ќе ја раздвижи економијата. Сметаат дека предлогот на Владата е предизборна популистичка мерка од која граѓаните нема да имаат бенефит на долг рок.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Цуклев рече дека ќе настанат проблеми поради обврската, работодавците во рок од 30 дена да донесат правилник за нормиран учинок што ќе ги погоди работниците, а според него проблематични се и критериумите.
Владејачкото парламентарно мнозинство е со став дека минималната плата од 12.000 денари ќе доведе до раст на просечната плата, животниот стандард, а со тоа и на целокупната економија.
„На 13 септември 2015 година, ние тогаш како опозиција, поднесовме предлог закон за минимална плата и тој истиот вие го одбивте со смешно образложение, дека ако тој закон се донесе 30.000 работници ќе останат без работа“- рече Васко Ковачевски, пратеник на СДСМ.
Зголемувањето на минималната плата ќе важи за сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската и текстилната индустрија.
За таа цел месечно од државната каса за субвенционирање на фирмите ќе се одвојуваат по 1,5 милиони евра.
Расправата по другите точки на дневен ред од 12-та седница претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа за утре во 11 часот.